Денес е повеќе од јасно дека оваа поделба не важи, дека за момчињата е предодредена сината боја, додека за девојчињата е розовата со сите нејзини нијанси. Но кога и зошто се случила оваа промена, и зошто токму сина и розова боја?
Во 19 век, векот пред поделбата на боите на „машки и женски“, бебињата носеле најчесто бела или облека во бојата на материјалот од кој таа била изработена. Исто така, детските парчиња облека се изработувале за да задоволат практични потреби, па така тие најчесто имале широки отвори за полесно преслекување и менување пелени. Дополнително, луѓето од тоа време ја преферирале белата боја зашто била практична за чистење, можела да поднесе посилни сапуни и детергенти за отстранување на нечистотијата и дамките.
Младите момчиња од тоа време најчесто носеле бели фустани до својата шеста, седма година кога за прв пат добивале и потстрижување на косата. Од денешна перспектива, носењето фустани и долга коса дефинитивно се смета за женствено, односно, за женска практика, но тогаш таквата мода воопшто не ги доведуведувала идентитетските, ниту пак, родовите прашања на дневен ред, зашто тогаш тоа било општоприфатена норма.
Кога нештата започнале да се менуваат?
Оваа сега веќе цврсто прифатена поделба започнува на средината на 19 век, благодарение на идејата да се изработуваат детски парчиња облека во боја. Иницијално, боите во детската облека во тоа време немале функција да извршат машка и женска идентитетска поделба, туку само естетска функција.
Веднаш потоа, во 1918 година се појавил напис којшто тврдел дека „Генерално прифатено правило е дека сината е боја за девојчињата, додека розовата е боја за момчињата“.
Поради тоа што розовата се сметала како „порешителна и посилна“ боја, таа била наменета за момчињата, а сината сметана за „слатка и деликатна“ била наменета за девојчињата. Некои поделби оделе дотаму што претпоставувале дека сината треба да ја носат деца со светла коса и сини очи, додека розовата да ја носат деца со темни очи и костенлива коса.
Вистинската поделба на сината и розовата боја како машка и женска се случува во времето кога денешните „бумери“ биле деца. Иако нема никаква поткрепена логика, сепак „поделбата на боите“ навистина се случува, и го става населението на една од двете страни – машка или женска.
Боите имаат повеќе значења и ритуали низ културите ширум светот. На пример, црвената боја во Јужна Африка е прикладна за погреб, додека истата боја во Кина означува добра среќа. Во Германија и Франција таа е боја на љубомората, додека во Јапонија истата боја се смета за боја на храброст и богатство. Сината боја се гледа како знак на различни религиозни практики, со посебно значење во Јудизмот, Католицизмот во Латинска Америка како и во Хиндуизмот. Конечно, на почетокот на 20 век, маркетинг секторот почнува да поставува некои нови правила и нови дефиниции за функциите и поделбите на боите. Момчињата носат панталони за да наликуваат на нивните татковци, додека девојчињата носат фустани за да наликуваат на нивните мајки.
Некаде меѓу 60 – 70 години на минатиот век кога жените протестираат за своите права, доаѓа до поголемо мешање на боите, односно тие имаат обид да бидат унисекс, а со тоа некои бои да ја повратат својата популарност, па така овој бран на промена се гледа и во дизајните, особено на женските прачиња облека коишто им дозволуваат поголема слобода на девојчињата.
Сепак, во 80 години на минатиот век, поделбата повторно се враќа на сцената со јасна дефиниција – сината е за момчињата, а розовата е боја за девојчињата. Тоа се случува благодарение на напредокот на ултразвукот и големото прашање на родителите, дали бебето е машко или женско, каде маркетингот препознава простор за развој (читај: остварување профит). Така, идните родители ќе можат да се подготват за специфичниот пол на детето, наместо да лутаат во избирање на облеката, претпоставувајќи го. Ова се проширува на сите полиња: облека, пелени, играчки, чевли, мебел…Дополнително, родителите сакаат да покажат јасно и недвосмислено дали нивното дете е машко или женско уште додека е бебе, без да предизвикаат дилема, а тоа најдобро може да се постигне со облекување на бебето во конкретната боја.
На крајот дознаваме дека не постои некоја посебна, романтична причина позади поделбата на боите. Компаниите отсекогаш успевале да заработат од потребата на родителот да ја покаже пред светот својата љубов, наклонетост и уникатност на своето дете, а тоа најлесно се постигнува со купување нова облека. Откачено, нели?
Симона Јованоска