Документарниот филм „Заложна куќа“ (Полска, 2022, 81 мин.) на авторот Лукаш Ковалски, што беше прикажан во програмата „Нови автори“ на годинашниот 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, носи уникатна филмска приказна, но убава е приказната и за создавањето на филмот.
Филмската приказна се однесува на една од најголемите заложни куќи во Полска, и една од најголемите во Европа. Тоа е место каде што употребувани работи се носат за продажба и каде што купувачите можат по багателни цени да најдат стотици „ситници“ за својот дом. Драмската структура на филмот ја плетат личните приказни на вработените во заложната куќа, предводени од сопствениците Јола и Вјешек, кои ентузијастички се обидуваат да ја надминат кризата и да го спасат бизнисот што се распаѓа.
Сцена од документарниот филм „Заложна куќа“ на авторот Лукаш Ковалски и продуцентката Анна Мазерант.
Заложната куќа се наоѓа во полскиот град Б’том, на југот од Полска во близина на границата со Чешка, а е дел од познатата рударска област Шлезија. Како што се затворале рудниците на јаглен, така растела невработеноста и беспарицата на луѓето во градот. Со текот на времето се зголемил бројот на тие што заложуваат предмети, а сосема опаднал бројот на купувачите. Тоа го присилува персоналот да смислува различни, некогаш духовити, некогаш бизарни идеи за заложната куќа да се спаси од банкрот. Филмот има силна социјална димензија прикажувајќи ги односите меѓу луѓето во услови на економска криза.
Приказната за создавањето на филмот ја дознаваме од продуцентката Анна Мазерант, која заедно со режисерот Лукаш Ковалски беа гости на „МакеДокс“. Тие двајцата се запознале за време на филмските студии. Ковалски е новинар кој истражувал на темата за исчезнати луѓе. Трагајќи по човек што бил исчезнат стигнал во градот Б’том и сите го упатиле да се сретне со сопственичката на заложната куќа Јола, бидејќи таа ги знае сите и најверојатно ќе може да му помогне и околу лицето што го бара. Соочувајќи се со уникатноста на самата заложна куќа носи одлука својот прв документарец да го сними со нејзините сопственици и со вработените во куќата.
Како новинар претходно направил повеќе репортажи со социјална тематика и на почетокот тоа требало да биде следната репортажа во низата, но големината на заложната куќа, испреплетените односи помеѓу вработените и комуникативните сопственици биле репер дека тоа може да биде добра филмска приказна.
– На почетокот Ковалски планирал тоа да биде филм за заложната куќа со сите бизарни работи што ги има во неа, но откако се запознал со сопствениците и нивните „луди“ идеи за спасување на бизнисот, фокусот го ставил на нив и на нивната многу значајна социјална функција што ја заземаат во локалната заедница – објаснува продуцентката Анна Мазерант.
Така, трагајќи по една, авторот на филмот открил сосема друга приказна. Со продуцентката Анна Мазерант се сретнале на филмската школа „Анджеј Вајда“ и во тој период имале различни идеи за свои филмски проекти. Идејата за правење филм за заложната куќа ги споила заедно да продолжат понатаму, со тоа што Ковалски ѝ предложил на Анна да биде продуцентка на проектот.
– На почетокот немавме точна одредница каков филм да направиме и мислевме дека тоа ќе биде краток документарец, но со развојот на проектот излезе дека тоа е одлична тема за долгометражен документарен филм. Нашиот ментор Марцел Ложински, кој е како гуру на документаристичката сцена во Полска, нѐ охрабри да направиме долгометражен филм – открива Мазерант.
По проекцијата на филмот авторскиот тандем одговараше на прашањата поставени од публиката.
Правењето на филмот траело четири години. Со развој на проектот почнале во 2017 година, а премиерата се случила оваа 2022 година на Фестивалот на документарни филмови во Копенхаген, Данска.
– Секој документарист би кажал дека на филмот му треба време. Во текот на снимањето правевме паузи, а кога ќе се вратевме на локацијата во заложната куќа откривавме нови перспективи за филмската приказна. На крајот, среќни сме што го направивме филмот, бидејќи навистина вредеше – заклучува Мазерант.
Покрај премиерата во Данска, филмот е прикажан низ целиот свет, од Австралија, Индија и Израел до Европа. Проекцијата на филмот на „МакеДокс“ помина со одличен одзив на публиката, а авторите Лукаш Ковалски и Анна Мазерант со задоволство одговараа на поставените прашања. Двајцата се првпат на фестивалот во Скопје и се надеваат дека повторно ќе дојдат со нивните следни проекти.
– Тоа што најмногу ми се допадна на „МакеДокс“ е неговата интимност, бидејќи не е како големите фестивали. Таа интимност ни овозможи да се чувствуваме пријатно на фестивалот. Учествувавме на „Разговори под смоквата“, се сретнавме со публиката, стекнавме многу нови филмски пријатели и се воодушевивме од убавината на Куршумли-ан, бидејќи во Полска немаме такви објекти – рече Анна Мазерант.
Автор: Тони Димков
Фотографии: МакеДокс/Сашо Алушевски