Едно тмурно скопско пладне, се сретнавме со уметницата Невена Алексовски во студиото на „Приватен принт“. Светлиот галериски простор и ведрината на Невена и на Марија, која е дел од тимот на „Приватен принт“, беа добредојден контраст на метежот и вревата на „Партизанска“. Изложбата „Земјата во нашите џебови“ на Невена беше веќе спремна, заедно со нејзината книга „Меланхолија на напуштените краишта“. Овој проект таа го изработи на покана на „Тиииит! Инк“ и „Приватен принт“, а е дел од јубилејното десетто издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, чија тема е „Години будни“. Изложбата се отвора на 13.10.2022 година во студиото на „Приватен принт“, во 19 часот. На почетокот на настанот уметницата ќе даде краток вовед во нејзиниот процес и она што се содржи во изложбата и во книгата.
Од каде потекнуваш и која е твојата приказна?
Родена сум во Бор, рударски град во источна Србија, но по завршување на средното училиште, моето семејство се пресели во Нови Сад, каде што студирав сликарство. По дипломирањето, се преселив во Љубљана, каде што живеам веќе 13 години и каде што магистрирав културологија. Мојот фокус е на работењето како професионална уметница, но покрај тоа работам во едукација, соработувам со разни галерии и проекти од областа на современата уметност. Она што можеби е најважно за овој проект (кој го изложувам во Скопје) е дека моето семејство потекнува од Македонија. Моите баби и дедовци се преселиле во Србија кога биле многу млади.
Како изгледаше доаѓањето овде по сиве овие години?
Кога ја добив поканата да учествувам на „Прво па женско“, знаев дека сакам да се занимавам со овој дел од мојата семејна историја. Потеклото од Македонија не можев да го занемарам. Откако се договоривме да го реализираме овој проект, јас и Јана Старделова (кураторката на изложбата) дојдовме заедно во Македонија и ги посетивме селата во Кривопаланечкиот регион од каде што потекнуваат моите предци. Успеав да стапам во контакт со некои роднини, кои ме прошетаа низ селата и ми раскажаа многу приказни. Овие села, кои некогаш биле самоодржливи, сега се обземени од прекрасната природа што ги опкружува и се целосно напуштени. Вредните жители што се грижеле за нив веќе одамна се отселиле. Бев трогната од промената што ја доживеала оваа област по толку кратко време, бидејќи јас сум само трета генерација иселеници од моето семејство.
Се чини дека навраќањето на потеклото, на предците и приказните за нашите корења со кои растеме, е нешто што се прави откако веќе ќе се изградиме како личности, ќе станеме свои и ќе умееме со љубов и почит да им пријдеме на тие откритија. Понекогаш тие приказни можат да бидат товар исто толку колку што можат да бидат дар и извор на длабока поврзаност со некое место или со сопствената лоза.
Да, навистина е така. Врската на моето семејство со Македонија беше ослабната по турбулентните 1990-ти години и овој проект ми даде можност одново да се поврзам со оваа област, да разберам што значи да се потекнува од некаде и како тоа го гради мојот идентитет. Додека растев, дефинитивно не бев толку заинтересирана за овој дел од мојот идентитет и немав силно чувство на припадност никаде. Можеби затоа и ми беше лесно да се преселам, бидејќи не чувствував длабока поврзаност со ниедно место.
Се обидов да разберам како живееле моите предци, но и зошто си заминале и никогаш не се вратиле. Сакав да го разберам подобро моето потекло, но трагав и по универзалното во оваа приказна – напуштањето на домот во потрага по побезбеден и подобар живот, како и живеењето во тој меѓупростор помеѓу домот што го напушташ и новите места што сè уште не се твој дом. Во сегашноста, преселбата е истовремено нешто многу вообичаено, но и нешто што сè уште се третира како проблематично во одредени сфери. На пример, мојот прадедо е првиот од моето семејство што го напуштил ова село. Имал 18 години и пешачел 200 километри за да најде работа во рударско село. Тоа е огромна жртва, која многумина ја направиле за своите потомци, а која е реалност на многу луѓе и денес.
На некој начин „Меланхолија на напуштените краишта“ е опис на таа трансгенерациска траума на миграција и преселба, која е дел од толку многу семејни приказни. При разгледувањето на книгата, забележлива е нежноста со која материјалот е создаден и е прикажан, но и почитта со која им се обраќаш на твоите предци преку него.
Цртежот е мојата основна техника и знаев дека во овој проект фокусот ќе биде ставен на тоа. За мене цртањето не е процес на илустрирање на моите мисли, туку процес на откривање што се крие во мене на некое ирационално ниво. Тоа е секојдневна практика, ми служи за забележување на моите мисли, но ми влијае и терапевтски. Во овој проект, цртежот беше начин да комуницирам со тој дел од мене кој е заинтересиран за своето потекло и темите што ги обработувам. Цртежите се надополнети со текст и фотографии што ги направив јас или кои се дел од семејната архива и заедно сите тие креираат визуелна поезија преку која комуницирам со моите предци. Сакав да им оддадам почит, љубов и благодарност за сè што направиле тие за нас.
Слушајќи те како зборуваш за ова, добив чувство дека тој вид цртеж е нешто што е карактеристично за деца. Кога сме мали, пред да почнеме да учиме да цртаме, нашите цртежи се израз на нашиот внатрешен свет и нема притисок да личат на нешто од надворешниот свет. Сите информации содржани во тој цртеж ги пренесуваат самите линии, нивната форма и ритам, без да личат на конкретни слики од опкружувањето. Се прашувам колку овој процес наликува на креативниот израз на дете, можеби на детето што ти си била кога првпат си ги посетила тие села со твоето семејство.
Целосно се согласувам со тоа и ми се допаѓа таа забелешка. Навистина таков беше процесот и линијата со која цртав.
Голем дел од работата на овој проект се случи во текот на твојата двонеделна резиденција во Скопје. Како се рефлектираше твоето присуство овде во материјалот кој го создаде?
Поминав две недели овде, во Скопје, работејќи на материјалите. Дел од нив ги донесов со себе, но најголемиот дел беа продуцирани тука. Додека престојував овде, одев на долги прошетки низ градот и навистина се поврзав со него. Сакав темите што ги истражував да ги поврзам со овој град и така создадов едно дело што на некој начин го претставува мојот прв впечаток од Скопје, а направено е од парчиња бетон, кои беа расфрлени околу улици што се реновираат. Ме привлече естетиката на овој материјал, но и фактот дека тоа се парчиња што повеќе не можат да се совпаднат со дупките во улиците од кои се извадени.
Како изгледаше процесот на уредување на материјалот и соработката со кураторката и со уредниците?
Поддршката што ја добив од „Тиииит! Инк“ и „Приватен принт“ беше исклучителна привилегија и целото искуство за мене е особено важно. Ваквите можности се вистински ретки и морам да нагласам колку се важни ваквите партнерства и организации за одржување на уметничката сцена во регионот. Процесот на соработка со нив беше прекрасен, дозволивме да трае и да не го забрзуваме насила. Работевме речиси цела година, така што имавме време да се запознаеме и навистина им верував.
За крај, би сакала да те прашам за родовиот аспект на оваа тенденција кај жените уметници да се соочуваат и насочат кон исцелување на тие трансгенерациски трауми какви што се напуштањето на домовите, војните итн. На некој начин, ова е продолжение на исцелувачките практики што традиционално ги практикувале жени, особено во периоди кога науката и интелектот не доминирале на ист начин како сега, оставајќи простор тој процес на лекување да се случува на емотивно и на духовно ниво, во внатрешните и во надворешните пејзажи на луѓето. Што мислиш ти за ова?
Не би сакала да звучам езотерично, но можеби има нешто во оваа работа на кое ние жените сме почувствителни. Тоа се надоврзува на движењата за ослободување и еманципација на жените, кои се случуваат глобално веќе неколку децении. Никогаш не сме биле олку поврзани една со друга и сигурно тоа влијае врз овој феномен. Мислам дека тоа е прекрасно и дека многу убавина може да произлезе од овие процеси. Сепак, сметам дека е најважно тоа што конечно ние жените си дозволуваме, пред сè, самите да се исцелиме и да се освестиме, а потоа тоа да го пренесеме и во нашето опкружување. Неправдата што историски ја претрпеле жените е нешто што секоја од нас го носи во себе и нашата способност да си пружиме љубов и добрина самите на себе е вистински субверзивен чин во сегашноста.
Автор: Клелија Живковиќ
Фотограф: Гоце Лалковски