Аммар, како би го опишал твојот креативен профил? Што е она што те мовитира да ги градиш и да ги развиваш твоите вештини?
Креативноста е секогаш разиграна, спонтана, а таков е и мојот креативен профил. Ме мотивира љубовта и желбата кон творењето, потребно ми е да творам континуирано и го правам тоа без притисок да води кон нешто конкретно. Повремено добивам идеи поради набљудување на она што се случува на сцената, а повремено тие произлегуваат од моите секојдневни игри со креативноста.
Како настана твојот бренд REД? Какви производи го сочинуваат?
REД настана сосема случајно на еден академски час по креативно размислување каде што добив задача да смислам креативен дизајн концепт. Идејата ми дојде лесно затоа што и дотогаш мечтаев и обожавав second hand парчиња облека. Самото име REД или REДизајнирање е од мојата желба за играње со веќе постојна облека, правејќи ја поатрактивна за човековото око, и уникатност. Па, така, и си играм со типографското лого, како од латинично писмо што се прелева во кирилично, или од еден дизајн прелевајќи се во друг.
Во 2018 година почнав со изработка на производи, односно ранци и торби, втиснувајќи мои печатени илустрации, како и рачен вез. Во последниве две години почнав и поактивно да работам со second hand облека, односно нејзино редизајнирање.
Каков труд и креативност подразбира развивањето креативен бизнис во оваа сегашност?
Верувањето во себе и упорноста, како и спонтаноста, се клучни во водење креативен бизнис. Покрај тоа, потребен е и структуриран пристап кон развивање на бизнисот и понекогаш и стручен совет од аспект на маркетинг, промоција итн. Има моменти кога работам сам, но развивање бизнис е секогаш тимска работа затоа што во тимот не развиваме само креативни идеи за облека и чанти, туку и како и каде да ги пласираме нашите производи и за ова ни се потребни соработници со креативна визија и верба дека развивање на бавната мода може да функционира и кај нас.
Во текот на пандемијата, помина една година во Љубљана, Словенија. Какво беше твоето искуство таму? Какви соработки оствари таму?
Прекрасно и бурно искуство. Во Словенија отидов на едногодишен проект каде што работев со лица со интелектуална попреченост. А по 8 месеци бидување таму, почнав да соработувам и со KNOF, организација за рециклирање и реупотреба на текстилни материјали, како и на пластика. Работев на проект на редизајнирање облека, односно тимот на KNOF и јас направивме 16 парчиња облека и сега тие парчиња облека се продаваат во second hand продавница во Љубљана.
Кажи ни повеќе за организацијата со која соработуваш – SIEC. Која е вашата мисија?
Соработката со SIEC (Social Integration & Empowerment Centre) / ЦИП (Центар за интеграција и поддршка на граѓани) започнува пред околу 8 месеци со мисијата фокусирана на развивање иницијативи за самовработување на млади, жени и на ромската заедница во иднина. Визијата на SIEC / ЦИП е да придонесе за враќање на достоинството и на самопочитта на луѓето од регионот на Југоисточна Европа преку зајакнување на граѓаните преку социјална интеграција.
Инаку, нашиот центар SIEC работи на развој на заедниците преку темите на образование, родителство, родови прашања, зајакнување на маргинализирани групи (жени, млади, постари лица, етнички заедници).
SIEC е зафатен уште од јануари 2022 година со подготовка и дизајнирање производи за продажба. Облека за рециклирање е донирана од социјалното претпријатие Копче / Црвен крст и благодарни сме за оваа соработка што ни овозможи да трансформираме „2nd hand“ облека во чанти, престилки, додатоци и во иднина можеби навлаки за перници, чаршафи итн.
Имаме неколку видови производи за продажба какви што се маици со модерен принт, креирани од нашиот тим. Маичките имаат уникатни џебови, привлечни за различни клиенти, почнувајќи од млади до алтернативен тип клиенти што сакаат да се истакнат. Некои од чантите се дизајнирани за секојдневна употреба, со модерни ленти и мултифункционална употреба, а може да се користат за лаптопи, книги или дури и за кратки викенд-патувања. Престилките се изработени од фармерки и од чипка и се привлечни за жените и за децата како подарок.
Материјалите што се користат за нашите производи се џинс, лен, кожа и тие се уникатни, рачно изработени и преработени од претходно користени или нови предмети. Она што е интересно кај нашите производи се џебовите и отпечатоците, вклучувајќи ги и деталите со везот, што е еден од нашите заштитни знаци и препознатливоста на производите.
Во моментов сме зафатени со промоција на нашите производи преку саеми на невладини организации, разни продавници и кафулиња, а дел од нив се промовираат и во Центарот за поддршка на социјалните претпријатија во Скопје и преку социјалните медиуми.
Фотографиите што се дел од ова интервју ги направи во Центарот за поддршка на социјалните претпријатија. На кој начин соработуваш со вакви организации, каква поддршка добиваш од нив?
Нашиот SIEC / ЦИП тим и јас како дел од тимот соработуваме со Центарот за социјални претпријатија што се наоѓа на улица „Македонија“, кај Меморијалот на Мајка Тереза.
Нашите производи се изложени во Центарот што дава поддршка за развој на социјалното претприемништво во Македонија, заедно со регионалните центри, со цел да ги мотивираат локалните власти, компании, училишта, универзитети, невладини организации, студенти итн. за иновативни идеи околу социо-економска интеграција на маргинализирани групи. Центарот, заедно со регионалните центри, нуди поддршка во облик на бизнис-консултации, креирање бизнис-планови, брендинг и маркетинг обуки, организирање регионални настани за промоција на социјалното претприемништво, заедно со локалните власти. За повеќе информации можете да ги консултирате нашите Фејсбук профил и веб-страница.
Што те возбудува за иднината на твојот бренд? Како би сакал да се развива?
Мислам дека тоа се малите работи околу мојот бренд, и како тоа полека расте ме возбудува. Таа секојдневна креативност родена од спонтаноста на животот ме води да творам, но и да не творам кога креативноста треба да мирува. Искрено би сакал брендот и нашите производи спонтано и органски да се развиваат и да ги допрат луѓето со посебен, уникатен животен стил.
Од оваа гледна точка, во иднина би сакал да имам свое дизајнерско студио каде што би можел да си играм со веќе постојна облека, но и да создавам графички концепт-приказни за клиенти.
Како може публиката на PopUp да те поддржи? Каде може да ги видат твоите производи?
Би ми значела поддршка од луѓето што сакаат да ги подржуваат домашните дизајнери и бавната мода, а не на консумеризмот. Вклучување на локални бизниси што би можеле да ни донираат парчиња облека, кожа, материјали или поддршка од општините што сакаат да поддржат вработување на млади, жени и помали етнички заедници и нивното самовработување би ни била потребна и значајна во овие стартап фази на развивање моден бизнис-концепт.
Во моментов како тим имаме одлична соработка и поддршка од местата каде што ги продаваме производите, имено во Музејот на современата уметност, Игралиште, Младински културен центар, Platform. 010 и second hand облека во ShortBus Shop, а изложуваме и во Национален центар за социјални претпријатија и со радост ги повикуваме сите компании, невладини организации или креативни професионалци што се разбираат во мода и дизајн, да нè контактираат преку социјалните медиуми за понатамошна соработка – Аммар Качар и SIEC Macedonia.
И на крајот на денот, особено ни е важна поддршката од нашите семејства, тимот и од пријателите, како и од нашите соработници – невладини организации и професионални мрежи за развивање бизнис идеи и се надеваме дека ќе нè поддржат и понатаму во нашата амбиција за успешен бизнис во Македонија, а и во странство во иднина.
Автор: Клелија Живковиќ
Фотографии: REД Дизајн