Малолетниот Пол (Ф. Камерер) е одлучен да ѝ се приклучи на германската армија и да замине на бојното поле со најдобрите другари. Тој успешно го фалсификува потписот на неговите родители и еуфорично низ смеа тргнува во поход наивно потценувајќи ја немилосрдната војна…
„На Запад ништо ново“ е долгометражен игран филм на Едвард Бергер чие сценарио е (трета) адаптација на истоимениот роман на Ерих Марија Ремарк инспириран од траорните сведоштва на авторот во Првата светска војна.
Воведниот половина час е вешто осмислена најава за свирепиот хорор што следи во калливите ровови на студениот фронт. Сценариото нѐ запознава со насмеаниот протагонист и веселото друштво, но истовремено нуди грозен приказ на шивачките кои ги прикрпуваат изрешетаните и измиени униформи од крв на починатите војници и ги подготвуваат за нови, млади момчиња. Режисерот инсистира да ја претстави суровата разлика помеѓу изгладнетите војници кои едвај преживуваат и делат корка сув леб наспроти раскошниот живот на егоистичните водачи и префинети дипломати, истакнувајќи ја бесмисленоста на војната. Исто така, морничавите звуци со високи тонови на композиторот Фолкер Бертелман се совршен предвесник на стравот, неволјата и смртта, а директорот на фотографија дополнително ја воспева тензичната атмосфера. Тој употребува бледникаво сина леќа на камерата и ја претставува војната во прво лице низ најчесто еден, долг кадар за гледачите сирово да ја искусат битката за уште еден здив. Но, кинематографијата на Џејмс Френд е разновидна и крупните кадри се сеприсутни кога протагонистот чувствува голема доза на стрес и неговото лице менува болни гримаси.
Дебитантот на филмското платно, актерот Феликс Камерер е одличен во улогата на тинејџерот Пол и е пријатно изненадување за почетник прикажувајќи широк репертоар на трансформација. Зрелата актерска игра на синоокиот глумец е уште поимпресивна кога покрај себе го има врвниот перформанс на Албрехт Шух во ролјата на неписмениот Кат. Тој нетрпеливо го чека крајот на конфликтот за да ја надомести болката со сопругата поради изгубеното дете и умешно го крие тоа од неговите соборци. Поискусниот Шух ја предводи актерската екипа од позадина и со секоја измината сцена го навлекува вниманието на себе. Но, тој е веќе докажан актер со квалитетни изведби во неколку филмови како во „Берлин Александерплац“ и полека се афирмира во еден од најдобрите актери во Европа.
„На Запад ништо ново“ е врвно остварување, дефинитивно една од најдобрите воени драми во новиот век со акцент на режија, кинематографија, шминка, оригинална музика и актерска игра. Исто така, автентичноста на делото се зголемува со фактот што оваа трета адаптација на романот на големото платно е целосно на германски јазик, за разлика од претходните кои се на англиски јазик. Режисерот настојува да ја прикаже бескрупулозноста на војната во брутално издание што не е за сечиј желудник и го отсликува контрастот меѓу идиличините пејзажи на природата и ужасот меѓу луѓето кои војуваат. Ако „1917“ главно се потпираше на фантастичната кинематографија на Роџер Дикинс сега остварувањето на Бергер е далеку покомплетно и бележи повеќе квалитетни страни, а Дикинс може да биде горд на неговиот колега, Френд. „На Запад ништо ново“ освои дури седум „БАФТА“ награди (режија, адаптирано сценарио, кинематографија, филм од неанглиско говорно подрачје, оригинална музика, звучни ефекти и најдобар филм) и дополнително запиша девет номинации за „Оскар“. За жал, брилијантниот актерски перформанс на Албрехт Шух не влезе во потесниот избор за номинација од Американската академија за филмски уметности и науки ама тој беше номиниран за „БАФТА“ и неговата изведба дефинитивно нема да остане незабележана. За крај, филмот заслужено ќе заземе место помеѓу безвременските класици во жанрот воена драма без разлика на бројот на награди што ќе ги освои и ова е уште еден потсетник за милионите загубени животи во Првата светска војна.
Оцена: ★ ★ ★ ★ ★
Филип Мишов