Подолго време ја следам Даниела Миладиновиќ на ФБ и на Инстаграм и се воодушевувам на нејзините патувања.
Бидејќи не се обични туристички разгледи на градовите што ги посетува, туку патувања во кои има комбинација од планинарење, возење велосипед, едрење, вежбање јога, ја побарав да ми раскаже за овие „активни одмори“.
Зошто активен одмор и како дојде на идеја за ваков тип патувања?
Многу сакам патувања и море, но во еден момент ми здодеа од седење на плажа, патувања организирани од агенции, каде што сѐ се одвива по одреден план, во одредено време, трчање од локација на локација. Освен тоа, по короната сѐ потешко беше да се усогласам со луѓе за патувања и пребарувајќи по интернет каде и како би можела да патувам сама, а сепак во група, го пронајдов „Активен одмор“ на Синиша Рачиќ. „Активен одмор“ нуди неколку типа патувања, односни настани: семинар за здрав живот, едрење, крстарење, велосипедизам, планинарење, скијање и јога (вметната во сите настани).
Што е различно од вообичаените туристички понуди?
Досега сум била на 5 настани.
Новата 2022 ја дочекав во Ровињ во групата „Здрав живот“ на Назаров. Тоа беше прекрасно искуство и учење како да го подобриме здравјето и што сѐ можеме да смениме со поинаков начин на исхрана. Не беа тоа класични работилници за здрав начин на живот, беа прошетки покрај море, разговори како да останеме здрави, и физички и психички, во овие турбулентни времиња.
Запознав интересни луѓе, почнувајќи од Георги Назаров, Сања Чолиќ (јога инструктор) и многу други учесници од цела бивша Југославија.
Во јуни 2022 бев во Црна Гора, ‘Рт Весло, на Семинар за јога со Сања Чолиќ и готвење со Драган Бајкановиќ.
Јогата ја практикувавме сабајле и навечер на отворено, со поглед на море и под небо со милион ѕвезди. Имавме можност да учествуваме во подготовките на ручекот со Драган Бајкановиќ, а во меѓувреме уживавме во планинарење или во прекрасните заливи на црногорското крајбрежје. Секој одбира што му годи. Повторно интересни луѓе, активно продуктивен одмор, со многу нови научени работи околу готвењето, спортските вештини и опуштање со јога. ‘Рт Весло е хотел со милион ѕвезди.
Во август 2022 беше организирано крстарење по јадранските острови – 7 дена, 6 острови. Тргнавме од Сплит и првото закотвување ни беше на Брач. Ова патување беше комбинација од возење велосипед по островите и „плажирање“. Навечер, вечерна шема на островот или журка на палуба. Секој ден околу 6 часот бродот тргнува кон друг остров. Додека пловиме, во 7 часот со Сања вежбаме јога на горната палуба, во 8 часот е појадокот, во 9 часот веќе сме вкотвени и почнуваат велосипедските тури низ островот. Оние што не возат велосипед, прават нешто по сопствена желба што им е уживање. По Брач, следуваа Пељешац, Корчула, Вела Лука, Вис, Хвар. Видовме многу убави места, кои со автомобил не можеш да ги видиш. Велосипедот овозможува за кратко време да видиш многу тајни, некомерцијални локации.
Новата 2023-та ја дочекав на Лошињ. Повторно велосипедска тура. Четири прекрасни дена за запознавање на Лошињ со велосипед, еден ден планинарење и дочек на Новата година весело и без големи подготовки.
Неодамна се врати од Азурниот Брег. Каква тура беше тоа?
Во април 2023 бев на Азурниот Брег на велосипедска тура. Авионската карта ја купив во октомври 2022 (купување карта по најниска цена е ризикот што го имате кај овој тип патувања). За сместувањето се организиравме по групи, еден апартман за 4-5 луѓе. Организаторот успеа да договори одлична цена за велосипедите за 5 дена. Незаборавно искуство е да се запознае Азурниот Брег со велосипед, да се видат некомерцијални места, фасцинантни природни убавини.
Изненадувачки е културното и фер однесување на мештаните кон велосипедистите. Сум била на Азурниот Брег и во организација на туристичка агенција, но ни 10 отсто не сум видела од ова што сега можев да го видам.
Турите почнуваа наутро во 9 часот, со попатни паузи за појадок, кафе, плажа, ручек. Дневно поминувавме 40-60 км во еден правец. Одбиравме да се вратиме со воз за да можеме повеќе да се задржиме на крајната дестинација, да искористиме плажа, да пробаме од локалните гастрономски специјалитети, да видиме повеќе во самото место.
Дали за овие патувања треба некоја посебна физичка кондиција, сопствен велосипед?
Доколку не одите со сопствен превоз и не носите свој велосипед, секогаш можете да изнајмите обичен или е-bike. Притоа, организаторот нагласува која тура можат да ја возат и почетници, а која е потешка и за неа треба поголема кондиција. E-bike е супер опција за сите со помала физичка кондиција, но сепак треба да се знае да се вози.
Каков е составот на групите со оглед на специфичните активности при патувањата?
Активен одмор е супер опција за мене затоа што патувам сама, а никогаш не сум сама. Сѐ можам и ништо не морам. Излегувам од секојдневната комфорна зона. Запознав многу интересни луѓе (нешто како на екскурзиите низ Југославија, кој се сеќава). На активен одмор се пријавуваат луѓе од 25 до 75 години, од сите краеви на бивша Југославија.
Секој знае зошто е тука и ужива во сопствените задоволства. Видов и запознав многу повеќе од она што го нудат комерцијалните тури. Ги зголемив сопствените прагови на толеранција кога се различности во прашање.
Солидарноста меѓу учесниците на настаните започнува во моментот кога се пријавуваш и стануваш дел од групата. Тоа почнува од организирањето превоз, доколку се оди со автомобили, со што се намалува цената на патувањето. Потоа следуваат резервации околу сместувањето, доколку организаторот не обезбедил сметување за сите. Ако не сакаш да ризикуваш со кого ќе бидеш во апартман, можеш сам да си резервираш.
Од сите активни одмори, досега не сум имала лошо искуство, немало конфликтна личност, на сите најбитна им е дружбата.
Запознав луѓе со кои продолжив да комуницирам, со кои организиравме средби и надвор од „Активен одмор“.
Илинка Делчева
Фотографии на Даниела Миладиновиќ