Кога го пишував првиот текст за журкање, тоа беше некој вид шега на сопствена сметка. Поради неколку различни фактори се почувствував остарено и тој текст беше начин да се потсмевам со себеси и да си ги ослободам мислите од бизарното самосожалување дека сум стара на цели 33 години. Она што не очекував дека ќе се случи е дека подобро ќе ја запознаам мојата љубов и љубопитност кон ноќната супкултура, која иако знаев дека ја имам, мислам дека ја потценував бидејќи, како што напишав во тој текст, многу сакам добра музика, но сакам и да заспивам рано. По тој текст оваа љубопитност почна да се претвора во своевиден серијал, кој документира разни аспекти од ноќниот живот. Во меѓувреме ги објавивме прекрасните аналогни фотографии на Јована од ноќниот живот во Скопје и приказната за обуката за вратарки во познат берлински клуб на Андреа. Додека ова се случуваше, не очекувајќи тоа да води никаде, му пишав имејл на ноќниот градоначалник на Амстердам да се чуеме и да направам интервју со него, бидејќи би сакала да слушнам што значи таа титула практично, но и лично за него, и како оваа супкултура се вклопува во динамичниот развој на Амстердам. На мое изненадување, Рамон се согласи и пред неколку денови разговаравме на Зум.
Амстердам е првиот град во светот што почна да ја создава оваа титула на „ноќен градоначалник“. Музичкиот колектив „De Nachtwacht“ или „Ноќните чувари“ бил составен преку избори одржани во мултимедијалниот простор Парадизо во Амстердам, со иницијален мандат од три години. Во 2014 година оваа титула станала институционализирана, односно добила советодавна улога во градската власт на градот Амстердам. По Амстердам следувале и други градови во Европа и во светот.
Која е твојата лична поврзаност со ноќниот живот?
– Започнав како посетител, на почетокот најмногу одев во клубови и на фестивали и бев маѓепсан од убавината на ноќниот живот и култура. Кога бев во клуб, се чувствував како да припаѓам на заедница, ги впивав светлата, музиката, квалитетот на звукот, а луѓето што беа таму, ме инспирираа да посакам да бидам и јас дел од таа средина. По тој момент почнав моите ноќни излегувања да ги правам посвесно и со намера да го отворам мојот ум, но и да запознавам што повеќе луѓе и истомисленици. Почнав да се интересирам и за процесот на креирање на програмите, графичкиот дизајн на визуелните елементи, танцовите движења – сите видови уметност што се среќаваа во тој процес се во хармонија во клубот.
По моите студии по културен менаџмент и продукција на настани, ова ми стана и професија и веќе осум години работам во продукција на ноќниот живот во различни улоги: како проектен менаџер, креатор на програми, а од пред неколку години и како дел од фондацијата „Night Mayor“ како нејзин претседател.

Кога велиш дека ти си претседател на фондацијата, дали тоа значи дека ти си „ноќен градоначалник“? Дали ноќен градоначалник е една личност?
– По неколку години неформално дејствување, кое започна во 2003-та, фондацијата официјално е основана во 2014 година бидејќи беше потребно позицијата на ноќен градоначалник да биде поткрепена финансиски и структурно, а знаењето што досега сме го создале треба да биде зачувано за следните генерации. Јас сум претседателот на фондацијата и ноќниот градоначалник, но јас сум единствениот ноќен градоначалник што не беше избран туку фондацијата го назначи откако тогашниот избран ноќен градоначалник се повлече од позицијата. Затоа најчесто се нарекувам себеси претседател на фондацијата или заменик градоначалник.
Освен сѐ она што ми го кажа, што те привлекло во оваа супкултура и индустрија, што ти значи оваа улога на ноќен градоначалник (или заменик :)) тебе лично? Кои се некои добри или лоши искуства што си ги имал низ годините?
– Еден од проблемите на кои наидов низ овие години е недостигот на простор за новите генерации да креираат свој ноќен живот. Јас, всушност, основав и свој клуб, кој беше нелегален бидејќи не можевме да добиеме дозвола, но кој на некој начин го основав од фрустрација токму кон тоа. Секако дека јас сакав овој клуб да го отворам на „правилниот начин“, но сакав и да биде место што ќе биде достапно секому и каде што секој ќе може да создава уметност и ноќна култура, што е вистински тешко во Амстердам. Почувствував дека сум во позиција да го променам ова и да го искористам мојот глас и мрежа за да овозможам средина во која нови генерации ноќни создавачи ќе бидат добредојдени. Сето ова произлезе од недостигот на простор и слобода, кој јас лично го искусив и кој сакав да го променам.
Голем предизвик беше и пандемијата со КОВИД-19, која беше напорен период за мене лично бидејќи не само што беше моја одговорност да го застапувам ноќниот живот, туку затоа што тој е дел и од мојот приватен живот. Фондацијата беше силно погодена од пандемијата и мојата улога се претвори во решавање проблеми и обидување да ја спасам фондацијата за да може да опстане. Тоа беше многу тешка задача, но јас и понатаму сум среќен што сум во оваа позиција.
Неодамна почнавме со проектот „Club ethics“ (клупска етика), кој е посветен на социјалната безбедност на клубовите во Амстердам. Ова беше првпат во историјата на Амстердам клубовите заедно да работат кон пишување на својата клупска политика за тоа како нивните клубови да станат поинклузивни и социјално побезбедни простори. Направивме огромно истражување пред да почнеме со работа на овој проект и откривме дека многумина не се чувствуваат безбедно или вклучено во ноќниот живот. Сфативме дека мораме нешто да промениме и секој да ја преземе својата одговорност во тоа, вклучувајќи ги клубовите. Ова беше тешко бидејќи клубовите ретко сакаат да го променат нивниот status quo, потребна е голема храброст да се погледнеш себеси и да се запрашаш „дали навистина мојот клуб е безбеден простор?“, а често беше потребна и некаква инвестиција.
Ова ја отежна мојата работа, понекогаш менаџерите на клубовите ми се спротивставуваа кога посочував дека има личности што се чувствуваат небезбедно во нивните простори. Но, јас чувствував одговорност да ја направам оваа промена, особено затоа што и јас ја бев искусил таа небезбедност во дел од клубовите. Во град што олку брзо расте, безбедните простори не успеваат да опстанат бидејќи најчесто не се комерцијални и не обезбедуваат доволно профит, па затоа огромна е потребата просторите што опстануваат да бидат безбедни.

Импресивно е тоа што клубовите се сложиле да работат заедно за да го напишат тој етички кодекс. Дали сега тој кодекс прејде во закон, или останува на ниво на клупска политика?
– Во оваа фаза се фокусиравме пред сѐ на одговорноста на сопствениците на клубовите, а секој клуб е различен и има различни потреби, така што во овој случај се задржавме на клупската политика. Не веруваме дека има еден универзален начин како да се создаде социјална безбедност и затоа инсистираме на тоа дека менаџерите на клубовите мораат да бидат свесни за тоа што се случува во нивните клубови. Ние ги обучуваме сите вработени во клубот, од сопствениците и менаџерите, до келнерите, вратарите итн. Ова се моменти во кои менаџерите на клубовите, всушност, доаѓаат во контакт со тоа што вистински се случува во клубовите бидејќи оние што работат на самите настани ја имаат најјасната слика за тоа. На овие обуки не зборуваме само за проблемите што тие ги сведочат или ги искусуваат, туку и за тоа како и каде ја наоѓаат потребната безбедност во клубот. Како некој ја искусува безбедноста зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја нивната раса, родов идентитет, сексуална ориентација и слично, а тоа се перспективи што постарите бели менаџери едноставно ги немаат. На овие обуки тие понекогаш за првпат дознаваа дека во нивните клубови се случува дискриминација врз база на овие фактори. Овој проект е тежок за некои клубови, но на крајот ќе ги донесе до тоа да бидат безбедни за што повеќе луѓе.
Тоа нѐ наведе да почнеме да се залагаме за воведување на клупската политика за социјална безбедност како задолжителен протокол што треба да го има секој клуб за да може да добие лиценца за работа. Како што секој клуб има протокол во случај на пожар или земјотрес, треба да има и протокол во случај на дискриминација или насилство.
Сите го познаваме Амстердам како еден од главните градови во Европа, чиј ноќен живот е туристичка атракција. Што значи тоа за жителите на Амстердам? Како тие успеваат да имаат свој ноќен живот, засолнет од туристи? Дали воопшто е можно тоа?
– Проблемот со туризмот е многу поголем од само ноќниот живот. Амстердам пребрзо расте и станува толку популарен што понекогаш е „неживлив“ за жителите. Ноќниот живот делумно претставува дел од проблемот бидејќи многу туристи доаѓаат за да се журкаат, креваат врева и прават проблеми низ улиците, баровите или кафулињата, но ние се обидуваме и да бидеме активно вклучени во неговото решавање. Ние нашата одговорност ја гледаме во тоа да ги едуцираме туристите за тоа што значи безбедно журкање и кој е етичкиот кодекс на журкање во нашиот град. Ова е долг разговор помеѓу сопствениците на клубовите, управата на градот, журкачите и жителите на градот и дел од мојата работа е да се погрижам сите што се засегнати од ова да се вклучени во него. Досега имаме добра соработка помеѓу сите нив и верувам дека ова нѐ води кон потенцијално решавање на проблемот.

Според тебе, која е најголемата вредност што ноќниот живот ја носи за градот, неговата култура и економски развој?
– Ноќниот живот го оживува градот со тоа што овозможува жителите да имаат ноќни активности што се еднакво достапни како дневните. Но, ноќниот живот има и друга цел и вредност, која е различна од она што се случува дење. Ноќе луѓето можат да бидат вистински свои бидејќи правилата што важат преку ден, не важат ноќе. Оваа слобода и клубовите како места каде што таа постои е можеби најважната вредност на ноќниот живот. Таму можеш да се инспирираш, да најдеш луѓе со кои припаѓаш, ти помага да се оформиш како личност, без разлика на која возраст си… Клубовите се места каде што се создава уметност и култура во која можеш многу лесно да учествуваш како изведувач, уметник или посетител. Не ти требаат многу пари или искуство затоа што ова е простор каде што можеш сѐ да „направиш сам“. Од аспект на безбедност, ова оживување на ноќта значи дека има повеќе луѓе на улиците и граѓаните се чувствуваат побезбедно да се движат низ градот ноќе. Активен ноќен живот подразбира и многу вработувања и профит за градот, а во случајот на Амстердам и значително го зголеми бројот на туристи.
Моето последно прашање: што значи ноќта за тебе? Што ја прави посебна, магична и ослободувачка за тебе?
– Тоа е свет во кој правилата на денот престануваат да важат. Општествените структури и очекувања за тоа како треба да изгледаме, да се однесуваме или да се облекуваме, се заменети со средина во која можеш да бидеш токму она што си и да се изразуваш онака како што е најавтентично за тебе. Ноќниот живот е простор во кој уметноста, слободоумието и прифаќањето на нашите различности може да цветаат. Оваа слобода мене многу ми значи и вистински ја ценам, „направи сам“ етосот и сите луѓе и уметности што се среќаваат во неа.
Клелија Живковиќ