На 28.10.2022 година во Музејот на РС Македонија, со почеток во 12 часот, се одржа промоција на зборникот „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“, уредена од Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска, а во издание на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), и тркалезна маса насловена „Перспективи на истражувањето на првото македонско женско списание ’Македонка – Орган на АФЖ’: индивидуална, институционална и јавна димензија“, кој истовремено беше и отворање на изложбата „Документот кој недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ на реномираната македонска уметница Христина Иваноска. Настанот го организираше ЦИНИК, во партнерство со Музејот на Република Северна Македонија и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Поидиличниот пат за пристигнување до Музејот на Македонија е низ Старата скопска чаршија. Идиличен е можеби неточен опис со оглед на сообраќајниот метеж, загадениот воздух и мојата јасна потреба да се изгубам во мојот внатрешен свет додека пешачам. Но, штом влегов во чаршијата, метежот, мирисите и нагло зголемената физичка блискост со другите пешаци брзо ме врати „овде и сега“.
Додека се движев низ чаршиските улички, слушав поткаст, јадев симит погача и му се препуштив на пејзажот, кој беше чист контраст на хиперпродуктивниот работен ден, полн со списоци на задачи и празни шолји од кафе. Пристигнувањето во дворот на музејот, побара поинаков фокус од мене. Таму беше тивко и мирно, и самата атмосфера ме наведе да ги извадам слушалките и да ги наострам сетилата. Си дадов малку време вистински да го почувствувам ова (а и да си ги запишам мислите) и влегов внатре.
Се чувствував привилегирано што целиот простор беше мој (немаше други посетители во тој момент) и можев да ја откривам изложбата целосно водена од сопствената љубопитност. Во заднина се слушаше џагорот на вработените во музејот, звук што ми помогна да воочам дека се чувствувам безбедно и смирено во таа средина. Како целиот простор да ми даваше дозвола да забавам и да го ослободам мојот ум. Освен тоа, самата изложба има доза на мистичност во себе, магиска атмосфера што ме повика да ги опуштам рамената и длабоко да дишам.
Да бидам искрена, штом влегов во музејот ме обзеде возбуда. Христина ја познавам долго и дел од мене се почувствува горд на нејзиниот успех, но имаше нешто подлабоко. Гледајќи ја изложбата, се чувствував видено, зачудувачки женствено и возрасно. Политичката борба и активизам, кои најчесто се толку тешки и оптоварувачки, ми се чинеа полни со убавина и сродство со сите жени и нивните соборци. Гласот на Христина одекнуваше низ просторијата, а доаѓаше од видео што го документира нејзиниот перформанс „Ќерка“, кој првпат го изведе летово во МСУ, на отворањето на изложбата „Екстатични тела“, дел од „Викендот на гордоста“ во Скопје. Нејзиниот глас ме пренесе во друго време – друго годишно време и друг период од мојот живот. Близок, а суштински различен.
Кога си заминав, колку и да звучи клише – се чувствував променето. Можеби не променето, но дефинитивно разбудено. Овој пат турканицата ми беше ненападна, а звуците и мирисите многу поумерени. Си ветив дека нема да пробам да извлечам некаква флоскула или животна мудрост од ова, туку дека само ќе уживам во смиреното тело и ум.
Откако ми легнаа впечатоците, ѝ поставив неколку прашања на Христина во врска со оваа изложба и нејзината уметничка практика во поширока смисла.

Како изгледаше процесот на креирање на поставката во Музејот на Македонија, простор што се разликува од вообичаената „бела коцка“? Што ти беше важно во начинот на кој твоите дела комуницираат со просторот во кој се поставени?
– Кога со Јана Коцевска разговаравме за избор на простор во кој ќе се одржи и промоцијата на зборникот од истражувањата, и мојата изложба, ни стана јасно дека историскиот дел на музејот е најинтересен од повеќе причини. Фокусот и на зборникот и на изложбата е работа со архиви и интердисциплинарно исчитување, промислување и создавање содржина околу нив. Јас се согласив иако знаев дека просторот е многу специфичен зашто не е замислен за во него да се поставуваат привремени изложби туку е граден за постојаната поставка на музејот. На ваков простор, кој е полн со информации од различен карактер, мора да му се пријде со љубопитство и да се согледаат сите негови потенцијали и недостатоци за да се замисли поставка на изложба што ќе биде кохерентна, но и во однос со елементите и содржината што постојат во него. Она што прво остава впечаток, кога ќе влезете во просторот, е големиот стаклен „ѕид“ за природно осветлување. Од тие причини изложбата ја замислив да функционира на дневна светлина и токму затоа и отворањето и прошетката низ изложбата ги организиравме напладне.

Поставката е конципирана околу три суштински поими во перформативноста, кои се дел од твојата методологија: текст, глас и тело. Која е улогата на овие три компоненти во градење на творештвото што ја сочинува оваа изложба?
Изложбата, како и мојот придонес во зборникот, кој го објавивме и како засебен печатен материјал, е обид, преку уредување материјал од мојот личен архив, да создадам поставка во која ќе ги претставам овие, за мене, три суштински поими на перформативното. Затоа и изложбата се состои од три монументални дела и три витрини што се однесуваат на секој од овие поими. „Гласот“ е тој што излегува од нас и кој нѐ одредува во однос на другите гласови. Тој ги изразува нашите мисли и чувства преку јазикот што го чувствуваме за свој. Затоа „гласот“ го врзувам со азбуката, затоа што во македонскиот јазик секој глас е една буква. Македонската азбука се појавува како ѕидна инсталација изработена во метал, а инспирирана од металните букви што се користеле за печатење на списанието „Македонка“. Таа е претставена во мојата кирилична типографија „Архетип отворена форма“. „Телото“ е тоа што изведува орални имагинации обвиткано во својата женскост. Тоа ги знае тајните на сакралното и световното, на магиското и исцелителното зашто преку него минуваат гласовите од минатото претставено преку везот на платното раздиплено во просторот. „Текстот“ е ѕидорез, фрагмент од воведниот текст „Нашиот пат“ на првата уредничка на списанието Веселинка Малинска, техника што и физички го отстранува горниот слој на ѕидот, но и симболизира тргање на слоевите на заборав. Тој е поткрепен со оригинален примерок од првиот број на „Македонка“ благодарение на Лина Ќостарова Унковска, ќерка на Веселинка Малинска, која ни го позајми за истражувањето и за изложбата, изложен во една од витрините во која како контрапункт е поставено и моето дело „Глаголење“, кое зборува за моќта на културниот работник денес и за комплексната позиција на поединецот во заедницата.

Видеодокументацијата од „Документот што недостига: перформанс бр. 6 (Ќерка)“, кој премиерно го изведов во јуни во Музејот на современата уметност во рамките на „Скопје викенд на гордоста“, а потоа и во рамките на „Манифеста 14“ во Приштина во Националната библиотека, е четвртиот елемент од изложбата во кој текстот, гласот и телото се ставени во функција создавајќи симбиоза на доживувањето. Преку нив јас станувам флексибилен и порозен ентитет, медиум преку кој можеме да ги слушнеме гласовите од минатото во ситуации што „биле и не биле“ и кои флуктуираат низ време и простор.

Списанието „Македонка“ и истражувањето на кое работевте со Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска, Дарко Леитнер-Стојанов и Мања Величковска се појдовни точки на оваа изложба. Истовремено, ова списание кое било орган на Антифашистичкиот фронт на жените е самото документ што недостига, т.е. документ чиј комплетен фонд на изданија ниедна македонска институција не го поседува. Освен содржината на списанието и неговата физичка форма, што друго се губи кога архивите остануваат некомплетни?
– Корените на нашата еманципација треба да ги бараме во нашето минато, во гласовите на сите знајни и незнајни жени и мажи што придонеле да ги живееме денес, но и никогаш да не престанеме да ги браниме слободата на изразување, правото на образование, правото на економска независност и еднаквост, креативна слобода, правото на еманципирано мајчинство и контрола врз сопственото тело. За жал, не можеме да се пофалиме со исцрпно познавање на стратегиите на отпор на жените од Македонија, ниту имаме целосен увид на имиња на жени што исчекориле во својата средина во минатото и придонеле за процесите на еманципација. Непобитен е и фактот дека најчесто се толкуваме себеси користејќи туѓи референции. Добар дел од документите во архивите се базираат на собрани усни сеќавања на учесници и очевидци на значајни историски настани, кои нашите институции ги архивирале по Втората светска војна. Голем дел од таа документација сѐ уште е достапна само во оригинал, напишана со рака или исчукана на машина, значи не е дигитализирана или публикувана. Дигитализацијата денес воедно би го олеснила и би го демократизирала пристапот до архивските материјали, и би ги зачувала оригиналните документи од губење, оштетување или несовесно и неодговорно однесување кон нив. Токму затоа треба да се алармира и апелира кон надминување на оваа состојба колку што е можно поскоро, зашто сеќавањата бледнеат, а документите исчезнуваат.

Кажи ни повеќе за фонтот „Архетип отворена форма“. Иако добро го познавам и сум го видела многу пати, овој пат се почувствував како зборовите испишани со него да кажуваат нешто вистинито. Веројатно направив проекција на моето доживување, но тоа ме наведе да се запрашам која е функцијата на отежнатата читливост на овој фонт и како (и дали) сметаш дека таа го менува квалитетот на искуството на гледачот, односно читачот?
– „Архетип отворена форма“, кој засега постои на македонски и на англиски јазик, е инспириран од типографијата на германскиот уметник и педагог Јозеф Алберс и теоријата на „Отворена форма“ на полските архитекти Оскар и Зофија Хансен. При разработка на типографијата, на која почнав да работам во 2016 година, исчекорувањето го направив кога ги избришав вертикалите и хоризонталите во буквите, кои се основните линии на хиерархија, за да создадам и физички и замислен простор за маргинализираните и заборавени гласови од историјата. Ова произлезе од мојот долгогодишен интерес за работа со текст и негова визуализација преку која создавам дела во кои си поигрувам со видливото и со скриеното, и со она што е читливо или што треба да се разоткрие. Во тие процеси и промисли е вклучен и гледачот или читателот зашто е важен сегмент од заокружување на делото. Без нејзината/неговата интеракција делото останува недоосознаено, а токму процесот на декодирање води кон дополнително задоволство.


Која е приказната на парчето текстил на кое е извезен текстот?
– Преку мојата уметничка практика ѝ давам важност на рачната работа како медиум со политичка вредност преку која е изразена индивидуалната борба и ограничувањата на жената што кај нас сѐ до отпочнувањето на аналфабетските курсеви по Втората светска војна е 80 отсто неписмена. Таа е воспитувана да се срами од своето тело и е третирана како своина на таткото, а потоа на мажот. Рачната работа како везот, најчесто се работи во осама, во изолација, во тишина. Во тоа комплексно испреплетување на конците преку боите и формите, се видливи, но сепак скриени, недекодирани интимни дневници на меланхолијата. Токму затоа „телото“ е претставено преку делото „Документот што недостига: перформанс бр. 10 (Вез)“, кое е импозантно платно од 7 метри на кое, во континуитет од три месеци, везев зборови што се однесуваат на женското тело и сексуалност, а кое на изложбата е поставено централно како килим. Платното е изработено од нашиот некогашен текстилен гигант „Тетекс“ од Тетово, а кое се користи од производителите на леб за покривање на тестото за да нарасне пред да се пече. Она што некогаш беше домашна „женска“ работа, со индустријализацијата стана дел од масовното производство. Жените од домот се преселија во фабриките и, како некогаш така и денес, 80 отсто од вработените во македонската текстилна индустрија се жени, која, за жал, денес омаловажувана, искористена и обезвреднета од работодавците, е недоволно заштитена од институциите на државата.

Во витрината од која започнува платното поставив два објекти изработени во керамика од делото „Мајчице мила! Колку чудно е денеска сè!“ од 2014 г. со наслов „Тупаници“ и „некој ќе се сеќава на нас / Јас велам / дури и во некое друго време“, и страници од мојата работна тетратка во која се гледа процесот на акумулирање зборови за платното со везот.

Каква е улогата на костимографијата во твојот истражувачки и творечки процес?
– Костимот е во функција на перформансот, но и дело само за себе. Од 2014 година, откога почнав да ја развивам методологијата на „Документот што недостига“, мојот долгогодишен истражувачки проект во кој перформансот стана примарен медиум на изразување, создавањето на костимот сѐ повеќе стануваше важен сегмент од процесот. Првиот костим го изработив заедно со мајка ми во обид да го реконструирам познатиот дводелен темносин костум на Роса Плавева. За вториот и третиот, изработени оваа година, соработував со Драган Христов преку неговиот креативен идентитет Ludus Agender Label. Од една страна, ги третирам како објект на кој аплицирам одредена содржина што произлегува од истражувањето. За вториот, изработен од црн лен, испишав текст со типографијата со светлосива боја за устата што зборува. За последниот, кој е ѝ поставен во изложбата, се инспирирав од кошулите на партизанките, изработен од светлосив волнен филц, кој како материјал е „невидлив“ зашто се користи како поддршка внатре во јаките и во реверите на палтата, исто како што се „невидливи“ и темите и архивите со кои работам. Тој има правоаголна форма со отвори за главата, за рацете и за нозете. Изобилството и природната крутост на платното создаваат илузија на тело кое е двојно поголемо како рачно изработената невестинска облека од мариовскиот крај што го „деформира“ телото на невестата поради слоевите облека богата со магиски вез, кој треба да ја поттикне нејзината плодност, но и да ја заштити. Костимот станува дом во кој можат да се засолнат заборавените гласови од минатото и преку телото како медиум да излезат како глас од устата кој ќе биде повторно слушнат.

Покрај тоа што ова е твојата работа како уметница, што претставува овој процес за тебе лично?
– Она што човек го пропагира, мора и да го живее зашто само искусеното и осознаеното пренесено или трансферирано во делото може да значи негова „апсолутна вистина“. Сега, на овие години, можам да кажам дека во мојот живот се стремам она што сум и она што го создавам да претставуваат една целина. Таа некогаш може да биде херметичка, но не е неменлива. Јас, и како човечко битие, и преку мојата уметничка практика што се состои од истражување, промислување и естетизирање, работам на себе самата. И затоа секој нов ден и секое ново дело треба да значи предизвик и треба да биде исчекорување. Создавањето уметност не е трка на 100 метри, тоа е маратон.
Клелија Живковиќ