„Што мислиш дека твојот стил кажува за тебе?“
Ова е прашањето со кое Елиза Гудкајнд и нејзината ќерка Лили Манделбаум го почнуваат секое интервју во нивната прочуена серија „What’s Underneath“ („Што има под површината“), која ја емитуваат на Јутјуб веќе осум години. Серијата ја сочинуваат интервјуа во кои тие две се зад камерата, а нивниот соговорник е во средина на кадарот, одговарајќи ги нивните прашања и соблекувајќи едно парче облека во текот на разговорот. Со секое симнато парче, тие слој по слој се ослободуваат од сите проголтани уверувања дека нешто не е во ред со нив и доаѓаат до она што ги прави вистински убави и комплетни – нивната неповторливост и себеприфаќање.
Нивниот проект се вика StyleLikeU и припаѓа на низа документарни проекти (The Selby, Humans of New York, Advanced Style и слични) кои почнаа да се појавуваат изминативе две децении. Сите овие проекти ја документираат убавината која произлегува од автентичниот израз на секоја личност, но и храброста и итрината со која индивидуи ширум светот секојдневно одбираат да бидат најавтентичната верзија на себе си. Развивајќи се истовремено со социјалните мрежи и нивното интегрирање во рекламната индустрија, во сржта на овие проекти е поврзаноста помеѓу луѓето. Низ разните интервјуа, каде слушаме и читаме длабоки и интимни приказни за животите на личностите кои ги интервјуираат, овие проекти ни посочуваат на тоа колку може да биде моќна поврзаноста помеѓу нас кога би биле што почесто искрени и отворени едни кон други.
Елиза во 80-тите години на минатиот век работела како стилист во модната индустрија, но решила да ја напушти таа професија кога ја воочила нејзината трансформација од движење што ја слави единственоста на секоја индивидуа и тело во индустрија што ги осудува и ги трауматизира сите чии тела отстапуваат од идеалот за убавина што таа го дефинира. Таа вели дека најотрезнувачки ѝ влијаело сознанието дека истите тие списанија што таа ги стилизирала, ја уништувале самодовербата на нејзината ќерка Лили, која се борела да го прифати своето тело онакво какво што е и да ужива во сопствената кожа. Во потрагата по нивното заемно ослободување, тие почнале да ги документираат личностите чиј стил на облекување и изразување е запоставен од модната индустрија и медиуми. Нивната љубопитност за тоа што ги прави луѓето бескомпромисно свои, ги навела да ја создадат постојната збирка видеа што пренесуваат искуства и разноликост, чие разгледување може да биде катарзично и ослободувачко за секого.
Покрај серијалот „What’s Underneath“, на нивниот Јутјуб-канал има стотици интервјуа со личности што ги покажуваат своите плакари (Closet interviews) и зборуваат за парчињата што ги носат, што значат тие за нив и како чинот на облекување претставува славење на нивната уникатност и процес на сопствена нега.
Во нивните видеа секоја личност го добива истото внимание и восхит за нивната храброст да ја споделат својата највистинита форма со светот, во која нивниот род, пол, раса, возраст, тело и сексуалност се аспекти што ја збогатуваат нивната приказна и им овозможуваат подлабока поврзаност со нивното опкружување.
Елиза и Лили велат дека нивната експертиза е гледање на убавината во луѓето, а по речиси цела деценија работа на ова движење, нивната порака се чини сè поважна:
„Вистинскиот стил е повеќе од само она што го облекуваш. Вистинскиот стил е твојата приказна, удобност во сопствената кожа и себеприфаќање. Вистинскиот стил е она што е под површината“.
Автор: Клелија Живковиќ
Фотографии: StyleLikeU