Динамичната и забавна програма на јубилејното десетто издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција продолжува да го оживува Скопје. По нашиот разговор со Невена Алексовски и нејзината прекрасна изложба во рамките на овој фестивал, ви ја пренесуваме филмската програма, чија цел е „да замислуваме и да измислуваме бескрајни ‘што ако…’ ситуации, да бидеме некои други луѓе и да имаме разбирање за некои други состојби, да имаме некакви други моќи, да замислуваме и креираме повозможни иднини. Да играме“.
Филмската програма содржи четири филма, курирана е од Кумјана Новакова, а таа и Диана Туседо ќе одржат и работилница, чии учеснички и учесници ќе можат да навлезат подлабоко во темите обработени во филмовите, но и во играта на која инсистираат самите филмови, оваа програма и нејзините организаторки. Сите информации во врска со пријавувањето и со програмата на овој фестивал најдете ги на нивниот Фејсбук-профил.
Секоја година програмата на фестивалот „Прво па женско“ нè потсетува да не забораваме на радоста при соочување со товарот на светот. Борејќи се со секојдневните предизвици, радоста често ја спуштаме сè пониско на листата на приоритети, а играта е нешто што им го дозволуваме само на децата. Но, колку светот станува понеправеден и збунувачки, толку повеќе се чини дека радоста и играта можеби сепак се две од најважните работи што ги имаме. Тие нè ослободуваат и нè возбудуваат, а најмногу од сè ни овозможуваат да се поврземе едни со други, нешто што упорно се обидуваме да го постигнеме со многу покомплексни методи. Но, можеби одговорот е поедноставен? Ајде да играме 🙂
Еве ја програмата на годинешното игралиште на ППЖ:
21.10.2022 / 20 ч. во Кинотека на Македонија
Муценбахер / MUTZENBACHER (+18)
Рут Бекерман
Австрија, 2022, 100′
Преку оглас во весник, Рут Бекерман објавува повик за кастинг за филм заснован на познат порнографски текст. Повеќе од сто години, романот „Жозефин Муценбахер или приказната за една виенска курва“ е предмет на контроверзии поради похотното прикажување на детската и на женската сексуалност. Иако забранет одреден период, станува збор за славно, светски познато дело на виенската литература. Сто мажи се соочени со извадоци од романот во време кога иако сексот е поприсутен од кога и да е, морализирањето е сѐ уште присутно.
22.10.2022 / 20 ч. во Кинотека на Македонија
Нишај се и играј / Swing and Sway
Чика Барбоса и Фернанда Песоа
Бразил, 2022, 82′
Годината во која сè радикално се промени, во која вистинските и невидливите граници добија нови димензии, е коренот на оваа филмска провокација. Две девојки, разделени од северната и од јужната хемисфера на Америка, имаат намера да танцуваат во метежот од слики, насилство, фрустрации и желби. Тоа го прават преку игра, која преку впишувањето на авторките и на жените околу нив овозможува дијалог што станува реален и живописен, како средба, како прегратка што одлучно ѝ се спротивставува на далечината.
23.10.2022 / 18 ч. во Кинотека на Македонија
Сексуалниот живот на баба / Granny’s Sexual Life
Уршка Џукиќ, Емили Пигар
Словенија, Франција, 2021, 14’
Четири стари жени преку своите сеќавања од старите времиња ја рефлектираат својата младост, но и за тоа колку различни биле односите меѓу мажите и жените тогаш. Нивните гласови се спојуваат во еден единствен глас, гласот на баба Вера, која ја раскажува својата приказна во детали. Патувањето во младоста на бабата и сеќавањата на нејзиниот интимен живот, го илустрираат статусот на Словенките во првата половина на 20 век.
23.10.2022 / 18:15 ч. во Кинотека на Македонија
Она што останува зад нас е истетовирано на нашите очни капаци / Tattooed on Our Eyes We Carry the Aftertaste
Диана Туседо
Шпанија, 2022, 26′
Собирачките на школки во Редондела се трудат секој ден на плима да сеат, да копаат и да се грижат за прагот помеѓу морето и песокот. Во симбиозата, колективната свест и наклоност произлегува од нивните тела, нивните гестови и од нивните зборови.
Автор: Клелија Живковиќ