Ако дури 80% од океаните на планетата Земја се мистерија за нас, замислете што кријат водите на вонсончевата месечина Пандора, небесниот дом на хуманоидната цивилизација На’ви и волшебниот свет што го создаваше Џејмс Камерон во последните 13 години.
„Аватар: Патот на водата“ е долгометражен игран филм на Џејмс Камерон и долгоочекувано продолжение за животот на Пандора каде што режисерот ја гребна површината на сината месечина во првиот дел, а сега тој нурнува во длабочините на водата и открива нов свет.
Сценариото ја истакнува себичната нарав на човековата раса да уништува на патот до остварување на сопствената цел, без разлика на нанесената штета над другите живи битија. Луѓето се враќаат на Пандора во лов на тулкуни односно китови, чија коскена срцевина го зголемува животниот век, додека продолжува битката помеѓу протагонистите (Џејк Сали, Нејтири) и негативецот (полковник Кворич) кој бара крволочна одмазда. Режисерот повлекува вредна паралела за китовите, кои се исклучително интелигентни и емотивни животни, но, за жал, и загрозен вид на Земјата. Камерон воведува нови ликови, пред сѐ четирите деца на Џејк Сали (С. Вортингтон) и Нејтири (З. Салдања) од кои се кројат нивните наследници и тие внесуваат свежа енергија, бестрашен дух и зовриен адреналин. Еден од нив е темпераментниот син Лоак, кој се спријателува со отфрлениот и осамен тулкун, Пајакан чие другарување е извор за создавање емпатична врска со публиката. Исто така, присвоената ќерка Кири е квалитетно изграден лик што доаѓа до израз и покрај споредната улога, а за тоа е најмногу заслужна искусната актерка Сигурни Вивер, која совршено го пренесува чувствителниот карактер на Кири. Но, сценариото брои и лоши новитети како потомокот на негативецот – Спајдер, кој остварува минимална конекција со неговиот татко што подоцна не ги оправдува неговите постапки во дејствието, а актерот Џек Чемпион е најслабата алка во актерската екипа и тоа веднаш се забележува. Дополнително, објаснувањето зад вештачкото воскреснување на полковникот Кворич (Стивен Ленг) е лито, а тој и во првиот дел не се афирмираше во моќен негативец за да биде вредно неговото враќање. За разлика, ако воопшто беше потребна потврда за Сем Вортингтон и Зои Салдања, тие уште еднаш докажуваат дека ликовите на Џејк Сали односно Нејтири се како создадени за нив и повторно се одлични. Хемијата меѓу нив е сѐ посилна, а режисерот мудро го користи тоа и ја зајакнува семејната нишка со нивните деца.
Несомнено, стариот лисец Камерон црпи инспирација од неколку филмски остварувања со кои е невозможно да не направите реминисценција како, на пример, со „Воден свет“. Но, тој е одамна докажан во градење футуристички светови преку „Терминатор“ и „Вонземјани“, a тоа повторно се истакнува со мапирањето на Пандора. Истовремено, невозможно е да останете рамнодушни на филмот бидејќи е неповторливо аудиовизуелно доживување, исклучиво создадено за големото платно. Визуализацијата и специјалните ефекти се на највисоко ниво, а на моменти дури и вие како гледачи се чувствувате сини бидејќи екстремното времетраење од 192 минути целосно ве вшмукува и ве транспортира на Пандора. Иако делува претерано долго, времетраењето е целосно оправдано и гледливо во еден здив, бидејќи доколку замерката за првиот дел беше недостаток на динамика, сега има премногу акција.
Култниот режисер веќе 25 години копнее по нова статуетка, односно од безвременскиот „Титаник“, а ако првиот обид со „Аватар“ беше неуспешен, сега речиси неизбежна е нова шанса откако филмот веќе во четири категории (специјални ефекти, музика, звук, оригинална песна) е на потесниот список за номинација. На крајот, дали вредеше чекањето од 13 години за продолжение на „Аватар“? Откако ќе го погледнете филмот, запрашајте се колку филмови од 2009 година наваму ви приредиле барем слично аудиовизуелно доживување и ќе го добиете одговорот, а Камерон неколкупати нагласи, ова е само нов почеток бидејќи патот на водата нема ниту почеток ниту крај.
Оцена: ★ ★ ★ ★ ☆
Филип Мишов