Иако неговата долга кариера ја сочинуваат соработки со Нина Симон, Пол Макартни, Дејвид Боуви, Лајза Минели и многу други, она по што можеби најмногу ќе го паметиме е неговото плодно и креативно пријателство (или броманса) со Дејвид Линч.
Бадаламенти е авторот на музиката на многу од филмските дела на Линч, меѓу кои можеби најпопуларна е серијата „Твин Пикс“. Во вчерашниот „Извештај за временските услови“ (Weather report) на Дејвид Линч, тој рече: „Денес, нема музика“ оддавајќи почит на својот пријател.
Во текст посветен на неговиот живот и дело објавен на Collider, новинарот Чејс Хачинсон пишува: „Музиката на Бадаламенти бара да биде забележана и ги прави приказните што ја имале среќата таа да биде дел од нивниот свет, бескрајно подобри. Може да нѐ срамни со земја и да продре во сечија душа, приоѓајќи ѝ со исклучителна деликатност. Да се размислува за неговите композиции одвоено од неговата личност е како да замислуваме слика што може да се види само од огромна далечина. Бадаламенти ја поништува оваа далечина и нѐ внесува директно во светот. Неговата музика е интимна и лична, без да ја жртвува големината на приказната што стои зад неа. Ништо не ѝ е рамно во способноста да се пикне под кожата, кршејќи ја нашата свесност за себеси на најдобриот можен начин. Дури и само најавната шпица за ‘Твин Пикс’, која никогаш не ја прескокнувам, целосно го искористува секој момент од нејзиното времетраење. Од првото слушање во пилот-епизодата, таа игриво се шири и почнува да наликува на сапуница. Потоа станува многу повеќе од тоа, излевајќи длабоки чувства и тага што расте и како црв влегува во твојот ум. Комплементарноста на оваа музика со сликите што ги создава Линч ја земаме здраво за готово, иако грижата што Бадаламенти ѝ ја дал на секоја нота е она што го прави овој спој тоа што е“.
Последната реченица би била можеби уште пофасцинантна кога би знаеле дека Бадаламенти ја создал музиката за „Твин Пикс“ без воопшто да ја гледа серијата. Во едно од најгледаните видеа од него, тој ја раскажува токму приказната за тоа како тој и Линч ја создале „Laura’s theme“, композиција чија прогонувачка убавина, немир и тага се ненадминати.
Бадаламенти се појавува и во сцена во филмот „Сино Кадифе“ каде свири на пијано додека Изабела Росалини ја пее насловната песна на филмот чиј автор е Боби Винтон.
Текстот на Хачинсон завршува со: „Неодамна се најдов во разговор за што треба композиторот да придонесе кон телевизијата и филмот. Мојот соговорник веруваше дека секоја музика што ни посочува како да се чувствуваме, ни го одвлекува вниманието од приказната. Оваа мисла ми се врти низ главата оттогаш и сѐ повеќе ми се чини како навистина тесна перспектива. Музика што нѐ придвижува, заслужува да биде слушната и кое било уметничко дело што е одушевувачко, може да го направи уште понезаборавно. Може да постои независно од тоа, но истовремено нијансираноста во нејзиното надоврзување на приказната, вистински ја оживува. Да се отфрли ова би значело да се пропушти моќта што ја имаат овие дела. Делата на Бадаламенти можат целосно да ја побијат оваа редуцирачка перспектива. Тој беше и ќе остане еден од најголемите композитори на сите времиња, чиј опус ќе нѐ надживее сите.“
Во сеќавање на овој ненадминлив композитор, слушнете го данскиот симфониски оркестар како ги изведува неговите композиции.