Музиката на Тодор Караколев со нејзиниот продорен и мрачен призвук често ми одѕвонувала во главата, но ретки биле моментите во кои сум можел да присуствувам на нејзиното создавање. Првпат негова нумера слушнав на музичкото радио „Канал 103“ пред, можеби, дваесетина години. Не успевајќи да го слушнам на некои од фестивалите на кои настапи во изминатиов период, ја искористив приликата пред десетина дена во „Ла Кања“ (во Старата скопска чаршија) да го надополнам пропуштеното. Покрај музичкото доживување, тука ја откриваме и целата приказна на творештвото на Тодор Караколев, еден од најинвентивните и најоригинални артисти на македонската електронска сцена.
Пред десетина дена во „Ла Кања“ имаше самостоен настап со авторска музика. Не многу често имаме можност да те гледаме во живо. Зошто е тоа така?
– Сѐ поретки се местата каде можам музички да се изразам, но сепак, прифаќам покани од одредени локали каде знае да се почитува оригинална и несекојдневна, невообичаена музика. Листата на добри места за настап и публика која знае да процени оригиналност и индивидуалност е сѐ пократка. „Ла Кања“ е катче каде не постојат музички ограничувања и предрасуди, каде добрата музика (и уметност) секогаш се цени и почитува. Веќе неколкупати настапував таму и секој пат заминувам задоволен. Имав настапи и во други локали и не би се пожалил од организацијата, но сепак, сѐ се сведува на тоа колку си познат во тие кругови и како е примена твојата/мојата музика и желбата да бидеш слушнат.
Како самостоен артист со електронска музика се занимаваш повеќе од 20 години. Практично, кога можеме да ги датираме твоите музички почетоци?
– Како самостоен артист кој компонира, издава и настапува, повеќе од 20 години го градам своето Јас во музичко-уметничка смисла. Почетоците беа уште во касните 90ти, во неколку бендови каде фигурирав како гитарист, басист или вокалист. Во Велес, во она транзициско време, имавме бендови и музичари кои „хараа“, газеа и успеваа да остават силен впечаток со својата креативност и дрска оригиналност. Покасно, дел од нас почнавме да компонираме автономна музика, „bedroom“ продукција, пред сѐ, во стил на електронските жанрови кои тогаш земаа залет. Техно и минимал техно беше она во што тогаш се впуштив да чепнам. За првпат, некаде во 2010, официјално издадов две EП изданија со електронска музика под псевдонимот ТДР (TDR). Сѐ она што покасно следуваше беа нумери, песни, проекти кои се најдоа на некакви компилации, траки кои самостојно ги издадов и кои се вртеа/вртат на некое радио или по електронски портали.
Во тие времиња можеа да се слушнат твои композиции на независното и алтернативно музичко радио „Канал 103“. Каква беше и каква е денес твојата поврзаност со „Стотројка“?
– „Канал 103“ и екипата која е дел од тоа радио беа оние кои ме открија, ме исконтактираа, ми дадоа фин „boost“ за да продолжам да креирам. „Стотројка“ е причината поради која продолжив да музицирам. Првиот настап како самостоен музичар ја имав во емисијата на Ѓорѓи Јаневски („Ако никој не свири“). Врската која ја имам со брановите на тоа радио е силна, интимна. До ден-денес настапувам или учествувам во програмите на таа култна институција. Секоја моја нова трака се емитува и го има ексклузивитетот во рамките на „Канал 103“. Голема штета и непромислен потег е тоа што се укина ФМ фреквенцијата на тоа студио. Во македонскиот етер моментално не постои радиобран кој ни приближно е сличен на програмскиот спектар на „Канал 103“. Тотална институционална неодговорност и обид за девастација на македонската креативно-музичка уметност. Но сепак, „103ка“ останува остар трн во ногата на безвкусот и опстојува без разлика на потешкотиите со кои се соочува.
Покрај неколку синглови и еден ЕП не успеав да најдам долгосвиречко издание со твоја музика. Едноставно таа работа не стигнала на ред или друг е проблемот?
– Хиперпродукција – без поголем фокус на издавање. Знам дека е недостаток, знам дека е недозволиво за било кој музичар… едноставно така тргна работата. Издадов сингл после сингл и немав некоја потреба и желба да склопам целина која би била албум или EП. Дури и она последно „Наивно“ (ЕП) од 2020 година беше издадено под сугестија/инсистирање на оние блиски до мојата креативност. Но сепак, во иднина планирани се неколку изданија кои ќе содржат композиции кои се веќе слушнати, но и композиции кои моментално ги работам.
Дел си од електронската музичка сцена. Како го откри афинитетот кон создавање и продуцирање музика со минимал техно и хаус-елементи?
– Едноставно, тоа е музиката која ја слушам и која ми се допаѓа. Креирам композиции со силен емотивен набој, се движам низ повеќе жанрови на електронската музика, и неретко се впуштам во создавање на чудни жанровски фузии кои имаат добар прием од публиката. Немав конкретна определба да креирам електронска музика, едноставно решив дека можам самостојно да искомпонирам и создадам музика без инволвирање на други музичари. Тргнав со таква визија и успеав до некаде да создадам сопствен стил и правец во кој би ја сместил својата продуктивност. Препознатливо е тоа што во електронската музика, музичарот како индивидуа сам може да искреира и создаде трака од почеток до крај, од звук до текст, без притоа да зависи од други музичари. Секако дека колаборација со други музичари е суштински потребна, и во некој случај неминовна. Морам да ги спомнам и активностите кои ги имам со „Сусијат“, бенд на кој се придружив како вокалист, но покасно вклучивме и сајзери, со што добивме моќна фузија на построк, ноиз (noice) и експериментален нео краут. Одлични беа неколкуте концерти низ Македонија и надвор, одличен беше материјалот кој го издадовме како втор албум на тој бенд. Наскоро планираме посериозна музичка активација.
При компонирањето и при настапите во живо користиш повеќе електронски инструменти и алатки. Што поточно содржи твојот сет со инструменти?
– Сетап-от кој го користам на настапи (и компонирање) знае почесто да се менува, но воглавно се состои од ритам машини и сајзери поддржани од повеќе видови на ефект елементи и педали. Фан сум на „korg“, па најчести елементи во мојот сетап се ритам машините EMX-1 и ES2, кои се носечки столбови на ритам секцијата пропратени со бас линија од моќниот „korg monologue“. Како главни мелодиски сајзери, улогата на „lead“ и „pad“ ја имаат неколку елементи, како култниот „microkorg“ и ненормалниот мал ѕвер од „arturia – microfreak“. Како ефекти најомилена ми е една клон дилеј-педала, која дава широк спектар на звуци паралелно на она што го свирам. „Fuzz“ и „overdrive“ прават работите да звучат бесно, но повеќе да потенцираат одошто да пречат. Едноставно обожавам да експериментирам, но сето тоа се трудам да звучи прифатливо и во добри рамки – слушливо. Технички гледано, секој настап е свирка во живо. Иако работам со машини, не се базирам на компјутерски „pre-edit“, ограничување на минутажа на траките или претходно подготвени аранжмани. Не си ја олеснувам музичката креативност при настапите. Неколкупати имав настап со гитаристи или други електронски музичари каде индивидуалноста се сведува на минимум и се оди со безрезервно угодување на публиката. Најважно е анимирањето на слушателите и тоа да се остави добар впечаток и да се разбие монотонијата.
Твојата музика некои ја дефинираат како „мутант-техно“ или како „пост-диско“. Кои музички влијанија ти биле важни при создавањето на својот авторски израз?
– Интересно е тоа што креирам музика што не е жанровски определена, односно знае да оди од екстреми до прибраност. Можеби е невообичаено, но знам и имам композиции кои се онака „макфестовски“, но и траки кои се „чудни“, малтене тешки за слушање. Мутант-техно траките обично ги издавам како ТДР (и вообичаено се безтекстуални), а оние пост-диско или нео краут, ноар-балади одат под Тодор Караколев.
Во последниве 2-3 години се нурнав во некоја трета музичка индивидуа, која креира екстремно чуден, агресивен и „borderline наказа“ од музичка лирика – нумери кои допрва треба да излезат во етер. Влијателни се неколку музички правци, но, пред сѐ, ме допира оригиналноста во музиката. Знам да се опијанам од репетитивноста во краут-музиката, од длабочината на „dark synth“ и „no wave – avantgarde“ сцената, наивноста на DIY-артисти, смелоста на македонските помалку познати бендови.
Потекнуваш од Велес, живееш во Скопје. Каде ја пронаоѓаш инспирацијата за новите музички креации?
– Музиката е велешка – инспирацијата е моментална. Пеам исклучиво на македонски јазик – велешки, честопати знам да вметнам архаични или стихови на дијалект кој ми е мил. Многу е различна енергијата која ја примив растејќи во Велес и онаа која ја живеам во Скопје. Наоѓам формула со која умеам да искомбинирам мелодии и текстови кои ќе бидат вприемчени без разлика каде се создадени. Сепак, сето она кое го создавам е македонско, наше, разбирливо, нѐ допира онаму каде најмногу сме осетливи, знае да опише моменти кои интимно ги живееме и чувства кои не умееме да ги искажеме, но ги препознаваме и во кои се пронаоѓаме. Ме допира секаков вид музика. Влијае секој звук кој ќе го слушнам. Инспирација црпам буквално од целото опкружување, од секоја средба, добро или досадно пројден ден, пазари, трговски центри, улици, ликови, фрикови…
Си учествувал на неколку арт-фестивали, повремено самостојно настапуваш на клубската сцена. Какви се твоите планови за оваа година?
– Имав доста покани и настапи на фестивали, и секогаш прифаќам покана од организатори на фестивали во Македонија и во соседството. Понекогаш сум пријатно изненаден од покани на свирки и фестивали, како на пример „Mayday“ фестивалот во Софија (2022), каде 90 проценти од артистите беа „punk“ и „HC-punk“, но имаше и електронски артисти (домашни и странски) кои настапија и беа изненадувачки позитивно примени од страна на тамошната публика. Во 2022 бев дел од неколку клучни фестивали во Македонија и во иднина верувам ќе продолжи тој континуитет.
Пред сѐ, оваа година, на музички план, ќе биде интересна затоа што во план се издавање на неколку изданија, жанровски премногу различни, во колаборација со прекрасни, креативни музичари, изданија кои ќе бидат добар предизвик да се издадат и да бидат слушнати во ова чудно време на сеопшта конфузија и музичка апатија. Уметноста, креативноста и музиката се она што треба и мора да нѐ одржи на нога после секој зададен удар од ова бајато секојдневие и безвкус.
Тони Димков
Фотографии: Лична архива