Досега ги објавија ЕП-то „Непрекинато движење“ и деби-албумот „Антиталент“, а веќе им е промовиран и синглот „Мека машина“ од новиот албум, чија објава се очекува наскоро. Со таков багаж членовите на бендот „Хајка“ јуришаат во освојување на нови музички простори. Присутни се на сите позначајни музички фестивали кај нас, а публиката ја освојуваат со своите кратки и брзи песни, како и со нескротливата младешка енергија.
Со каков предизвик, поттик и енергија го оформивте бендот?
– Бендот го оформивме со цел да ја размрдаме малку сцената и да го прекршиме статус-квото на статичните бендови. Пред неколку години, кога почнувавме, бевме незадоволни од домашната музичка сцена. Младите имаат доволно енергија во себе која треба да се канализира правилно и умно, без мрзливост.
Каде се случи вашиот прв настап?
– Уште немавме издадено ЕП, но секогаш правевме свирки со наши авторски песни, тогаш во СЦ „Дуња“. Тоа беше одличен простор за нас во кој можевме во скромно друштво да се „журкаме“ со најблиските. Често правевме свирки по неколку бенда, речиси секој викенд. Беше супер почеток и убаво искуство да се осети енергијата меѓу бендот и публиката.
Во кој состав функционира бендот?
– Немаме често промени во составот, освен кај тапаните. Сега тапанар е Драган и супер ни оди. Обично не ги кажуваме имињата. Можеби поинтересно би било да откриеме каде вежбаме – во Бардовци.
Какви асоцијации се појавуваат кога ќе се спомне средното училиште „Никола Карев“?
– Школо, час, голем одмор, каснење, бегање, спорт, цигари во двор, 4.92, 5.00, пробувалната во подрум, купување евтини инструменти, „Три дена култура“, досадно, интересно, препишување, професорки, Мици, екстерно, штрајк, бојкот… од сѐ по нешто.
На фестивалот на нова музика „Здраво млади“ ве најавија како панк-бенд. Која е филозофската инспирација за креација на песните?
– Филозофијата позади песните ни е да бидеме брзи, гласни и бесни и да кажеме сѐ што ќе ни дојде на ум без некаков филтер. Главната филозофија е да го правиме баш тоа што ни звучи или изгледа убаво или интересно без да следиме некои правила.
На деби-албумот „Антиталент“ објавивте 25 песни. Зошто?
– Бидејќи сакавме да имаме албум со најмногу песни во Македонија, и, за малце се уплашивме кога видовме колку песни имаат „Чоканче“, но се смиривме кога видовме дека имаат две помалку.
Летово настапивте на повеќе музички фестивали. Кој ви остави најсилен впечаток и што е следно?
– Поминавме неколку фестивали и наша летна македонска турнеја, која сами си ја организиравме. Беше интересно и добро секаде. Последен впечаток имаме од „Здраво млади“, каде што добивме баш убав третман, убава сцена и убаво време. Ќе биде и уште подобро, само да работиме и да гледаме напред. Следно е концерт заедно со Дина Јашари и Констракта на „Звукот на Скопје“ на 16 септември на Плоштад „Мајка тереза“ (плато пред НОБ и Филхармонија). И секако, нов албум наскоро.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Здраво млади