Во декември 2022 во рамките на обележувањето на 50-годишнината на МКЦ, беше поставена изложбата на фотографии „Поради џезот“ на директорот на Скопскиот џез-фестивал Оливер Белопета. Изложбата за првпат беше поставена во 2017 г., во Цанкарјев дом, Љубљана, во соработка со Љубљанскиот џез-фестивал и службениот фотограф на СЏФ, Жига Коритник, кој се јавува во улога на куратор на изложбата. По 5 години, таа беше поставена и во Скопје. Изборот се состоеше од фотографии што Белопета ги фотографирал за време на своите многубројни патувања по фестивали и настани ширум светот и покажува една глобална визија за тоа што е сведочено и доловено, а во некои случаи и презентирано на фестивалите во Скопје. Исто така, покрај изложбите во Скопје и во Љубљана, зборувавме за неговата љубов кон фотографијата, која била дел од неговите рани новинарски активности пред џез-фестивалот и други активности што се планирани во врска со оваа и друга изложба.
„Поради џезот“ е Ваша изложба со фотографии што се фотографирани за време на Вашите патувања по музички манифестации низ целиот свет. Каква приказна чувствувате дека оваа изложба раскажува?
Оваа изложба прикажува само еден дел од мојата приказна поврзана со фотографијата односно занимавањето со неа. Таа опфаќа еден релативно кус период од 2009 до 2017 година. Инаку, домашната архива содржи еден поширок избор што и не е врзан само за музика. Меѓутоа, ова е сепак музичка изложба. Веројатно ти е познато дека поканата за таа изложба дојде ненадејно во 2017 г. од страна на Богдан Бенигар, кој е директор на музичката програма на Цанкарјев дом, Љубљана, и мој близок пријател. Со него имаме пропатувано на многу фестивали – не само по Европа туку ширум светот и сме биле на многу места и конференции, по разни егзотични земји. Богдан знаеше за оваа моја љубов сите тие години додека шетавме по разни егзотични земји во Африка, Јужна Америка, неколкупати во Бразил, дека сликав многу за време на фестивалот во пустината во Мали и знаеше дека имам една идеја да направам изложба под наслов „Мама Африка“ за Африка и за оној африкански дел од Јужна Америка.
Неочекувано стигна покана од него „ајде да направиш изложба“, затоа што во Љубљана за џез-фестивалот има традиција каде што фестивалот се отвора ден пред тоа со изложба на фотографии во една од убавите галерии што ги имаат во Цанкарјев дом.
Му одговорив: „Чекај Богдан, па сите изложби што биле поставени овде досега – а знаеш дека сум секоја година присутен на Љубљанскиот џез-фестивал дури и откако ми престана ангажманот како уметнички директор – сите изложби беа на професионални фотографи. Тука ги имаш донесено најдобрите фотографи, а јас сепак сум аматер“.
Тој ми одговори: „Да, но твоите фотографии не се аматерски, а ти знаеш дека ги знам бидејќи заедно патувавме. Прашај го и Жига да видиш што ќе ти каже.“
Жига рече ова е супер идеја и реков во ред, но: „Жига, дали би можел да бидеш куратор на изложбата?“ и тој се согласи.
Жига Коритник е познат како официјалниот фотограф на Скопскиот џез-фестивал и неговите фотографии неколку децении го обликуваат визуелниот идентитет на фестивалот. Каков беше изборот на Жига и каква приказна раскажуваше неговиот избор?
Тоа од што бев најмногу изненаден, беше изборот на Жига. Тој рече, направи избор од 100 фотографии, а јас ќе го направам потесниот избор, со тоа што од Цанкарјев дом рекоа дека таму собира околу 30 фотографии. Жига се согласи, но само под еден услов: „Да не ми се мешаш во изборот на ниту една фотографија, во смисла за оваа сум емотивно врзан, сакам оваа да влезе во изборот или онаа.“ Тој забележа дека сум малку сомничав спрема неговиот избор, ама не смеев да му кажам бидејќи таков беше договорот. Се разбира дека ми требаше време, едно недела дена, за да сфатам дека изборот му бил генијален. Мислев дека ќе избере музичари, саксофонисти, трубачи што ги имам фотографирано за време на џез-фестивалите ширум светот во крупен кадар и во акција како свират.
Меѓутоа, тој направи еден поширок избор каде што има доста off-фотографии. Жига направи избор што е многу генијален и многу правилен, со фотографии што се и доста off-сцена и кои вклучуваат не само џез туку и world music. Речиси половина од фотографиите се world music, снимени во Мароко, Јужна Кореја, Кабо Верде, Танзанија, не само во Европа. И тој тоа ми го кажа: „Знаеш, како прво, ти не сакаш само џез, сакаш и други видови музика и овој избор вака зборува за тебе, т.е. те претставува тебе кај си бил, што те интересирало, дека си бил низ многу места по светот“. Тука тој негов кураторски потег беше многу важен, покрај тоа што е многу важно и самото поставување на локацијата на фотографиите, која каде.
На каков прием наиде изложбата во Словенија во 2017 година?
Изложбата се постави во Љубљана и таму доживеа голем успех. Беше одлично оценета. Љубљана е сепак поразлична од Македонија и тоа значи медиски беше страшно добро покриена, организациски беспрекорна. Тоа што мене ме изненади за таа изложба беше изборот, а поради тоа истакнувам колку е важно кураторството. Се разбира дека Жига има голема репутацијата како фотограф и зад него е огромно искуство. Изложбата беше организирана во јуни 2017. Тој направи избор од 30 фотографии, а овде беше надополнето со уште 3 фотографии што Цанкарјев дом ги отпечати на најдобра можна фотохартија и ги врами најбеспрекорно. Тука беше и Хенинг Болтер, кој пишуваше за „All About Jazz“, и неколку реченици од тој текст ги искористивме во каталогот во Скопје. Потоа се мислев, многу мои колеги што беа на Љубљанскиот џез-фестивал ја видоа изложбата и рекоа, дај да ја пренесеме по други фестивали низ Европа, но тогаш фати пандемијата и сите знаеме што се случи следно. Се надевам дека таа ќе излезе во следните неколку години бидејќи е тука во целата своја целовитост и може да се пренесе заедно со идејата да направам уште една изложба.
Дали изборот за скопската изложба беше ист или беше надополнет?
Додадени се уште 2 фотографии. Едната е фотографијата од Пети Смит, која не е сликана на сцена туку е со полароидот што го носи со себе во целата своја кариера. Таа до ден-денес патува насекаде со полароидот и слика.
Одлуката за оваа изложба се случи кон крајот на 2021 година. Директорот на МКЦ, кој исто знаеше за изложбата во Љубљана, ми рече: „Добро, ние догодина славиме 50 години, ајде направи во нашата галерија изложба на фотографии. Целиот твој живот си врзан за МКЦ, тука си растел – МОТ, Зелена гуска, концерти, самиот Џез-фестивал е започнат во МКЦ“. Значи, емотивната врска е таа. Воопшто не требаше да ме убедува и веднаш прифатив.
Изложбата го носи истиот наслов како во Љубљана „Поради џезот“ или „Због џеза“, а дојде како идеја и од Жига и од еден мој пријател, кој е познат социолог на култура, професор на факултет, одличен познавач на џез-музиката, Ичо Визмар. Од него дојде идејата за насловот и напиша еден текст што во овој каталог, не е ни половина од тоа што го напиша за љубљанската изложба. Тој се врзува за една анегдота, а тоа е дека првиот апарат сум го купил на почетокот од 70-тите години во Љубљана за да фотографирам настани, а потоа пишував во „Екран“, „Нова Македонија“. Тогаш навистина беше голем фестивалот таму и го купив токму поради џез-фестивалот. Но, не беше само љубљанскиот повод за тоа бидејќи во тоа време патував на три фестивали: љубљанскиот, белградскиот, кој беше реприза на Њупорт џез-фестивалот – таму настапуваа и Орнет, Мајлс, Дјук Елингтон и еден фестивал во Ница, Grand Parade Jazz. Во тој период, иако и денес, одев со акредитација како новинар, а благодарејќи на фотоапаратот се враќав од патувања со фотографии што можев да ги објавам.
Во МКЦ беше поставена и изложбата со плакатите по повод 40-годишнината на фестивалот во 2021 г.
Тоа е уште една интересна коинциденција бидејќи истата изложба исто така беше претходно за првпат поставена во Љубљана, во галеријата на НЛБ Банка.
Од кога датира Вашата љубов кон фотографијата и занимавањето со неа?
Мојата љубов кон фотографијата датира уште од 70-тите години. На пример, во 1985/86 имаше една моја мала изложба, која беше поставена на штафелаи. Немаше ни каталог и беа поставени 20 фотографии. Тие фотографии датираа од 70-тите години. Во тој период самиот ги развивав сликите што беа црно-бели. И со Жига, кој беше куратор на овие изложби, и ми рече: „Апаратот што го имаш и што го покажа тука, е еден легендарен од ’70-тите години. Тоа беше првиот апарат што и јас го купив“. Сите овие фотографии од овој период се сликани со опрема што апсолутно е привилегија или луксуз за професионалци. Сега не е проблем да се совлада техниката особено кога станува збор за ноќните фотографии. Тука огромно влијание врз мене имаше Жига, затоа што сепак многу време поминував во Љубљана. Тој, всушност, ме доучи практично за сите овие работи. Пред тоа имав друга инспирација работејќи за „Екран“ и за „Нова Македонија“ од еден друг фотограф, сега починат и неодамна имаше изложба на негови фотографии – Живко Јаневски. Ова е моја многу стара приказна со фотографијата и моето занимавање со фотографијата немаше цел јас професионално да се насочам како фотограф или да правам изложби – се разбира тоа беше од лично задоволство. Затоа беше тешко да се одговори на сите „од каде ти сега со фотографии“, особено што има еден дел од постарата генерација, некои паметат, некои не, дека во времето на 70-тите години на „Екран“ имаше многу фотографии внатре што беа мои. На пример, имам насловна страница со Рави Шанкар. Во тоа време имаше и рок-фестивали, Рок-фест и јас ги сликав групите што ги објавувавме во колор.
Која е следната еволуција на оваа изложба „Because of Jazz“ после Скопје? Дали ќе следуваат изложби на други локации, евентуално книга?
На оваа изложба многумина ме прашуваа: „Чекај, ние тебе никогаш во Скопје не сме те виделе со фотоапарат во рака. Од каде сега, чии ќе бидат фотографиите?!“ Навистина, тука никој не ме видел со фотоапарат за разлика од Богдан бидејќи секаде каде што патувавме, викаше: „Аман од тебе. Со тебе да не оди човек да се шета бидејќи носиш ранец со апарат и на секои 5 минути застануваш и сликаш, а надвор е 40/50 степени“. Јас би сакал покрај оваа изложба да се појави како изложба и „Мама Африка“, само што ќе ми бидат потребни неколку месеци и ова што го прашуваш со книги и изложби, проблемот е со време. Ние тука сме сепак малку луѓе – ангажирани сме два-тројца, во организација на некое цеде и двата фестивали – Оффест и Џез-фестивалот. Многумина прашуваат и точна е твојата забелешка дека недостасува една книга. Меѓутоа, ако станува збор за книга за мои фотографии, се разбира ќе биде проширена со тоа што ќе вклучува фотографии од минатото и од нешто што ќе го сликам во иднина. Тука, пак, повеќе недостасува и нешто друго, а тоа е книга за мене и за џез-фестивалот и моите искуства со џезот и со светот. Тоа фали многу, особено што и ти и мнозина други иако знаат многу, сепак не ги знаат сите анегдоти врзани за фестивалот и за самите музичари. Некои дури не се поврзани ни со Скопје и таа книга со своите приказни би била навистина многу атрактивна.