Во рамките на есенскиот дел на Денови на македонска музика, на 19 октомври, беше изведено делото „Карусел“ за пијано и лента (2020) на композиторката Ана Пандевска. Тоа беше само уште едно дело во низата која беше претставена во последниов период. Тука најмногу мислиме на концертот „Амбиенти“, но композиторката ни ги откри и другите концертни активности што ги имаше оваа година.
Неодамна имаше концерт на твои авторски дела, кои ги изведе пијанистката Дуња Иванова. Музиката што беше изведена е опишана со насловот „Амбиенти“. Кога се создадени композициите?
– Во Паркот на Франкофонијата, на 8 октомври, го одржавме концертот „Амбиенти“. Концертот беше поддржан од Општина Центар, како дел од нивната програма и го поставивме на сцената која се наоѓа на таа локација, а истата е креирана и поставена како соработка помеѓу „Bullfrogs Ballet School“ и општината. Мислам дека допрва ќе заживее таа сцена на отворено и веќе следната летна сезона ќе има многу повеќе музички настани. Прекрасна идеја, бидејќи на Дебар Маало му фалеше една ваква сцена.
Музиката на концертот ја изведуваше пијанистката Дуња Иванова, моја долгогодишна соработничка и, пред сѐ, пријателка. Можам да кажам дека Дуња мојата музика ја познава до срж, со оглед на тоа колку често ме изведува и колку заеднички концерти сме направиле во последните 7-8 години. Музиката ја компонирав во периодот од 2015 до 2019 година. Засебно некои од парчињата беа изведувани во склоп на повеќе фестивали и концерти во минатите години, но некои од нив беа изведени и само по втор пат. Така што публиката која доаѓа редовно на моите концерти можеше да чуе и дела кои ги пропуштиле на некои од претходните концерти.
Концертот го насловив „Амбиенти“ поради атмосферата која преовладува во делата и таа амбиентална нишка провејува речиси низ сите мои композиции, нормално во фузија и со други жанри и стилови. И поради тоа што концертот беше поставен на отворена сцена замислата беше да се избегнат строгите стеги вообичаени за класичните концерти во сала и да се создаде пријатен амбиент на отворено.
Електроакустични концерти се реткост на културната сцена. За каков тип концерти станува збор и зошто се одлучи за компонирање на таков тип дела?
– Некаде од 2013 година еве, речиси, 10 години, пишувам претежно електроакустична музика за разни состави и ансамбли. Станува збор за музика која е спој на електро со современата авангарда изразена преку некој акустичен инструмент како изведувачки апарат, а воедно избалансиран со електронска трака, која нуди збогатување и осовременување на звукот преку можностите кои ги нудат модерните технологии.
Можностите за креација се бесконечни, особено што јас сакам музиката која ја пишувам да создаде визуелизација при аудио слушање кај публиката, бидејќи и додека самата ја создавам музиката, мене во текот на компонирањето ми буди и визуелни замисли. Често после авторските концерти добивам коментари од публиката дека гледале чисти слики и цели развојни визуелизации при слушањето на музиката. И мене тоа ме радува, сакам кога уметноста отвора повеќедимензионално чувство кај публиката.

Покрај пијаното, во изведбата се вклучува и фиксен медиум. Во таков случај, како се одвива соработката и комуникацијата со изведувачот?
– Ова е интересно прашање, до сега никој не ми го поставил. Обично самите изведувачи ми бараат композиција која сакаат да ја свират, баш затоа што никогаш претходно не свиреле нешто такво и, претпоставувам, им претставува предизвик.
Интересно е тоа што индивидуалците, како соло изведувачи на пример, обично треба во електроакустиката да се соочат со механички партнер. Односно ако свири соло изведувач со фиксен медиум, потребно е да се однесува како да е во дуо состав, но тоа е уште потешко, бидејќи самиот солист треба да биде водич на материјалот, а притоа да дозволи траката да дише и да се воспостави баланс во течението на формата, архитектониката, динамиката и развојот на делото. Потребна е голема изведувачка прецизност, точност и концентрација при изведбата, покрај сите останати параметри, како израз, динамика…
Кога се работи за ансамбл, секако најголемата одговорност ја превзема диригентот. Тој треба да навлезе во материјалот и јасно и прецизно да го совлада истиот со колективот.
Оваа година за првпат имав и целовечерен електроакустичен концерт за деца, насловен „Во светот на чудата“, каде покрај намената – детска публика, и деца пијанисти ја изведуваа музиката. Овојпат на пијано свиреа Ана Мазнејкова и Ивана Мазнејкова. Тоа се две млади пијанистки кои веќе сериозно навлегуваат на пијанистичката сцена во земјата, а сѐ почесто и надвор. И бев воодушевена од нивната изведба и начинот на кој нивните ментори ја совладале материјата.
Предноста и олеснување на изведбата е одговорноста што ја носам јас како композитор и треба секој знак, особено на влезовите, да им биде јасно посочен, како и одредени звуковни материјали на траката да бидат јасна водилка, маркери во темпото и снаоѓање при читање на нотниот запис. Се надевам дека успевам.
Со Дуња Иванова имате подолгорочна соработка. Како вие двете се најдовте на иста бранова должина?
– Дуња е прогресивен пијанист кој излегува од рамките на класицизмот, и покрај таквата наобразба, бира програма на своите репертоари кои се несвојствени за нашите пијанисти. Се познаваме од деца, учевме во исто основно школо, потоа и во музичко нижо, средно и факултет, пеевме во исти детски хорови, и двете сме од Дебар Маало. Но и покрај тоа нашата дружба се интензивираше преку сличните музички вкусови кои ги негуваме. Па дури пред едно 10 години патиштата повторно ни се вкрстија и преку музиката која ја создавам, а таа ја изведува. Така се обнови познанството од детството и прерасна во прекрасна музичка и пријателска соработка и дружба. Секој концерт со Дуња само ја потврдува нашата взаемна љубов кон музиката и уметноста, воопшто, но и професионалниот пристап кон истата. И верувам дека тоа е нешто што ќе ни остане.
Во твоите дела како „личност“ се појавува и градот Скопје, а на концертот беше изведено делото „Свита за Скопје“. Што беше инспирација за делото?
– Скопје ми е честа инспирација во делата. Сигурно имам барем четири композиции за различни ансамбли и состави инспирирани од Скопје. Каков и да е градот, мој е и секогаш ќе се навраќам на таа тема, била убава или не, ќе ги потенцирам грдостите и убостите на градот. Градот во кој сум родена, живеам и работам, градот во кој живеат луѓе кои ги сакам и место кое буди спомени. Креативната работа го дозволува тој излет на ставови, емоции, сеќавања и доживувања и затоа мислам дека ја имам најубавата професија на светот и дури на моменти се чувствувам привилегирана што сум музичар-креативец.
Освен на концерти, каде може на друго место да се слушне музиката што ја компонираш?
– Лани излезе моето прво авторско ЦД на кое се најдоа композиции за различни ансамбли кои беа изведени во текот на минатите години, од композиции за соло инструмент, камерни ансамбли и дело за симфониски оркестар. ЦД-то може да се најде во Сојузот на композитори – СОКОМ.
Се трудам видеоснимките кои ги правам од концертите да ги атачирам на моите Јутјуб-канали и на ФБ – артстраницата, која редовно ја ажурирам.
Минатата година белградската издавачка куќа „Поп Депресија“ на повеќето дигитални платформи, како дел од нивниот годишен семплер, вклучи и моја музика. Оваа година ќе влезам во неколку компилациски изданија на дигитални платформи на изведувачи од Кина и Германија. И секако, тука се и изведбите во живо, кои се интензивирани и надвор од државата, а на почетокот од февруари 2022 имав изведба во Црна Гора.

Каков третман има класичната музика, не само твојата, туку воопшто, и институционално и медиумски?
– Што се однесува на финансискиот бенефит јасно е дека тука нема некоја голема заработка, бидејќи станува збор за уметничка музика и не е од комерцијален тип. Така што обично овие концерти се бесплатни и нема обрт на средства. Проектите обично се финансираат од Министерството за култура или други помали јавни установи од областа на културата, како и Општините. Но, тоа се средства со кои едвај може да се постават проектите, а камоли да се заработи.
Институциите се трудат да се подобрат нештата и да се поттикнат авторите, но буџетите се многу мали, од тука ретко кога се појавуваат убави авторски концерти. Сепак, постојат ентузијасти кои создаваат музика поради потребата која ја носат во себе, па не се потпираат само на материјалните приходи, туку неуморно творат.
Кога институциите ќе сфатат дека компонирањето е од огромно значење за националниот интерес, како и за унапредување на творечкиот и изведувачкиот процес во земјата, кога ќе сфатат дека тоа е културно наследство кое останува за идни генерации, тогаш можеби малку посериозно ќе се однесуваат и секако со повеќе почит кон композиторите и здруженијата кои ја пласираат оваа музика.
Медиумски, исто така, е оскудно покриена оваа сцена. Освен неколку новинари од областа на културата, ентузијасти кои ги следат настаните, друго нема. Среќа интернетот овозможува полесна самопромоција, па така некако презентирам што работам. Радиостаниците не пласираат ваков тип музика, за телевизија да не спомнувам воопшто. Добро е што барем концертните изведби се застапени, па публиката во живо може да следи што ново се создава.
Што ќе биде твојот следен проект?
– Во моментот работам музика за вокален ансамбл и фиксен медиум по нарачка од Штутгард, композиција која премиерно ќе се изведе на Музичкото биенале во Загреб, а потоа и на Летниот фестивал во Штутгард.
За февруари 2023 година добив покана за целовечерен авторски концерт во Подгорица, Црна Гора, со изведба на мојот циклус за деца (пијано и фиксен медиум) „Во светот на чудата“, составен од 16 пиеси. Ќе го изведуваат нивни ученици. Во април 2023 имам покана за премиерната изведба на Музичкото биенале во Загреб.
До крајот на 2022 треба да излезе моето ново ЦД-издание со електроакустична музика за деца „Во светот на чудата“ во изведба на Ана Мазнејкова и Ивана Мазнејкова. Мислам дека ова е прво авторско ЦД за деца и во изведба на деца со електроакустична музика во Македонија.
Исто така, наскоро ќе биде промовирано едно видео, работено по режија на нашиот режисер Андреј Марјановиќ, во изведба на харфа од Весна Микиќ, а по моја музика. Имам планови и за неколку нови композиции, кои ќе ги напишам во 2023 година.
Автор: Тони Димков