Самиот настан се состои од 3 компоненти – интернационалниот саем за фотографија, саем за уметнички книги и новоформираниот Unbound сектор. Unseen се организира во некогашна електрана и во тој простор оваа година околу 70 галерии прикажуваа дела на свои уметници од разни делови од светот, додека на саемот за уметнички книги учествуваа голем број независни издавачи на книги за уметност и фотографија. На претходното издание саемот претставил трета секција „Unbound“ посветена на авангардната фотографија и уметност, која оваа година беше курирана од Дамарис Амао, која е кураторка во Центарот Помпиду во Париз.
Оваа година саемот слави 10 години од основањето. Зборувавме со менаџерот Родерик ван дер Ли за неговата историја од почетоците па до новото издание, како и за овогодинешната програма и понуда.
Оваа година Unseen ја слави својата десетта годишнина. Кои беа почетните идеи и визија за тоа што овој саем би треба да претставува, а што не?
Почетната мисија беше да се создаде силна интернационална платформа за да се прикажат младите таленти и иноватори во современата фотографија. Во тој момент, многу од големите интернационални платформи како Paris Photo и Rencontres d’Arles беа одлични, но беа мошне традиционални со главен фокус на големите мајстори. Тоа е многу добро за нив, но почувствувавме дека многу возбудливи работи се случуваа во светот на фотографијата кај помладата генерација и дека има простор и потреба тоа да се прикаже.
Како беше дочекан саемот за време на првите неколку години и како се развиваше во текот на овој период?
Музејот за фотографија во Амстердам „Foam“ како едни од основачите, ја придонесе својата мрежа и доброто име во светот на интернационалната фотографија. Поради ова, бевме во можност да силен почеток – со одлични содржини од одлични галерии. Приемот беше многу добар кај првото издание. Во текот на изминатите години, Unseen се разви во многу различни правци со магазинот, онлајн платформата и една голема фестивалска програма на некомерцијални изложби, разговори со уметници, итн. На крајот се покажа дека е многу тешко да се поддржуваат сите овие големи амбиции со релативно мала организација и комплексна финансиска структура. За посетителите, имаше чувство дека повеќе посетуваат фестивал отколку саем, што во суштина секогаш и бил. Од лани, одлучивме да го пренасочиме нашиот фокус кон оваа суштина: Unseen како саем за уметност. Сега Unseen се состои од 3 основни елементи: главниот саем и саем за книги, кои отсекогаш биле движечките сили, додека најамбициозните визии се концентрирани кај Unbound, секција за мултидисциплинарни проекти од голем обем кои ги истражуваат границите на фотографијата.
Што е тоа што го прави Unseen да биде поинаков од останатите саеми и слични настани?
Ако на Unseen се гледа од агол на уметнички саем, тогаш не е нешто уникатен. Постојат слични современи саеми за уметност како Artissima со високо куриран карактер и слична големина. Меѓутоа, ако гледаме на Unseen од агол на саем за фотографија, тогаш тој е многу уникатен. Една причина за тоа е нашиот особено современ фокус. Делата во главната секција не можат да бидат постари од 5 години, и повеќето изложуваат сосема нови дела. Со нашата нова секција ‘Unbound’ ние навистина гледаме кон иднината. Тоа е најамбициозната секција за било кој саем за фотографија на светот.
Секоја година Unseen носи на едно место уметници, трговци со уметност, галерии, издавачи на книги, уметнички професионалци, куратори, институции, школи и публика со добар вкус. На кој начин Unseen со својата програма се обраќа на сегашните трендови во современата фотографија и помага во потенцијалниот развој на овој медиум?
Се обидуваме да направиме колку е можно подобра селекција со цел да се даде преглед и на визуелните и техничките истражувања направени од уметникот, и селекција на темите. Потоа одговорноста им останува на сите овие различни публики да истражуваат, размислуваат и дискутираат. Се обидуваме самите да не бидеме експлицитни туку само да бидеме точка за инспирација и дијалог, место каде можат да бидат слушнати различни гласови, или да бидат видени. Тоа е скоро како форма на алхемија каде се собираат заедно сите овие елементи. Прекрасно е да се видат енергиите кои се ослободени во процесот.
Секое издание има сектори кои се одлично селектирани и вие со секое издание имате покането неколку национални и интернационални куратори. Како се случува нивниот избор?
Уште кога започна Unseen секогаш беа присутни многу институционални фотографски куратори. Ова започна така поради Foam, музејот за фотографија, кој беше еден од основачките партнери, и така останало уште од тогаш. Ако еден куратор е возбуден за нешто како посетител, и ние чувствуваме дека ќе внесат уникатна перспектива, ги каниме да направат нешто следната година. Ова е еден сосема природен процес.
Дамарис Амао, куратор за фотографија кај познатиот Попмпиду центар во Париз, е куратор за овогодинешната содржина кај Unbound. Какви се идеите зад ова поглавје од програмата на фестивалот?
Во смисла на траекторија, генерација и уметнички интереси, неколку заеднички точки ги обединуваат уметниците кои се избрани за новото издание на Unbound. Межутоа, секоја од нивните поставки открива прецизно внимание кон срредствата од нивните дисциплини, воља да се истражуваат нивните лимити, најчесто благодарение на можностите кои ги нудат иновативните ресурси кои доаѓаат од дигиталните технологии. Хибридизацијата на практиките кои се добро етаблирани кај уметничкиот пејсаж – инсталација, филм, скулптура, видео, перформанс и фотографија со сите можности на засилување – се поставени како поддршка на новите репрезентаи на сложени современи реалности.
Какви приказни раскажува ова јубилејно 10 годишно издание? Кои се некои од вашите хајлајти од програмата за оваа година?
Интернационалниот ентузијазам за Unseen e најголем од кога и да е. Наспроти очекувањата од пред изминатите неколку години дека саемите за уметност би можеле да станат порегионални проекти, ние дочекуваме галерии од ширум светот, од Њујорк до Њу Делхи. Мошне популарниот Unseen Book Market ќе биде домаќин на независни издавачи од Осло до Токио, и со голема радост ја најавуваме новата награда за издаваштво на фотографски книги во соработка со GOST Books од Лондон. За Unbound, нашата најамбициозна и авангардна секција, многу сме горди што соработуваме со нашиот гостувачки куратор Дамарис Амао од Центарот Помпиду од Париз. Оваа година, сите овие глобални визии, кои се однесуваа на песажи, портрети и мртва природа се чината ека ткаат таписерија која покажува прекрасен но сепак отуѓен свет на бајки. Сликите се особено етерични оваа година, и чувствувам дека сите би можеле малку да се зачудиме повторно, ако се земе во предвид мрачноста и безнадежноста од скорешното минато и сегашноста.
Со вашата позиција како генерален директор дали сте инволвирани во процесот на селекција на уметниците и останатите учесници на саемот? На кој начин апликациите се оценуваат и избираат? Кои се критериумите за избор?
Не сум директно инволвиран, но сигурно некои галерии ги охрабрувам да аплицираат. Саемот е по избор на внатрешна комисија, а изборот за Unbound е според гостинот куратор. Посветуваме особено внимание вистинските луѓе и перспективи се претставени во изборот на комисијата или гостинот куратор.
Живееме во свет кој е презаситен со слики. Каква е состојбата на уметничката фотографија денес во свет каде секој со смартфон и профили на социјалните мрежи се сметаат себе си за фотографи?
Мислам дека фотографите и уметниците се придвижени напред поради ова. Бидејќи е толку лесно сега да се направи фотографија за секого и бидејќи постои толку многу слики околу нас, потребно е повеќе за една фотографија да го зграби вниманието или за да се смета како добра. Овој развој го придвижува медиумот напред.
Уште од почетокот на 2020, живееме во времиња кои се предизвик за културата првенствено поради пандемијата и светот кој беше заклучен, а сега и со кризата во светот со своите рестрикции. На кој начин Unseen се справува со овие промени? Кои се некои од ефектите кои пандемијата ги имаше и врз фестивалот и врз пазарот за уметност?
Мислам дека тој период беше брутален врз целиот културен сектор. Тајмингот и среќата имаа своја улога во тоа како го пребродивме невремето. Unseen мораше да биде откажан само еднаш и во тој случај откажавме повеќе одошто одложивме, па затоа имаше чист однос со тие што изложуваа. Втората година можевме да продолжиме во нашиот вообичаен термин во септември, но бидејќи сè се отвори повторно имаше лавина од одложени саеми кои се случуваа во исто време. Мислам дека ова мноштво на саеми во исто време и луѓето кои сè уште беа неодлучни да излезат надвор доведоа до тоа 2021 да не ги задоволи нашите очекувања наспроти големото олеснување дека работите се отвораат повторно. Оваа година, кога работите се повеќе или помалку вратени на старо, се чини дека има уште поголемо чувтство на возбуда, што е само по себе голема позитивна енергија со која е убаво да се работи. Во таа смисла, многу сум среќен поради можност да „сурфам“ по таа позитивна енергија кон иднината и да ги оставам комплицираните времиња зад себе што поскоро.
Каков импакт чувствувате дека Unseen има врз светот на уметноста?
Ако има една работа, би рекол дека Unseen придонесува кон прифаќањето на современата фотографија како сериозна уметничка форма. Се разбира, Unseen не е единствениот фактор во ова, но во создавањето на платформа која е поддржана од музеи со солиден избор и важни куратори и колекционери кои доаѓаат ни помогна да притиснеме напред кон сериозни признанија за современата фотографија. Фактот дека музејските колекции купуваат дела од млади фотографски таленти за време на Unseen исто така сигурно помогнало за ова да се случи.
Како гледате на иднината на пазарот на уметност во широка смисла?
Тоа е многу тешко да се каже, но чувствувам дека после малку почетен скептицизам, улогата на NFT (non-fungible token) како дигитален запис и доказ за автентичност и потекло ќе стане многу значителна во полето на фотографијата, но исто така и севкупно.
Автор: Ненад Георгиевски
Насловна фотографија: Almichael Fraay