Ете, дојде и денот кога ќе зборувам за моето прво ЕП. Прерадосна сум да ја споделам оваа музика со вас и се надевам ќе уживате да ја слушате на вашата претпочитана музичка платформа. ЕП-то ќе е достапно на 3ти февруари во интернет пространството. Исто така, не заборавајте да ме побарате и заследите на социјалните мрежи доколку сакате да бидете во тек со моето творештво (@amika.music). А сега, приказната за тоа како настана „Отров“ и како го доживеа своето издавачко светло.
Почетокот на „Отров“ се случи кога почна Ковид пандемијата. Со KALY (Калина Велковска) дискутиравме за соработка веќе некое време, а пандемијата ми даде простор и време да седнам и начнам некаква идеја. Во време на создавањето (отприлика мај 2020г.), сѐ уште бев во Амстердам. Ѝ го пратив демото на Калина, нејзе веднаш ѝ се допадна идејата и текстот и музиката и песната. Меѓутоа тоа така остана сѐ до моето враќање во Македонија во ноември 2020г. каде што останав една година и за тоа време, имавме можност да се видиме во живо и “натенане” народно кажано и да ги сработиме вокалите.
Вокалите ги снимивме, јас се вратив назад во Амстердам, а животот продолжи да си тече и да си се одвива. Музиката што ја издавам, ја издавам сама, преку дигитални музички дистрибутери, но овој пат решив да преземам друг чекор и да одам со издавачка куќа. Пријатели од круговите на електронската музика кои јас ги познавам ми препорачаа да ја контактирам издавачката куќа Левелдва од Москва. Им пратив една трака која мислев дека одговара на нивниот стил и тие веднаш одговорија дека сакаат да ја издадат. Дур траеше процесот на преговори за првата трака, случајно се сетив и им ја пратив „Отров“ да ја чујат. Бев скептична бидејќи е со македонски текст и не потсеќа на нешто што тие би го издале… но сепак нешто ме натера да им ја пратам. За волја на вистината, ним толку многу им се допаѓаше што решија дека сакаат да ја издадат со плус ремикс од нивен артист.
До тој момент сѐ уште не знаев кој е нивниот екслкузивен артист што ќе го прави ремиксот, но се сетив дека пред неколку месеци демото од „Отров“ го пуштив на еден пријател кој е дел од Амстердамското електронско дуо „Moonwax“ и беа премногу “запалени” да направат ремикс. Нивната музика мене ми е една од поомилените и не ми се веруваше што сѐ може да се случи доколку соработуваме. Таа идеја ми беше врежана во глава. Знаејќи го ова, не можев да не ја споделам оваа информација со издавачката куќа. Првин беа скептични, но јас настојував да им дадат шанса. Демото од „Moonwax“ беше готово речиси во истиот момент кога нивниот ексклузивен артист беше готов со другиот ремикс.
Најпосле, ремиксот на „Moonwax“ многу им се допаѓаше, а мене ми соопштија дека нивниот ремикс е од „Geju“. Да ја скратам приказната, дуото „Geju“ се состои од Georgy Topuridze и Denis Kurchenko, основоположниците на издавачката куќа „Левелдва“. Ја имаат формирано во 2016 година. „Geju“ има наполнето подиуми низ целиот свет и со својата музика се имаат истакнато на светски познати фестивали како ADE, Fusion Festival, Burning Man, the Monastery Festival, the Wildeburg Festival, и многу други. За мене е огромна чест и радост што ЕП-то се состои од творба на повеќе артисти, артисти на кои јас се восхитувам и артисти кои ме инспирираат да го правам ова што го правам.
Пораката на „Отров“ за мене претставува еден крик. Блузерско-електронски крик. Крик кој не тера да бидеме повнимателни и понежни кон себеси, да се ослободиме од токсичните нешта, луѓе, мисли, навики во животот. Крик кој е тука да не потсети на нешто важно, нешто што ќе не натера да нурнеме длабоко во нашето битие и да се соочиме со нашите змии и демони. Првенствено ја напишав од гледна точка на мајка Земја и сѐ што ѝ се случува во моментов, но Земјата сме ние, гледано од микро и макро Космос, ние сме едно тело, а во поголем размер Земјата е исто така едно тело, кое поминува низ разни фази, созревања, деструктивност и лечење. Тоа е нашето директно влијание врз Неа. Мислите сме ние, луѓето. Мрежа од неврони кои комуницираат едни со други. Мрежа која нѐ поврзува сите нас.
Меѓутоа оставам на вас да ја доживеете песната на свој начин. Во тоа се состои магијата на музиката и уметноста.
Ќе го цитирам Буда за крај и ќе ви посакам убав ден,
„Ние сме она што мислиме. Сè што сме произлегува од нашите мисли. Со нашите мисли го правиме светот.“
Ви праќам милион поздрави и прегратки, чувајте се каде и да сте,
Љубов и светлина да има,
Ива Христовска – Ámika
Фотографии: Соња Ставрова