„Да се патува значи да се оди од едно место на друго. ‘Сите патуваат’ е белег на нашето време, но и идеја за тоа какви луѓе треба да бидеме. Светот во кој ‘сите патуваат’ ни наметнува очекувања за тоа какви треба да бидат нашите животи. Постигни, пристигни, најди, откриј, оди, оди, оди, оди. Но, што ако застанеме? Во март и во април 2020 година сите застанавме, макар и накратко. Што ако почекаме, наместо да заминеме? Што ако слушаме, наместо да зборуваме? Што ако прашаме, наместо да одговориме?“
Овие прашања се воведот во кураторскиот концепт што го обликува движењето на уметниците низ територијата на Балканот. Кураторка на програмата и на концептуалното обликување на патувањето е Кумјана Новакова, соосновачка и директорка на Pravo Ljudski филмскиот фестивал во Сараево.
Движењето на уметниците низ територијата на Балканот и низ овие прашања ќе ги води кон создавање на нови уметнички дела и рефлектирање на она што го откриле за културите на нашите земји и за самите себе. Делата ќе бидат изложени на завршна изложба во Приштина, во културниот центар Термокис, еден од партнерите на овој проект.
Во Скопје, проектот соработува со социјалното претпријатие и отворен простор „Комитет“, а уметниците ќе ги посетат Музејот на современата уметност и Националната галерија и ќе разговараат со културни дејци и уметници од државата, истражувајќи го мисловниот простор што го создава односот помеѓу минатото и иднината присутен во јавниот простор во нашиот град. Локалната програма ја реализира Социопач, платформа за граѓанско учество низ културни и уметнички пракси.
„Некои нè нарекуваат Балкан“ е проект за културна соработка помеѓу осум земји: Италија, Германија, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Грција и Албанија. Во рамките на овој проект се спроведуваат уметнички истражувачки активности што се занимаваат со осознавање на современата култура на Балканот, како таа влијае врз жителите на оваа територија и начините на кои тие ги создаваат своите идентитети.
Станиците на патувањето се Сараево, Белград, Скопје, Приштина, Тирана и Јанина, во редослед.
Нивното патување и нивната авторска продукција што следува потоа, можете да ги следите на веб-страницата на проектот и на неговите профили на социјалните мрежи.
Автор: Клелија Живковиќ
Фотографии: Tamara De La Fuente