Џои Санторе (36) е „Италијанец од Чикаго“, кој никогаш не очекувал да стане славен, најмалку поради неговото самостекнато знаење од областа на ботаниката. Во 2019 година Џои преку ноќ се прославил со објавување видео полно пцости на Твитер, во кое тој се обидува да згрижи бебе којот, кое е во лоша здравствена состојба. Во моментот кога тоа видео станало славно, тој веднаш се покајал велејќи дека, од една страна, сакал да покаже поинаков однос кон којотите, животни што често се убивани од страна на ловците, но, од друга страна, животното умрело пред да успее да го однесе до ветеринарна болница.
„Си помислив ‘голема работа, сите умираат’, но утредента бев тажен. Си помислив дека можеби требаше да го оставам таму каде што го најдов. Секако немаше да преживее, беше многу слабо и имаше инфекции во дишните патишта, но барем ќе послужеше како храна за некое друго животно“, вели тој во интервју за „Чикаго Маг“. По ова, неговиот Јутјуб-канал „Crime pays, but botany doesn’t“ почнува да расте.
Покрај неговите креативни и чести пцости, а можеби и токму поради нив, брзо по гледањето на неговите видеа станува очигледна неговата љубов кон опкружувањето и дека всушност неговата мизантропија (омраза кон човештвото) е последица на сведочење на уништувањето на живиот свет, кое се случува како последица на развојот на човековата цивилизација. Содржината што тој ја објавува е целосно обликувана од неговата љубопитност и ентузијазам за значењето и припадноста што ги наоѓа во средбите со навидум обични места и луѓе.
Оваа негова перспектива добива особено значење во видеата за урбана екологија, каде што покрај штетата врз нечовечкиот жив свет, тој зборува и за тоа како цивилизацискиот развој им штети и на самите луѓе, давајќи ни поширока слика за тоа што сѐ се подразбира под екологија. Еден период од животот го поминал во нелегално патување на товарни возови низ Северна Америка, а иронично, сега тој управува со товарни возови низ Калифорнија.
Неговиот бренд на оптимизам, создаден околу искрена љубов и грижа за живиот свет, е длабок и топол, а неговите пцости и општ гнев кон човештвото се шармантно, хумористично и забавно пакување.
„Проучувањето и посветеноста на растителниот живот на Земјата на мојот мизантропски ум му дава перспектива за моето место во светот, како и понизност и мир што тешко се наоѓаат на друго место. Растенијата – кога ја гледаме сликата поголема од тоа што тие можат да направат за нас (демек одржувањето на биосферата е мала работа) – ни овозможуваат свесност и контекст за нашата улога во деликатната мрежа на врски овде, на планетата Земја, но и философско размислување што би ни помогнало да ги издржиме дел од мрачните денови што се пред нас“, пишува тој на својата веб-страница.
„Школското образование од областа на науката може да биде многу здодевно. Таму очекуваат да учиме напамет, наместо да разбереме како организмите функционираат и зошто се важни. Училиштата ја убиваат страста за учење кај многумина од нас, но учењето е нешто што би требало да се случува додека сме живи. Учењето (и поврзувањето со луѓето) ни овозможуваат најдобро да ги искористиме квалитетите што нѐ прават луѓе (како и зборувањето глупости и смеата).“
Автор: Клелија Живковиќ