Пред неколку години се најдов себеси во онаа таканаречена спирала што настанува кога одеднаш ќе погледнеш околу себе и ќе сфатиш дека се наоѓаш во некое тапкање во место, немање инспирација и само така се шуткаш низ животот.
Решив да преземам нешто, да излезам од мојата удобна зона и така скролајќи низ Инстаграм, налетав на една интересна понуда. Да, Инстаграм некогаш е супер извор на инспирација. Оваа понуда беше склоп од неколку мои интереси како музика, клупска култура, политичка работа и мистериите на Берлин.
Понудата беше: Еден доста познат клуб во Берлин, во близина на станицата Осткројц, нудеше обука за „bouncer-КИ“ (вратарКИ). Целата понуда беше под мотото „да се срушат стереотипните слики за тоа како изгледа една личност што работи како bouncer и да се овозможи ѕиркање зад завесата на тој клуб“.
Последното е доста тешко во Берлин затоа што многу од берлинските клубови имаат некоја мистичност околу нив и внимаваат тој имиџ да остане таков. Во многу од клубовите, на пример, забрането е фотографирање, во некои камерите на мобилниот телефон мора да се покријат со самолеплив стикер или, пак, сосема да се остават во гардеробата. Од една страна, оваа мерка е за обезбедување слободно и приватно журкање, а од друга страна создава љубопитност да се посети клубот. Таа мистичност во Берлин кулминира нормално во еден од најпознатите светски клубови „Бергхајн“ каде што на врата често се одлучува само со едно кратко помрднување на главата или типичното „heute nicht“ – „денес не“. Патем, „Бергхајн“ меѓу редовните посетители од Берлин е познат како црквата. Симболично, во редот пред вратата многуте потенцијални посетители се молат за влез кај божествата на журкањето. Иако често клубовите во Берлин се политички настроени, залагајќи се за слобода, антидискриминација и поставувајќи се, а и служејќи како т.н. (по)безбедни простори, истовремено се создава и една елитна сцена со селекцијата на врата.
И затоа што, како што кажав, во тој период се шуткав низ животот, оваа понуда го разбуди мојот голем интерес кон токму тие вкрстувања помеѓу политика и „обичниот“ живот.
Клубот што ја нудеше обуката е еден од оние клубови со цврст политички став што отворено го комуницираат. Тоа се гледа и во самото функционирање на клубот, како што научив во теоретскиот дел на обуката. Општо гледано, тој клуб има доста интересен пристап кон развојот на супкултурата и журкањето. Клубот е организиран во колектив, платите се транспарентни и еднакви помеѓу сите вработени, во самиот клуб има просторија каде што луѓе што малку претерале со консумација на супстанции, можат да се одморат и да бидат згрижени од вработените.
Целата обука се случуваше на еден преладен зимски ден во просториите на клубот. Имаше приближно 10 учеснички и 3 вратарки што ја правеа обуката со нас. Сите се претставивме и добивме тура низ клубот, кој искрено за време на журка има многу поголем шарм отколку кога е празен, студен и мириса на цигари и алкохол. На прашањето по кои правила ги селектираат посетителите на една журка, не добив баш некој инсајдерски одговор. Не дозволуваат влез на личност со какви било национални симболи, внимаваат на половата застапеност и следат антирасистички и антисексистички став. Делот од задачата на вратарките и вратарите е т.н. работа на свесноста на посетителите, која вклучува и прошетки низ клубот и пружање поддршка при дискриминирачки односи. Сепак, многу поразлично од тоа на што бев навикната во Скопје, каде што на вратите на клубовите не се забележува некоја логика во селекцијата.
Кога дојде на ред да учествуваме во симулации на различни сценарија, искрено малку се повлеков, ми беше незгодно да стојам пред сите и да глумам вратарка. Од друга страна, да глумам гостинка што има проблем со дроги, пак, беше доста забавно. По тој дел, кој што траеше доста долго, имаше пауза и нормално најтипичниот берлински ручек на левичарски собиранки – чили син карне. Беше мошне забавно, имаше многу кул жени што имаа и веќе некое искуство, и додека јадевме чили, вратарките ни ги кажуваа нивните најлуди случки. Една од нив ни раскажа случка во која неколку луѓе што биле одбиени на врата, се прекачиле преку можеби над 10 метри висок ѕид веднаш до клубот за да влезат во дворот… За чудо, имало само една скршеница на нога, а другите поминале со неколку модринки. Потоа ни ја покажаа собата каде што луѓе кои премногу консумирале, им се лоши или доживеале некоја стресна ситуација во клубот, може да се одморат во придружба на вработените или личност од доверба. Концептот на клубот е да им се овозможи на тие посетители да се отрезнат или да се смират и потоа самите да одлучат дали да продолжат со журкањето. Нормално, доколку тие посетители се ненасилни и не наштетиле некому.
Обуката заврши со малку спорт. Истакнато беше дека за да се врши оваа работа безбедно за себе и за посетителите, мора да се има кондиција. Во парови вежбавме кикбокс и како да фрлиш лице на земја или да го онеспособиш да повреди некого или себеси. Супер вежба што подоцна ме наведе да почнам да тренирам кикбокс.
Покрај тоа што запознав многу кул жени, дури и размислував дека покрај мојата работа „од 9 до 5“, би било забавно преку викенд да бидам bouncer-ка. По приближно 2 недели добив преку имејл инфо дека има отворени работни позиции. Една недела подоцна бранот на КОВИД-19 го стигна и Берлин и по само еден месец сите локали, меѓу кои и клубовите, беа принудени привремено да се затворат. Неколку од клубовите станаа привремени станици за тестирање од ковид-19, некои станаа привремени домови за бездомници.
Не ми се оствари сонот да станам bouncer-ка. Но, оттогаш многу размислувам за берлинската клупска философија. Многу од клубовите се политизирани и за добра журка не е важно само да е добра музиката. Колкупати сме биле во клуб, особено како жени, и сме биле небезбедни? Или луѓе доживувале некаков вид дискриминација? Не дека во Берлин го нема тоа, ама барем во некои клубови постојат механизми што се обидуваат да создадат пријатна и безбедна атмосфера за сите што учествуваат во журката. Општото прашање е колкава е желбата на клубот да се занимава со таа тематика. Клубот е простор во кој се случуваат незгодни работи како расизам, сексизам, хомофобија и која е одговорноста на вработените во тие ситуации. Клубовите и делови од електронската музичка сцена во Берлин имаат корења во движења што се залагале за слобода, внимателно однесување еден кон друг и соживот. Кога подобро би размислила, ова би требало да се логични социјални правила во секој простор каде што се среќаваат луѓе за да уживаат во нешто, а и општо секој простор. Точка.
Интересно е што последниот пат кога навистина уживав во услугата на вратари беше во еден геј-клуб во Истанбул. Вратарите беа шкафови, како да имаа бетонски плочи наместо раце и стомак, но беа најмилите и највнимателните bouncer-и, guardians of the gay community. Внимаваа пијалакот да не остане без надзор, некој од преентузијастичните танчари да не падне од бината и беа сосема професионални и истовремено топли во односот со публиката.
Можеби сега повторно ќе погледнам дали има отворени работни позиции. Па, ќе се видиме на врата.
АндРеа Јовески