Кога градот живее 24 часа, тогаш јасно е дека за него некој треба да се грижи и во ноќните часови. Неодамна, Вашингтон го доби својот прв „ноќен градоначалник“, а таков веќе имаат и Њујорк и европските градови Лондон, Париз, Цирих… Го нарекуваат и „ноќен цар“, и иако првата претпоставка можеби ви е дека овој градоначалник царува на забавите во ноќните клубови и дискотеки, работите на терен не изгледаат баш така 🙂 Ѕирнавме во описот на неговите задачи и го пронајдовме ова:
Го спречува падот на ноќниот живот
Улогата на „ноќниот цар“ во спасувањето на малите локали кои често се затвораат поради високите кирии, лиценците и поплаките за бучава, е голема. На пример, амстердамскиот ноќен градоначалник има задача да го одржи ноќниот живот во градот и притоа да не ги вознемирува локалните жители. Еден од неговите најголеми предизвици бил да ги убеди градските власти дека ноќниот живот не се состои само од забавување. Според него, ноќта се третира поинаку од денот. Кога има проблем ноќе, првата реакција на властите или полицијата е по секоја цена да го спречат тој проблем. Ако се појави проблем дење, тогаш може да се разговара смирено и да се реши на сосема поинаков начин. Така, тој вовел десет 24-часовни локали во западниот дел на градот, со цел да го намали притисокот од метежот во центарот на градот и да создаде посебна област за ноќен живот која ќе вклучува и уметнички галерии и други мултидисциплинарни локали, барови и клубови.
Посредува меѓу властите и менаџерите од ноќниот живот
Кога ќе се појават тензии меѓу двете страни, должност на ноќниот градоначалник е да ги натера меѓусебно да разговараат. На пример, организира форуми меѓу сопствениците на баровите и полицијата за да се дискутираат прашања поврзани со малолетниците и пиењето. Така, во Америка проблем се лажните лични карти со кои во баровите влегуваат и пијат алкохол и лица под 21 година. Сопствениците на баровите се жалеле дека на полицијата ѝ полесно да ги таргетира локалите отколку илјадниците пијачи со лажни лични карти.
Работата не се однесува само на барови и клубови
Всушност, работата на ноќниот градоначалник опфаќа прашања кои ги надминуваат баровите и клубовите. Таа вклучува и социјални прашања, како што се правата на жените, расната еднаквост и јавниот превоз. Па така, ноќниот градоначалник на Питсбург вели дека секој треба да има пристап до социјалните можности на градот во временска рамка што нему му одговара, на пример ако работи работа која не е од 9 до 5. Според него, ноќните службеници нудат шанса да се прикаже вредноста на локалните институции, преку тоа што многу млади и повозрасни луѓе активно се ангажираат во локалната политика.
И уште нешто, градот Вашингтон во потрагата по својот ноќен градоначалник наведе дека тој би се грижел за поплаките од бучавата, пријавите за малтретирање, па дури и за повраќањето по тротоари – горливи прашања што го засегаат ноќниот живот и работата на ноќните клубови. Не можеме а да не се запрашаме, колку широка ќе биде листата на задачи за ноќниот градоначалник на Скопје? 🙂