Мени Торес (Д. Калва) и Нели Ларој (М. Роби) случајно се запознаваат на забава каде што си ги откриваат своите најголеми соништа и дознаваат дека делат идентична желба односно да присуствуваат на сет на холивудски филм…
„Вавилон“ е долгометражен игран филм на Демиен Шазел за развратничките 20-ти години од минатиот век во Холивуд додека седмата уметност еволуира и немиот филм заминува во историјата.
Спектакуларниот вовед и хаотичната забава во замокот веднаш ја вжештуваат атмосферата и високо ги поставуваат очекувањата, кои, за жал, разводнетиот заплет и неубедливото сценарио не ги исполнуваат. Протагонистот исчезнува во втор план при суштината на дејството, а подоцна го огрева фокусното светло и љубовната врска со зависничката Ларој доаѓа до полн израз. Но, едностраната и невозвратена љубов на Мени од заводливата русокоса и нивната минимална комуникација е прелита за публиката да оформи моќна емпатична врска кон нив. Исто така, поврзаноста меѓу главните ликови е недоволно избистрена, а карактерите на ликовите се недоразвиени, со исклучок на жестоката Нели Ларој. Очигледни се маните на сценариото иако целокупната порака што се крие под површината е мошне значајна. „Вавилон“ се наметнува како обид на режисерот да создаде свои „Евтини приказни“ и тој вметнува елементи што потсетуваат на култното дело на Квентин Тарантино како што е урнебесната сцена со змијата во пустината, но тоа делува неприродно и неоригинално. Во голем дел филмот е прехаотичен, а истовремено и предолг (189 минути) што одзема од ефектот и преовладува впечатокот дека би бил далеку подопадлив доколку беше пократок. За тоа придонесува и кинематографијата на Линус Сандгрен каде што доминираат кратки, крупни кадри од по неколку секунди, кои се премногу интензивни, стимулирачки и агресивни.
Актерската игра е предводена од Марго Роби и Бред Пит, додека новајлијата Диего Калва е солиден и се обидува да го следи нивното ниво, но неквалитетно развиениот лик негативно влијае врз неговиот перформанс. Прекрасната Роби е создадена за улогата на бунтовната Ларој и Австралијката го претставува сиот свој талент и се истакнува со досега најкомплетната изведба во својата кариера. Исто така, нејзиниот сексапил е максимално искористен од Шазел, а таа го надополнува тоа со врвна актерска игра и изненадува фактот што таа не е помеѓу номинираните глумици за „Оскар“ за главна женска улога.
„Вавилон“ е филм на Шазел за неговата страст и љубов кон седмата уметност, но воедно тој упатува и критика кон фелата, која се обидува да го претвори филмот во луксуз и да го оттргне обичниот човек од киносалите, премиерите, фестивалите, забавите итн. На неколку наврати, режисерот го истакнува фактот дека киното е за општата публика односно секој да може да ги доживее и да ужива во делата што нудат бегство од реалноста и секојдневието, макар само на неколку минути или часови. Дополнително, режисерот несебично вметнува кратки, отсечни кадри на крајот од (најверојатно) неговите омилени остварувања – „Аватар: Патот на водата“, „Матрикс“, „Паркот Јура“, „Пеење на дождот“ и др. како своевидна ода за убавината на подвижните слики, со што се чувствува топлината на Шазел. За крај, „Вавилон“ не импресионира како „Ла Ла Ленд“ и „Ритамот на лудилото“, но дефинитивно е забавно дело со преубава џез-музика создадено за големото платно, кое вреди да се погледне во кино, а филмот се закити и со три номинации за Оскар (за сценографија, за музика и за костимографија).
Оцена: ★★★☆☆
Филип Мишов