Атанасија Гулевска АТА е млада музичарка од Скопје чие досегашно музичко творештво никого нема да остави рамнодушен. Со звуци кои како да истекуваат од некои подалечни времиња во сегашноста, АТА суптилно и ненаметливо доаѓа да си го завладее својот простор на македонската музичка сцена. Досега има објавено два сингла на јутјуб (Лакримариум и Средба/Допир), а во подготовка е и нејзиниот деби-албум. Моментално е студентка на Институтот за историја на уметност во Скопје и работи во проект-менаџмент тимот на Пасворд продукција. Со овој разговор го одбележуваме нејзиното прво појавување на сцената на МКЦ, со настап во рамките на Музички блок. Инаку, освен АТА, на Музички блок (5 ноември) ги слушаме Ива Лоренс и Yus Yus од Србијa, Sijenke од Црна Гора и ЛТНЦ од Бугарија.
Во твоите песни „Лакримариум“ и „Средба/Допир“ провејува свеж и различен звук, успешно донесен со речиси медитативен спокој. Како настанаа овие песни?
Двете песни се настанати како одѕив на чувството кое своевремено беше преинтензивно за мене и беше невозможно да се справам со него на кој било друг начин. Најчесто кога сме онеспособени да ги оживееме дејствено таквите чувства, доведени сме до некое благо лудило 🙂
Зборот е моќен, создава светови и раѓа живот, во мојот случај почетокот беше желбата за призивање на нешто што ми беше познато чувствено но не и како материјална манифестација, и тоа преку медиумот кој ми е матичен, а тоа е музиката.
Песните ги направив на лаптоп со помош на онлајн софтвер, нема некоја филозофија позади тоа како се направени. И двете се доста едноставни, проткаени се со симболи кои се константно присутни во мојот живот и на некој начин ова беше мојот обид да ги оживеам тие чувства во нешто опипливо.
Кои изведувачи имаат оставено печат во создавањето на тоа што е АТА денес?
Листата е доста долга и шаренолика, но ако треба да издвојам, би ги издвоила Вања Лазарова, Тина Горовска, Лиз Фрејзер и PJ Harvey.
Текстовите на песните се длабоки и поетични (во некои делови дури имаат и архаичен тон), многу поразлични од едноставните, кратки и брзи рими на коишто нè навикна музиката на новото време. Што е најважно за тебе кога пишуваш еден текст?
Најважна е искреноста, пред сè мора ама мора да биде најискрено што може, тоа е единственото нешто кое мора да биде константа.
Второстепено на тоа се намерите при изнесување на одредени чувства.
Што се однесува до умешноста, мислам дека умешноста да се пофати одредено чувство и да се материјализира текстуално и мелодиски лежи во едноставноста на изразот. Најчесто, најкомплексните состојби можеме најпрецизно да ги интерпретираме преку симболи и архетипски приказни, тука веќе добиваме слобода наместо еднонасочен поглед кој го наметнува индивидуалното дефинирање.
Во најава е и твојот прв албум кој треба да излезе при крајот на годината, со уште 4 нови песни кои ќе им се приклучат на двете веќе објавени. Откриј ни нешто повеќе околу тоа.
Песните сè уште не се наснимени, и си бараат од нас да им обезбедиме подолг временски период и поголем степен на слобода за да се вообличат како што треба. Музиката е жива материја и идеите исто како и децата растат, се развиваат и бараат интензивна нега од наша страна, и низ тој процес меѓусебно се воспитуваме и чистиме од секакви отрови. Она што можам да го потврдам со сигурност е дека се работи за тематски албум кој ќе го носи името ОГНЕНО КРШТЕВАЊЕ.
Бидејќи создаваш специфична музика, многу би било интересно да дознаеме што се врти на твојата плејлиста во последно време 😊
Во последно време сум навлечена на новите изданија од разни жанрови на нашите артисти кои се со универзален квалитет и нема да ги набројувам сите затоа што сигурно некој ќе заборавам, а за среќа ги има многу. Vagina Corporation ВРЕМЕ Е, ДАВОР на Луфтханза, новиот албум на Илија Дуни ZNTNDR – Pieces of things that come to life некако најмногу ми залепија во моментов.
Меѓутоа доста е шаренолико, често добивам коментари дека плејлистата ми е тотална шизофренија што доста добро го опишува мнозинството од моите плејлисти, а критериумите се секогаш различни 🙂
Двете објавени песни се придружени со соодветен готов footage како видео подлога, но дали планираш некоја од песните на албумот да добие и авторски видео запис?
Моментално се работи на спотот за третата песна која треба да излезе, и тоа со одлична екипа од млади уметници, секој исклучително талентиран во своето поле, и тоа се луѓе кои ми се доста блиски при срце.
Настапуваш на „Музички блок“ во lineup заедно со уште неколку интересни домашни и регионални артисти. Што значи за тебе сцената на МКЦ?
Во МКЦ настапувам заедно со Марко Печеновиќ, Огнен Златанов, Мартин Џорлев и Виктор Стојановски, и сите досега имале прилика да свират во МКЦ со други нивни проекти. Јас, од друга страна и покрај тоа што последниве 6 години ги поминав во деноноќно бдение таму, никогаш не сум настапувала, така што можам да кажам дека за мене е доста драг прв концерт во мојот не втор, туку прв дом.
Убаво е чувството кога имаш чест да правиш музика со луѓе како овие моиве, а уште поубаво да делиш бина со истите.
Сигурно ќе биде така убава дружбата и во сабота 🙂
Автор: Јосип Коцев
Фотографии: АТА