PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Илина Јакимовска за поткастот „Обични луѓе“: Секојдневието е полно со изненадувања

PopUp by PopUp
ноември 15, 2022
in Universes
0
Илина Јакимовска за поткастот „Обични луѓе“: Секојдневието е полно со изненадувања
534
СПОДЕЛУВАЊА
3.1k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Кога првпат го открив поткастот „Обични луѓе“, се израдував што наидов на ваков вид содржина достапна на македонски јазик. Особено ме возбуди пристапот до вакви „обични“ приказни, кои потекнуваат од мојата средина. Веќе долго време редовно слушав поткасти и најчесто тие беа на англиски, односно продуцирани во Северна Америка, па логично и нивната содржина беше поврзана со тој континент и со неговите култури. Кога почнав да го истражувам „Обични луѓе“, не бев воопшто изненадена што една од авторите на поткастот е Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ Скопје, уредничка на рубриката за култура Букбокс на офф.нет и личност чија вештина да ја сподели својата перспектива со светот отсекогаш ме инспирирала. Во ова интервју таа зборува за процесот на создавање на поткастот.

Поткастот „Обични луѓе“ настана во карантинските пролетни денови во 2020 година. Што Ве поттикна да почнете токму во тој период да го создавате?

– Пандемијата, покрај сите предизвици, барем на почетокот овозможи светот да забави, создаде атмосфера за интроспекција и слободно време за нешта што можеби сме сакале да ги направиме, но немало кога. Луѓето почнаа да следат онлајн курсеви, да готват, да плетат, да ги читаат натрупаните книги. Јас копав низ двор со слушалки на себе и шетав низ маало слушајќи поткасти што правеа гласно да се смеам или да пуштам скришна солза. Сите тие „мали“ приказни, раскажани онака како што тоа се правело отсекогаш – низ жив говор, илустрирани со музика и звуци, така за приказната да те вовлече во себе, многу поинтензивно отколку гледајќи видеа или читајќи текстови, ми го осмислија животот во тој период.

И покрај тоа што не знаев ништо за технологијата на правење поткасти, одлучив да научам. Тоа се моменти кога едно нешто води кон друго, и тоа со толкава брзина, и во таква „креативна треска“, што сега целиот процес ми е како низ магла. Одлучувачки елемент беше тоа што мојот другар од основно Бојан Угриновски, професионален тон инженер, се согласи волонтерски да го монтира. Без ваквата соработка што се одвива со минимум договарање, а многу разбирање, „Обични луѓе“ немаше да биде можен. Секако, ветер во грб беа и првите реакции на пријатели и „обични“ слушатели, од кои повеќето дотогаш и не знаеја што е тоа аудиопоткаст и каков огромен потенцијал лежи во него.

Од епизодата „За животните и луѓето – еден ден во животот на вработените во зоолошката градина“. Преземено од www.obicniluge.mk

Како изгледа процесот на создавање една епизода од почеток до крај?

– „Најпрвин беше приказната“. За наративниот документаристички жанр каков што го негува „Обични луѓе“, таа е клучна. Дали човекот што би бил тема на епизодата имал необичен живот вреден за одбележување? Како изгледа денот на еден вработен во зоолошка? Како е да имаш афантазија? Зошто никој досега го нема спомнато американскиот фотограф што пред 50 години направил прекрасни слики од неговиот престој во земјава?

Ова се само некои од темите на 25-те досегашни епизоди, кои најчесто се наметнуваат или поради мојот личен интерес за нив, или затоа што така се „наместиле“ – се отворила некаква наративна врата и сум решила да минам низ неа. Најинтересно е кога не ги знам соговорниците, кои истовремено е тешко да се пронајдат. Таков беше случајот со некогашните деца од цела Македонија, кои во 1965 година биле осмо одделение и оставиле свои состави во книга под наслов „Сакам да бидам“. За нивно лоцирање беше потребна цела Ексел табличка и мрежа „информатори“. Особено отежнувачки беше фактот што тие како пензионери ретко користат социјални мрежи, а повеќето од жените го промениле презимето. За среќа, земјава ни е мала, па упорноста се исплати, не по стандардните „шест степени раздвојување“, туку по три-четири.

Откако интервјуто ќе се сними, ги избирам најинтересните делови и конечното интервју детално се транскрибира. Ова секако не е нужно, но етнографскиот тренинг, кој подразбира ставање на хартија на собраниот теренски материјал, ме тера да биде така. Ова е веројатно најмачниот дел од процесот, и токму затоа толку се лутам кога некој ќе ми каже дека „ја читал епизодата“ – поткастот е наменет за слушање. Сепак, мислам дека е голема предност да се има пред себе и текстот, бидејќи некои од материјалите се архивски, со послаб квалитет, а понекогаш се зборува и на дијалект, кој за некого е тешко разбирлив. Има епизоди со соговорници што зборуваат англиски, па и тоа отвора работа за титлување (во верзијата на Јутјуб) и/или превод.

По снимањето на интервјуто и неговата транскрипција, следува кроењето на сценариото, со детално обележување на минутажата на секој сегмент, што е потребно за монтажерот точно да знае како да ги состави парчињата. Мојот вовед и коментарите ги снимам во домашни услови, често седната пред (дури и во) шифоњер, кој имитира студио. Топката потоа е кај Бојан, кој знае да ме искара за квалитетот на снимките (интервјуата во текот на пандемијата често беа снимани преку Скајп, па дури и од телефон, со диктафон). И сега, по повеќе од дваесет епизоди, возбудата од крајниот производ е иста и едвај чекам да го споделам, особено со оние што со своите приказни ја овозможиле епизодата.

Какво е местото на „обичноста“ што ја прославувате во Вашите епизоди, во презаситениот feed на читателите и на слушателите?

– Името на поткастот е истовремено и прецизен, и по малку ироничен. Која е границата помеѓу обичното и необичното, документарното и фиктивното? Секојдневието е толку полно со изненадувања, а животните приказни на оние околу нас знаат да бидат толку сочни и живописни, што не би можел да ги смисли ни најталентираниот писател. Најубаво е тие да се регистрираат изворно, додека луѓето се здрави и живи и можат да раскажат за себе. Следно е да зборуваат оние што се сеќаваат на нив. А ако се пропушти и таа шанса, тогаш умира еден дел од колективната меморија, која е поважно културно наследство отколку некаков споменик од мермер. Тоа, за жал, честопати го сфаќаме предоцна.

Менде Елвисо, музичар од Битола кому е посветена една од епизодите на „Обични луѓе“. Фотографија: Дражан Брачиќ. Преземено од www.obicniluge.mk

На TedXSkopje во 2010 зборуваше за зборот сеир и неговата вкоренетост во нашиот менталитет. Поткастот „Обични луѓе“ ми се чини како директна спротивност на сеир. Елементите на задоволство и сведочење и понатаму постојат, но овој пат придружени од почит и љубопитност. Каков менталитет би сакале да негувате кај Вашите слушатели?

– Би била многу среќна кога приказните во „Обични луѓе“ би поттикнале емпатија за оние изоставени од официјалните хроники и историја, за професии што не се доволно ценети, за хобија што се сметаат за „губење време“ (птичарење) или за „детски работи“ (играње друштвени игри), за луѓе што имаат некаква мака. Најубаво би било слушателите и самите да се обидат да станат автори и да го искористат овој навистина демократски и технички едноставен медиум. Притоа, многу е важна мотивацијата – не лајкови и шерови, туку „зошто ми е важно ова да го раскажам?“.

Каков потенцијал гледаш во овој медиум?

– Слушањето поткаст не лежи секому. Но, важно е да се работи на промоција на медиумот, бидејќи оној што никогаш немал можност да слушне како тоа може да звучи, не може ни да знае дали му се допаѓа. Мојот впечаток е дека бројот на поткасти кај нас се зголемува, но и дека се малкумина оние што се доследни на првичната идеја и на континуитетот на објавите. Особено ако се работи без пари, ентузијазмот лесно издишува. Од друга страна, и трошокот е многу мал во споредба со видеопродукција. Како и за многу други нешта, најбитна е желбата. Се надевам дека наскоро на македонски јазик ќе има поразновидна понуда од аудиопоткасти, бидејќи во моментов преовладуваат оние со интервјуа.

Koрица на книгата фотографии „Огледало во Македонија“, издадена од Lecturis, 2021. Авторот на фотографијата е Нил Фолберг, кому е посветена една од епизодите на поткастот. Преземено од www.obicniluge.mk

Како може публиката на PopUp да Ве поддржи?– Самото слушање е веќе поддршка. Повеќе од тоа би било споделување со пријатели и блиски, препорака за некоја интересна тема што не била обработена, споделување лична приказна. Понекогаш и обична порака го крева моралот, во момент кога изгледа дека нема да имаш соговорник за некоја важна тема или дека уморот од стоте работи со кои се занимаваш, те совладува. Кога познајници што живеат на два (неевропски) континенти ми кажаа дека си ги координираат часовниците за истовремено да ја слушаат секоја епизода, си реков – е, па, и само за нив би го правела.

 

Автор: Клелија Живковиќ
Фотографија: Душица Брачиќ
Накит: Марија Милошевска (инспириран од традиционалната „мушичка“ за риболов)

Previous Post

Младиот музички бран прераснува во „Гола Планина“

Next Post

Никола Здравевски – Лековитата моќ на спортовите за издржливост

Next Post
Никола Здравевски – Лековитата моќ на спортовите за издржливост

Никола Здравевски – Лековитата моќ на спортовите за издржливост

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum