„’Гола Планина’ колектив е колектив на млади, амбициозни и визионерски настроени луѓе, што се заложуваат во зачувување, поттикнување и раздвижување на културата во Македонија“ соопштува новооснованиот колектив, кој во моментов го сочинуваат 14 изведувачи од локалната сцена.
„Целта ни е да ја вратиме надежта меѓу граѓаните и хетерогената слушачка публика, за домашната музика што активно ги следи сите трендови и популарни бранови. Секој член на колективот твори и застапува творење на македонски јазик, сите здружени уметници во еден момент наоѓаат заеднички јазик и заедно, рака под рака, се впуштаат во организирање настани и креирање“, велат тие.
„Не ни замислувавме дека нашите средношколски бендови што свиреа во ‘Дуња’ и по подруми ќе добијат голема фестивалска сцена, а не ни нишаневме на тоа. Ние бевме за другарството, познавањата, муабетите и седенките, каде што сите пројдовме-заминавме, дојдовме и останавме.“ Тие велат дека иако се формирале претходната година, им требало капка надеж за да се разбудат и повторно да почнат да функционираат. „Се поврзавме еден со друг, дадовме многу време и енергија за да функционира ова. Само со една мисла: АКО НЕ СЕГА, КОГА? И АКО НЕ НИЕ, КОЈ?“
„Гола Планина“ работи кон тоа да им овозможи целосна уметничка слобода на музичари, визуелни уметници, како и на млади професионалци од областа на медиумите, маркетингот и менаџментот. Тие планираат да создадат веб-страница чија функција ќе биде да ги здружи сите домашни проекти во полза на едукација и промоција на новиот македонски музички бран.
Колективот најавува дека во 2023 година ќе прераснат во независна, ребрендирана музичка мрежа и медиум на новиот бран во Македонија. Во моментов членовите на „Гола Планина колектив“ се „Луфтанза“, „Cut your nipple“, „Corrosion“, „Zanadu“, „Xajka“, „Basement Cult“, „Zulu 3.4“, „AТА“, „Dimish“, „Стој, после!“, „Дивоградба“, „Vagina Corporation“ и „KEM“, бројка што може да порасне во иднина.
Comments 1