Вашиот прв роман „Водни тела“ годинава беше меѓу десетте, од вкупно 35-те дела при изборот на наградата „Роман на годината“ за 2022 година. Впечатливиот роман е современа приказна која се одвива во вашето родно Куманово, говори за трагањето по една некогашна речна плажа, за соочувањето со себеси, со минатото, со загадената река, загадениот град, за моќта на водата, самовилите… Живеете во Австралија, од каде потребата за оваа „кумановска приказна“?
Иако живеам во Австралија, Куманово отсекогаш имало голема важност во мојот живот – неговата скорашна историја е нераскинливо сплетена со мојата. Но, иако дејството на романот „Водни тела“ се одвива во мојот роден град, верувам дека темите кои ги обработувам и кои ме инспирираат се универзални. Во јадрото на романот се загубата на културните и на природните пејзажи во едно општество како и важноста на пријателствата во соочувањето со ваквите загуби. Па можеби поради тоа и имав потреба, преку приказната, да го преместам локусот на градот некаде на меѓата помеѓу реалното и имагинарното. Куманово од романот е извајано од моите спомени, емоции, мојата имагинација, постојаната желба и стремеж кон утописки визии. Како иселеник, мислам дека и немав друг избор.

Објавувате и поезија и проза на повеќе портали. Задоволна ли сте од книжевниот пат кој досега го врвите?
Секако дека сум задоволна, но сепак сé уште се сметам себе си за почетничка во книжевноста. Почетничка која е желна да учи, да експериментира и да истражува нови начини на раскажување приказни. За мене овој начин на размислување е поврзан, не баш со скромноста, туку со прифаќање на непознатото и несигурноста што доаѓа со создавање на нешто ново и уникатно. Се трудам да останам отворена за нови перспективи.
На овој начин, пишувањето се претвора во, понекогаш тегобен, процес на само-откривање, на разградување на втемелени предрасуди и соочување со сопствените недостатоци. Ваквиот став кон пишувањето ме бодри да станам подобар писател, не само во смисла на техничка вештина туку и во смисла на креативност, иновативност и емоционална длабочина.
„Сметам дека австралиската книжевна сцена е неверојатно разновидна и возбудлива“
Добитничка сте меѓу другите, и на награда за поезија од „Ред рум поетри“( Red Room Poetry). Можете ли да ни кажете повеќе за оваа истоимена организација, но и за тоа колку лично, а и творечки сте преокупирани со актуелните светски проблеми поврзани со животната средина, екологијата, климатските проблеми?
-РРМ е организација која се обидува да ја поттикне и прикаже разновидноста на современата поезија во земјата. Дел од нивната мисија е да промовираат и создаваат проекти со кои се обновува позитивната врска со природата.
Мојот примарен фокус како раскажувач е создавањето на дела кои бараат активни читатели и се значајни и за мене и за читателите. Обично сум инспирирана од прашања кои ме предизвикуваат и ме поттикнуваат да размислувам подлабоко за местата во кои што живеам. Не пишувам за да пренесам одредена еколошка порака, туку напротив, сфаќам дека приказните што ме привлекуваат неизбежно ги допираат еколошките прашања и прашањата за климатска правда. Овие теми се длабоко испреплетени со моите сопствени искуства и набљудувања на светот околу мене. Темите како што се зачувувањето на природата, климатските промени и влијанието на човековата активност врз екосистемите од кои сите зависиме се едноставно премногу значајни за мене.

Родена сте во 1991 година, се надевам се согласувате дека младите писатели од Северна Македонија стануваат сѐ повидливи и повлиjaтелни на книжевната, и воопшто на културната сцена. Читате ли често нивни дела, но и дела од постарите македонски автори?
Секако, како млад писател, мислам дека е неверојатно важно да се биде во тек со новите гласови кои се појавуваат на домашната книжевна сцена. Верувам дека е од суштинско значење да се разбере домашниот литературниот пејзаж и културниот контекст што го информира пишувањето на моите колешки и колеги македонски автори. Младите писателки/писатели во Македонија носат нови перспективи и се доста зрели и смели во својот пристап кон пишувањето.
Истовремено, се трудам и да препрочитувам дела од постари македонски автори, бидејќи нивниот придонес во книжевното наследство на земјата е непроценлив. Со тоа, се чувствувам поврзана со нашата книжевна традиција и можам подобро да го разберам културниот и историскиот контекст што ја обликувал македонската книжевност.
Имате ли можност да купувате книги на македонски јазик во австралиските книжарници, се наоѓаат ли лесно, дали Македонците во Австралија ги бараат, какви ви се сознанијата?
Доста тешко е да се најдат книги на македонски јазик во книжарниците во Австралија. Повеќето книжарници не продаваат македонски книги, а дури и оние кои продаваат имаат многу ограничен избор – најчесто тоа се класиците. Генерално, свеста за македонската литература во Австралија е релативно ниска и мора да се подобри.

Комуницирате ли со често со австралиските писатели? Ќе сакате ли да ни го откриете писателот меѓу нив кој најмногу го преферирате?
Среќна сум што сум поврзана со прекрасна заедница на писатели во Австралија. Конкретно, имав привилегија да учам под две неверојатни писателки и академици, Џенин Лиен и Марија Тумаркин, кои имаа големо влијание врз мене.
Во однос на другите австралиски писателки/писатели, ги читам нивните дела и се трудам да бидам во тек со новите изданија. Сметам дека австралиската книжевна сцена е неверојатно разновидна и возбудлива, со низа перспективи и стилови кои ја одразуваат уникатната историја и култура на земјата. Скоро е невозможно да изберам фаворит меѓу австралиските писатели бидејќи има толку многу талентирани поединци. Сепак, имам голема почит за Џенин Лиен, која не само што е талентирана поетеса и романсиерка, туку е и страствен застапник за правата на домородното население во земјата.
Катерина Богоева
Фотографиите се од личната архива на Ана Аврамовска