Дали некогаш ви се случило да гледате филм или серија и потоа да не сакате да престанете да читате за одгледаното, за актерската екипа или за режисерот, да навлегувате длабоко во историјата на обработената тема? Или можеби сте гледале театарска претстава, концерт или танцов перформанс од кој сте излегле со силни чувства и впечатоци, но не сте сигурни што точно чувствувате и како да го опишете тоа со зборови? Ви се случило ли да излезете од салата целосно збунети, но искуството од изведбата на која сте присуствувале да ви стане многу повозбудливо сеќавање откако ќе прочитате туѓо мислење или интерпретација?
Ако кое било од прашањава ги опишува вашите искуства, тогаш потребен ви е „дијалогот што недостига“.
Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ годинава го одржа својот прв јубилеј, односно десеттото издание, кое веќе неколкупати го одбележавме и овде на PopUp: преку интервјуата со Невена Алексовски и Христина Иваноска за нивните изложби што беа дел од програмата на ППЖ10, најавата на нивната филмска програма што беше посветена на игра, а сега и преку пренесување на нивниот труд да го надополнат „дијалогот што недостига“ за танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ чија премиера се одржа на 16.11.2022 година.
Тиииит! Инк. велат дека „современите изведувачки уметности може да делуваат херметично поради тоа што отстапуваат од традиционалните линеарни постапки во креирањето, како на пр. развоен наратив во форма на текст според кој се водиме или либрето. Затоа Изведувачката програма на ППЖ и ЛОКОМОТИВА воспоставува форма на ‘разговор со уметниците’ како практика на рефлексија или дијалог што недостасува – за да откриваме и да создаваме повеќегласие за современата изведувачка уметност, заедно да ја гледаме, да ја исчитуваме и да промислуваме за неа“.
„Првиот од серијата разговори, одржан по премиерата на „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска, го заокружуваме со текстовите на нашите две соработнички Душица Лазова и Елизабет Колевска, кои пишуваат за делото на Викторија низ различни перспективи – родова, теориско-уметничка, изведбена и перформативна. Нивните текстови можете да ги прочитате на интернет-страниците на ЛОКОМОТИВА и Тиииит! Инк.“