Годинава имаа можност да го отворат ЗДРАВО МЛАДИ, а на студиски план работат доста интензивно и посветено. По Демо Тејп 1 и 2, следуваше проширеното издание „Мировна тегла“ издадено за „Гола Планина“, а следуваат и уште неколку концертни настапи што со нетрпение ги очекуваме. Го искористивме моментот на пауза од снимање, да ги уловиме за фотосесија и да им поставиме неколку прашања.
Кои се музичките влијанија на „Луфтанза“, за бендот да го добие оној соничен облик што го има денеска?
Бидејќи сме шестмина, тешко е да издвоиш неколку бендови, иако има доста музика што ни се допаѓа на сите. Ќе ги издвоиме Joy Division, Молчат Дома, King Gizzard, Darkwood Dub, Thee Oh Sees, Slint, black midi, King Krule, Sonic Youth, Delvon Lamarr Organ Trio, Yussef Kamaal, Битлси, The John, Radiohead и Godspeed You! Black Emperor како бендови што се секогаш инспирација.
Вас, како состав, практично ве изнедри ситуацијата со пандемијата, па како е да се твори во вакви вонредни услови? Дали е тоа стимул плус, уметнички да се артикулира немоќта пред оваа глобална ситуација?
Пандемијата беше дефинитивно стимул на нашиот креативен процес само во поглед на тоа дека за време на почетните карантини немаше што да се прави, па музиката беше еден излез од досадата. Не би рекле дека е потешко, можеби единственото нешто што е потешко е несигурноста во однос на настапите во живо, дали ќе се одржат, како ќе се одржат, со каков капацитет и така натаму.
Имате ли впечаток дека младите алтернативни уметници во Македонија не го добиваат заслужениот медиумски простор за да се прикажат себеси? Како може да се изборат за своето парче медиумски простор?
Дефинитивно младата алтернативна музика не добива доволно посвета од медиумите. Нема доволно платформи за промоција на алтернативната уметност, па се трудиме ние самите да создадеме место за нејзиното споделување со проекти како „Гола Планина“. Да видат раководителите на конвенционалните медиуми дека не е ова нешто минливо, туку дека музиката е наш живот, па и можеби да дадат малку светло и на нашата дејност.
Нели, не само на истите три македонски бендови, мал милион антологиски артисти од бившојугословенските простори кои ретко се македонски, а кога се, се истите два-три, турбо-фолк ѕвезди, класична музика, џез-концерти во Филхармонија каде што се свират преработки на музички великани, сѐ освен авторската музика што ја збогатува културата.
Која е главната порака што се обидувате да ја ставите во вашата „Мировна тегла“?
Искрено, нема некоја конкретна заемна порака на „Мировна тегла“, секоја песна си има своја тематика, но има неколку теми што се испреплетени низ сите песни: незадоволство од меѓучовечките односи, справување со загуба и безнадежност, недостаток на животна насока, сѐ она со кое може да се соочи еден млад човек во место што ја потиснува неговата слобода. Секако има и надеж бидејќи секогаш се надеваме, но и работиме врз основа на таа надеж.
Во Македонија во последно време има интересен и свеж музички њу вејв. Со кого вие би сакале да остварите музичка соработка во иднина?
Преку „Гола Планина“ имаме веќе соработка со доста бендови од овој њу вејв, можеби не е музичка соработка, но е вид соединување на сцената. На „Мировна тегла“ работевме со Огнен Златанов од Перија и беше убаво искуство, така што секогаш сме отворени за соработка со нашите пријатели и со луѓе што се борат за истите работи како нас.
Кои се следните планови, музички потфати и настапи за „Луфтанза“?
Ништо конкретно, се планираат повеќе свирки следната година, веројатно барем еден нов албум, но нема да издадеме многу сега. Не дека не сакаме, туку дека не знаеме. Без разлика на тоа што ќе се договориме, моментални искри генерално го одлучуваат текот на нашиот процес, така што времето ќе каже што ќе правиме.
Драган А.
фото: Гоце Лалковски