На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Музичките критичари ги дефинираат како „перверзно среќен трип – хоп“, а нивниот сценски настап го споредуваат со оној на светски познатите бендови како The Knife и Goldfrapp. Нивната песна „Фрка“ е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика веќе има изградено одлична комуникација со бендот.
„Луфтханса“ е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Периодов го издаваат нивниот нов албум „Давор“ за ПМГ Рекордингс, а на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт и тоа за првпат во нивната куса, но возбудлива кариера.
„Хајка“ е бендот на годината. Настапија на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозна свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видео спот.
Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и младите битолчани „Cut Your Nipple“ и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6“.
Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage“, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.
ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении.
„Градот ме тера да пеам“ е и наслов на компилација, која, како јубилејно 200то издание, наскоро ќе се појави на бенд кемп страната на „ПМГ Рекордингс“ и е достапна за слободен даунлоуд.
Фестивалските врати се отвораат во 20 часот, а програмата ќе се одвива на два подиума до 3 часот по полноќ. Влезниците се пуштени во претпродажба на билетарницата на МКЦ Скопје и он лајн. Цена на билетот во претпродажба е 400 денари.