Кој/кои е/се „Терапија“? Како функционирате и како ги реализирате своите идеи?
„Терапија“ е македонска платформа што ѝ дава поддршка на домашната клупска сцена, на електронската музика што ја продуцираат нашите домашни артисти, диџеи. Идејата за креирањето на оваа платформа, ми дојде во ек на пандемијата на коронавирусот, кога многу сектори беа погодени, а музичката индустрија (меѓу другите) веројатно го доживеа најголемиот удар. Преку „Терапија“ сакавме да им дадеме простор на домашните артисти да настапуваат и да создаваат и во време на пандемија, со почитување на важечките протоколи. И така почнавме да ја пишуваме оваа приказна и да се редат голем број перформанси… Тоа што сакам да го истакнам е дека „Терапија“ не е само платформа што организира забави, туку се обидуваме преку музиката да организираме и хуманитарни активности, како и да ја поврземе музиката со нашето културно наследство. Да направиме спој меѓу минатото, сегашноста и иднината.
Се обидувате да ги лоцирате убавите јавни простори, кои биле белег на градовите, но со текот на времето заборавени од општеството и оставени на забот на времето. Колку е тешка таа организација, да се обезбеди просторот?
Да, како што споменав погоре, тоа што е најактуелно, а мене посебно ми е драго се перформансите што ги организираме на препознатливите јавни простори, спомен-обележја што се дел и од македонското културно наследство. Патувајќи низ Македонија, низ повеќе градови сите можеме да видиме напуштени градби, објекти или, пак, уништени спомен-обележја. За голем дел од објектите се водат и децениски имотноправни спорови, но голем дел од нив се и јавни добра, под надлежност на општините или на ресорните министерства. Е, на тие објекти сметавме дека им треба соодветна „терапија“, малку боја, живот и енергија. Наместо да критикуваме, се решивме да правиме нешто добро, корисно за заедницата… преку тоа станавме позитивен пример и на регионално и на европско ниво.
Започнавме со диџеј-перформанси пред „Пошта“ во Скопје, како и на Железничката станица… Продолживме пред „Македониум“ во Крушево, а пред една недела, на мое големо задоволство, организиравме и перформанс во Кочани, на Споменикот на слободата (уметничко-архитектонско дело на Глигор Чемерски и арх. Радомир Раѓеновиќ), кое е дел и од културното наследство на Македонија. Не станува збор за обични перформанси туку мултимедијални настани, придружени со сценски и со светлосни ефекти, кои придонесуваат за навистина уникатна атмосфера.
Секоја организација си има своја тежина, а се соочуваме и со позитивни, но и со негативни примери. Имаме позитивна соработка со Министерството за култура, но и со Општина Кочани, која ни излезе во пресрет за последниот настан… Но, знаете како, од институциите пред сè ги прибавуваме дозволите за организирање на настаните и за користењето на јавните површини, а ни помагаат и во одредени логистички работи.
Колку има слух и желба да се ревитализираат тие објекти? На какви проблеми наидувате?
Не сум човек што по секоја цена суди, но многу сум искрена. Знам дека има професионалци и во државните институции, и во општините и во другите органи на државната управа. Дали има слух за да се обезбеди долготрајност на овие процеси или нешто поконкретно да се преземе? НЕ. Нема слух. Сè е сведено на индивидуална волја, желба за работа, лични контакти и сл.
Искрено, имам многу пријатели, другари што се дел и од јавниот, но и од општествено-политичкиот живот. Во Македонија стана проблем со кого другаруваш, со кого објавуваш фотографија, кој ти притиснал „like“, со кого те виделе на кафе или на пијачка… тука е тешко да егзистираш, да работиш ако не фатиш страна.
Јас и „Терапија“ сме на страната на искреноста, на љубовта и на слободата. И нема друга алтернатива за музичката и за културната сцена. Колку и да звучи ова идеалистички, тоа е така.
По „Македониум“, „Пошта“, „Железничка“, еве сега и перформансот на Споменикот на слободата во Кочани. Дали се придвижија работите на подобро, се разбуди ли некој, следите ли што се случува понатаму со тие јавни простори?
Се случуваат позитивни работи. Еве, во Кочани на Споменикот на слободата ми се исполни срцето кога гледав како млади луѓе, друштва, си доаѓаа, седнуваа на амфитеатарот, а потоа и се здружуваа, се забавуваа… Таа спонтаност, желба за забава, некако очајно ни недостасува. И мило ми е што перформансите што ги правиме се препознаени од локалните заедници. Затоа што не сакаме сѐ да биде концентрирано во Скопје. Мораме да дадеме простор и на другите градови, мораме да ја дисперзираме културата, музиката, а сепак тоа да биде автентично и убаво.
Мило ми е што по перформансите кај „Пошта“ и „Железничка“ гледам дека се организираат и голем број други настани, фотосесии, снимање видеоспотови на овие места. Некако овие локации станаа препознатливи, интересни за креативниот сектор (за музичарите, фоторепортерите, режисерите и др.).
Но, ако сакаме трајна заштита и афирмација на овие јавни површини или спомен-обележја, надлежните институции мора да стават поголем акцент и да покажат искрена волја дека сакаат да ги менуваат работите. Не треба да одиме далеку, доволно е да видиме што се случува во Словенија. Од поранешна фабрика за шеќер (Цукрарна) што пропаѓаше со години, направија музејски и галериски простор, како и место каде што се организираат забави и јавни настани. Словенците се попаметни? Не, туку се помалку корумпирани.
За жал, низ Скопје и Македонија има голем број уништени фабрики, производствени капацитети, јавни простори… И во други земји имаат имотноправни спорови и повеќе сопственици на еден објект, но очигледно имаат и проактивен судски систем, како и носители на јавни функции што имаат желба да го заштитат јавниот, а не приватниот интерес.
Сепак, сакам во позитивен дух да го завршам интервјуто, затоа што по природа сум оптимист… И јас знам да кажам „пополекичка, сè ќе биде како што треба“. Е, да, ова „пополекичка“ трае долго, но имаме квалитетни луѓе, нови генерации со кои ќе можеме да ги менуваме работите. Само со работа и ум! 😊
На крај да те прашам, колку нашите артисти, диџеи се спремни за соработка и дали бараат поддршка од тебе, знаејќи ги твоите контакти. Дали им помагаш при „букирањето“ настапи надвор од земјава?
Имаме многу квалитетни диџеи, кои навистина можат да се носат рамо до рамо и со поголемите имиња од регионот и од Европа. Активно соработувам со Флудер, Ивана Драгшиќ, Андреј Мицајков, Илина Ангеловска и други. И навистина секогаш сум тука за да ги поврзам со менаџери од регионот… Соработувам со Eastern European Music Management (EEMM), како и со Non Collective. Честопати знаеме и заедно да одиме на некој настан или забава (како последната на Ison во Солун). Многу е важно ова поврзување и соработка да постои, да биде на регионално ниво. Затоа што само со поддршка и заемна комуникација може да одиме сите напред, да имаме подобра клупска сцена, поквалитетен ноќен живот и посреќни генерации.
Автор: Илинка Делчева
Фотографии: Јована Зука