Симонида Филипова Китановска е активна професионална уметница, чија уметничка кариера бележи многубројни домашни и меѓународни награди и претставувања на самостојни и на групни изложби. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1988 година, во класата на проф. Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Член е на ДЛУМ од 1988 година. Од 1991 до 1997 година живее и работи во Бостон, САД. Последниве години нејзиното творештво е во техниката акварел. Покрај многубројните претставувања на светската сцена, често е поканета да ја презентира својата специфична техника на изразување. Повод за овој разговор е добивањето Златен медал на Биеналето за нови техники, концепти и развој во акварелот во Каудете, Шпанија.
Неодамна се врати од Шпанија, каде што присуствуваше на VI меѓународно Биенале на нови техники, концепти и развој во акварелот Каудете 2022 и го освои Златниот медал за делото „Бикот и неговата душа“. За каков фестивал станува збор и можеш ли да ни кажеш кои се новите техники и во кој правец оди развојот на акварелот?
– Фестивалот во Шпанија е престижно биенале посветено на иновативните пристапи во акварелот денес. Акварелот како изразна форма секогаш бил пигмент помешан со вода и нанесен на хартија. Тука нема новитети, но постојано се унапредува технологијата и личниот процес, односно како таа се употребува во творечка смисла. Токму тоа ја сочинува современоста – индивидуалноста во изразот.
Организаторите ја следат светската сцена и на Биеналето се учествува само по покана од нивна страна. Самото учество е врвно признание, да бидеш добитник на златниот медал е признание дека стручното жири навистина те препознава како автор со посебен придонес на современата меѓународна сцена.
Некои уметници од потесниот круг селектирани за неколкуте награди се мои драги пријатели и врвни светски акварелисти и ми беше чест и задоволство да сум повторно со нив.
Што значат наградите за тебе?
– Наградите не се цел, секако позитивно влијаат врз кариерата и отвораат нови можности, но не се споредуваат со магијата на творењето што секогаш е најголема привилегија за еден уметник. Морам да признаам дека секогаш кога ќе добијам награда некаде во далечна земја, или во држава од соседството, или пак дома, чувството е убаво.
Пријатноста доаѓа од поврзаноста помеѓу моето битие како творец и нечие препознавање на истото како значајно за нив. Едноставно – се чувствувам помалку осамена во самотничкиот сликарско-творечки чин. Како секој избор на боја, потез и форма да не е само мој, го препознаваат и други како важен за нив и се материјализира во форма на некаков вид признание. Гламурот и еготрипот поврзан со колекционерството на награди не е за мене ниту ми претставува поттик.
Следејќи го твоето творење, на социјалните мрежи каде што постојано објавуваш свои дела, во последниве години работиш акварел и учествуваш на многу фестивали низ светот. Дали поканите од фестивалите на некој начин го определија твојот сегашен творечки израз?
– Секако се поттик. Од една страна е убав начин на препознавање на трудот и на творештвото бидејќи најголем дел од нив се по покана од стручно тело составено од колеги уметници и куратори. Секогаш се интернационални и посетата на овие фестивали, семинари или средби на артисти од повеќе континенти е незаменлив начин да се добие слика за современиот ликовен израз на светско ниво и каде е моето место на тоа поле. Исклучително важно е искуството од нови култури, пејзажи, бои, мириси… Тематски, моите слики ги претставуваат токму искуствата од овие често егзотични места, покрај инспирацијата што ја нуди мојата градина со растенијата и птиците во неа.
Зошто полесно се препознава квалитетот надвор отколку дома? Дали овде нема интерес или некаде се греши во моделот на функционирање?
– Очигледната деградација на општеството или поблаго кажано неснаоѓање и тапкање зад придобивките на современиот свет, особено во сферата на образованието, е можеби дел од одговорот. Не би се сложила дека нема интерес. Македонија секогаш останува важна колевка на фрескоживописот, големите артисти како Шијак, Кондовски и многу други секогаш ќе бидат нашето богатство. Но, потребен е напор, бидејќи духовните вредности не зависат од економијата, па тешко се градат, а лесно се рушат. Се надевам дека мојот скромен придонес може да инспирира некој млад уметник, укажувајќи дека е можно да се надмине сивилото на локалноста и да се дејствува на светската сцена. Од друга страна, интернационалното признавање е еднакво инспиративно за сите уметници независно од каде доаѓаат.
Работиш како слободен уметник. Твојата мајсторија во акварелот мислам дека треба да ја учат следни генерации сликари. Имаш ли желба да работиш со студенти, си имала ли понуди да предаваш на Ликовната академија? Зошто во Македонија не се препознаваат врвните сликари што можат да го пренесат своето знаење?
– Задоволна сум како слободен уметник. Благодарна сум на општеството што преку Министерството за култура ми го овозможува тој статус и за поддршката што ја добивам за реализација на моите проекти. Не сум дел од образовниот систем, но мислам дека би била добар професор со моето искуство и опус што стои зад него. Мастеркласи и семинари по сликарство редовно држам во Европа, Азија и во Јужна Америка.
Ние сме мала земја и статистички не е можно да имаме голем број врвни уметници од која било уметничка дисциплина, кои би можеле да дадат квалитативен придонес во образованието. Образованието, заедно со инфраструктурата, е сѐ уште главен двигател за развојот во едно општество. Оттаму, по мое видување, како и во секој сегмент на општеството, не би требало да си дозволуваме грешки и треба да се инвестира во резултати што ќе се почувствуваат години нанапред, вклучително и уметничко образование од најмала возраст и инвестирање во современи изложбени простори.
Се среќаваш со уметници од целиот свет. Од разговорите со нив, какви се твоите сознанија, колку и какви проблеми имаат сликарите од другите земји. Каков е нивниот статус во општеството, колку имаат помош од државата?
– Ние не сме земја во која се произведува квалитетна акварелна хартија, боја или четка. Оттаму, не ми е јасно што штитат царините и не е пријатно да ги набавуваш сите материјали однадвор по мошне поскапа цена од твоите колеги во ЕУ, на пример. Често морам да патувам специјално за да дојдам до квалитетни материјали. Професионалните орудија се скапи рачно правени бои, кои ги набавувам од разни работилници од Бразил, Полска, Англија, Франција и од други земји, четки од Кореја, хартијата исто така е посебна приказна. По тоа што го гледам, поголемиот дел од моите колеги се драстично посубвенционирани од нивните општества кога станува збор за богати или за големи земји. Тоа едноставно е така, но не е причина да се жали или да се критикува.
За среќа, уметноста е духовна работа и не зависи од економијата.
Дали имаш агент или соработка со галерии што те претставуваат надвор од државата или доволни се социјалните мрежи за себепромоција низ светот?
– Во моментов соработувам со галеријата Зест од Стокхолм и повремено со неколку други. Во Бразил соработувам на ниво на изложбени и едукативни проекти со мојот пријател Ари, одржувам мастеркласи по сликарство во повеќе реномирани академии во оваа огромна и преубава земја. Би требало да посветам повеќе внимание на можностите што ги нуди информатичката мрежа и технологија оти тоа е денешнината. Добар дел од моите дела стигаат до клиентите преку интернет-промоцијата и тие решаваат да ги откупат гледајќи ги на своите дигитални екрани.
Постојано работиш. Што те води низ животот, што е потребно за успех? Кој би бил твојот совет до младите уметници, како да бидат упорни, што е најважно за опстојување во овие тешки времиња, кога полесно е да се откажеш отколку да се избориш?
– Ако животот ги донесе до точка да почувствуваат дека немаат друг избор туку да творат како уметници, независно дали ја одбрале уметноста како академска дисциплина, да продолжат, да уживаат во тоа што го прават, и да веруваат во себе и кога никој во нив не верува. Нема напредок во уметноста, од праисторијата до денес, се менуваат само стиловите и индивидуалното унапредување. Светот е голем и треба да се види. Да патуваат, да посетуваат изложби и музеи, да ја унапредуваат својата техника и естетика. Материјалниот успех и чувството на личен успех само така се постигнува и вратите ќе почнат да се отвораат. Ова звучи како убава бајка, но вистината е една – најголемата пречка во уметноста не е економијата туку површноста и неискреноста, пред сѐ, кон себе.
Илинка Делчева
Фотографиите се од личната архива на уметницата