Постојат музички изданија што постигнуваат успех веднаш по објавувањето, но набргу се забораваат, додека други изданија ја задржуваат енергијата и свежината како во моментот кога биле создадени. Тоа се тие вонвременски албуми, кои неочекувано стануваат повеќе од тоа што се. Во ера на лесно достапна музика, некои стари изданија лесно ги надминуваат ерите во кои биле создадени и сè уште го привлекуваат вниманието со тоа што и ги направило уникатни на прво место. Во време кога физичките медиуми стануваат раритети, објавувањето стари и популарни изданија што се убаво спакувани, внимателно ремастерирани, прават реизданијата да станат уште поспецијални. Оваа година „Кроација рекордс“, која е наследник на легендарната издавачка куќа „Југотон“, го реиздаде албумот „Као какао“ на „Леб и сол“ по повод 35-годишнината од објавувањето. Албумот постигна голем успех благодарејќи на многу фактори, но на прво место се одличните песни, продукција, дизајн, и со тоа отвори нова фаза во кариерата на бендот. Самото реиздание бргу се искачи на врвот од топ-листата за најпродавани албуми во Хрватска и веќе неколку недели е на врвот. Зборувавме со Влатко Стефановски за создавањето на овој албум, за емоциите и идеите што го придвижија и за новите простори што се отворија со успехот на албумот.
На што се должи долговечноста на некои уметнички дела, без разлика дали е музика, книга, филм? Што е тоа што прави некое дело да опстои и да ги сочува емоциите и идеите и да биде релевантно многу по времето и околностите во кое било создадено?
Јас мислам дека работите се онолку вредни колку што енергија и време ќе вложиш во нив, а притоа и страст и талент. Без тоа нема ништо. Постојат моменти кога човек површно се движи низ животот, а постојат моменти на длабоко орање. Верувам дека секоја енергија потрошена на некое дело или на некој проект, на крајот ќе се исплати. Се разбира, немаш секогаш инспирација и не си секогаш допрен од Господ. Некојпат и тоа се случува. Но, тоа обично се случува по долги и јалови години на трагање, лутање, губење и повторно пронаоѓање. По извесен број јалови периоди, можеш да очекуваш плоден период и да очекуваш нешто што е „точно погодено во центар“ и кое во моментот нешто значи, а и во моментите што доаѓаат останува да значи.
Огромна страст и енергија се потребни за да ти се случи такво нешто. Еве, „Битлси“ да речеме, до ден-денес звучат толку свежо, а да не зборувам за класичната музика која е направена во одредени периоди и звучи фантастично и ден-денеска. Но, еве ги земам „Битлси“ за пример. Песната „Love Me Do“, која е снимена во 1962 година, до ден-денес звучи толку свежо по 60 години. Таа звучи толку свежо и продукциски модерно, да речам, затоа што во тој момент било употребена огромна енергија, талент и, секако, момент на инспирација. Значи, страст, долгогодишна евентуална посветена работа и чекање на моментот да се случи нешто вонвременско.
Какво место зазема албумот „Као какао“ во однос на твојата целокупна дискографија или кариера? Неодамна доби винилно реиздание по повод 35-годишнината од објавувањето. Претходното реиздание во 1999 година ја доби и наградата Порин.
Да, во 1999 година беше реиздаден на цеде и тогаш ја добивме наградата Порин за најдобро реиздание за таа година. Сега конечно доживува луксузно издание на 180-грамски винил и тоа што мене најмногу ме радува е што на индиректен начин се приближивме до „Битлси“, преку студиото „Abbey Road“ каде што тие работеа на нивните албуми.
„Као какао“ е рематериран на half-speed ремастеринг токму во ова студио од страна на познат инжењер (Miles Showell). Тоа е неверојатно и многу ме радува тој податок и пред некој ден ја преслушав мојата копија од албумот и тој звучи навистина неверојатно свежо. Како да слушам мастер траки. Неверојатно е направен продуктот.
Дали можеш да се сетиш на концептите и на идеите што ги имавте во тоа време и ги придвижија тие песни и овој албум? Албумот е пресвртница во однос на сè што „Леб и сол“ го работеле претходно.
По доста кризни години, да бидам искрен, почетокот на таа декада беше кризен – ги губев родителите, бевме сите во војска, бендот се менуваше и имавме персонални промени. Гаро замина, а на негово место во 1981 година дојде Драгољуб Ѓуричиќ. Сето тоа беше многу на мускули и немавме доволно концерти. Кога еден бенд ќе држи повеќе состаноци отколку што држи проби, веќе укажува на нешто. Имавме само состаноци размислувајќи како понатаму, што треба да се прави, како треба да се прави. Во меѓувреме, после неколку албуми за Југотон како „Калабалак“ и „Тангента“, го објавивме „Звучни зид“, не знаејќи што точно да правиме. Собравме музики што сме ги работеле за филм и театар. Ако не се лажам, тоа беше во 1985 година. Во меѓувреме, се случи кондензација на некои идеи што треба да се прави понатаму.
Исто така, почнав врска со девојката што подоцна ми стана сопруга (Гордана) и бев во една подигната состојба. Додека на другите членови им се случуваа фамилии и деца, мене конечно ми се случи љубов и некаква посериозна врска. Бев многу инспириран од таа врска и релација. Бев малку како „Вљубениот Шекспир“ и почнав да правам некои песни што се љубовни, кои се емотивни. Целата таа насобрана енергија од тие изминати сушни години, јалови години, целата фрустрација, целиот занес од новата љубов, сето тоа почна да се кондензира во некој нов материјал, во некои нови песни. Ако ми веруваш, во тој период песните ги тресев од ракав. Ми излегуваа сами од себе, а тоа е најдобриот начин да ти се случи песна, сама да се роди без многу да ја „беби-ситуваш“.
Ќе ти кажам како е напишан и текстот за песната „Као какао“. Тогаш веќе бевме во студио, бевме во некоја грозница, треска, креативно да кажам. Првите денови не беа добри. Имав два магнетофони, кои сè уште ги имам, и после секој сешн носев ленти дома и на мојот ленташ ги преслушував. Во тоа време, Брацо Зафировски ги снимаше. Првите денови беа многу јалови. Ништо не излегуваше. Ништо не звучеше како што треба и беше лошо. Имавме ноќни термини. На албумот во средината има слика од дописот од Југотон упатен до Радио Скопје да ми овозможат 200 часа ноќни термини. Снимавме од 11 навечер до 4 или 5 сабајле (додека нè држеше сила).
Првите неколку денови не беа добри. Сè пробувавме и не звучеше како што треба.
Дури по една недела почнавме да фаќаме некакви форми, почна нешто да се случува. Почна нешто да зазвучува. После кога ќе тргне тоа и кога ќе го фатиш звукот на тапаните, кога ќе се инсталираш добро, добро кога ќе се наместиш и ќе го фатиш звукот на бендот, потоа е полесно. Песните излегуваат како на лента. Дури по 15 дена сфативме дека сме на добар пат. Гаро брзо заврши работа и останавме јас, Бодан, Кики (Кирил Џајковски) и Брацо да правиме надоснимувања. Знаевме дека нешто добро се случува. Почна тоа да звучи добро.
За време на тие сешни сè уште немав текстови. Имав само „на, на, на“. Една вечер легнав и во полусон само го прочитав целиот текст на „Као какао“. Во меѓувреме доаѓаа Беби Дол и Мишко од Д Бојс и се мотаа во Скопје и доаѓаа во студио. Тоа е белградски жаргон – користеа „као“ и цело време беше „као, као, као“ и мене ми зазвучи тоа „као“. Ништо не е право, сè е „као“ или фејк. Си реков, ова е добар лајтмотив за песна. Легнав и како на лента ми се истовари текстот. Станав, отидов во другата соба каде што ми беше машината за пишување и го напишав целиот текст. Во тоа време, мојата девојка работеше и стануваше пред мене и само ѝ го оставив на машина текстот да го прочита. Подоцна се слушнавме и рече дека ова е „мрак“. И знаев дека е погодено и останатото е историја.
Песната „Као какао“ се наоѓа на репортоарот на Џибони.
Тој ја изведува таа песна кога му гостувам, инаку не ја свири постојано. Ако го прашаш Џибони за албумот „Као какао“, ќе ти каже сè дотогаш што се случувало на југословенската рок-сцена било ок, но кога излезе „Као какао“, јас мислев дека комета влегла во мојата спална соба. Тоа го има изјавено и тоа е токму така. Албумот е откровение. Еве, нека се преслуша со денешни стандарди, тој албум звучи многу добро. Песните се пишувани во ’86-та, а ’87-ма се снимени. Кажи ми кој албум може да му се приближи од југословенската рок-музика? Џибони се приближи малку постјугословенски, со продукциите, со гостувањата на големите ѕвезди – Ману Каче, Тони Левин, Пино Паладино. Тој се приближи до тие нивоа. Не дека ние бевме претерано генијални, но, ете, ни се случи тој албум.
Зборувај ми за хемијата што се случи меѓу Вас во бендот и ги изнедри другите песни на албумот, како „Чувам ноќ од будних“.
Во бендот го поканивме Кирил Џајковски. Тој заврши огромна работа. Огромна. Имаше страшно јак нерв. Имаше фокус. Тој можеше со часови да снима и да повторува една те иста фраза без да се умори, без да погреши. Тоа беше многу добро од него. Тој има голем придонес, се разбира, но и Гоце Мицанов кого го има на речиси секоја песна. Гоце е извонреден музичар и него го познавам од времето додека служев војска во Штип. Знам дека цел ден беше со саксофонот, цел ден вежбаше и беше фанатик и тоа се слуша на албумот. Неговите сола се феноменални. Се случи една убава енергија во тој бенд, во тој период. Инаку, не би можело тоа така да звучи. Бевме добро подмачкана машина. Луѓето зборуваат дека некои од стиховите се пророчки на тој албум. Веќе почна да се насетува крајот на Југославија. Имаше некаков неспокој во воздухот.
Дали можеш да ми го обоиш периодот во кој бендот твореше, посебно 80-тите? Каква основа даваше тогашната држава за напредокот на креативните индустрии во тој период? Ова подразбира и музика и визуелни уметности и за филмови и за сè.
Во 80-тите беше многу поважно да се дочека нов албум на Џони Штулиќ, на „Азра“, отколку да се дочека кој ќе биде нов премиер или кој ќе биде пратеник од Македонија во Белград. Не нè интересираше политика. Никого не го интересираше политика. Можеби нашите татковци, ама ние се занимававме со популарна култура. Тоа ни беше важно. Мене ми беше важно да направам нов албум, да направам нешто добро и да тргнам на пат, да свирам. Денес работите се завртени сосема наопаку. Денес е важно која партија излегла од власт а која влегла, кој направил коалиција со кого, што се сосема неинтересни работи. Тие се целосно непотребни. А ние со тоа се занимаваме сега. Во тоа време, популарната култура, барем во мојот живот и во животот на мојата генерација, имаше многу важна улога. Многу беше важно кои книги ги читаш, кои филмови ги гледаш и кои музики ги слушаш. Тоа беше многу важно. Сега не гледам дека е важно.
Многу од песните сè уште се наоѓаат на репертоарот кога настапуваш. Какво е чувството да се изведуваат по толку време?
Ги свирам затоа што се добри песни. „Скопје“, „Чувам ноќ од будних“ и „Мамурни људи“, „Као какао“ – тоа се добри песни. Не можеш да ги прескокнеш. Луѓето ги очекуваат да ги чујат. „Чувам хоќ од будних“ е најгледаното видео. Јас не сум некој што привлекува милионски број посетители на Јутјуб, ама „Чувам ноќ од будних“ има 5 милиони прегледи. Тоа е веројатно најпопуларната песна што сум ја напишал, настрана од „Gypsy Song“ и „Чукни во дрво“. Таа е најгледаната, а и најбараната.
Некои песни воопшто не беа замислени како хитови. Ти не можеш да предвидиш што ќе стане хит, а што не. „Чувам ноќ од будних“ беше на А-страната, меѓутоа четврта нумера. На неа гледавме како на балада и толку. Но гледаш, песните сами за себе се изборуваат или одат во заборав. Сами од себе се борат да станат хитови или одат во заборав. И нема тука лутење. Тоа е така.
Каква споредба би направил помеѓу Скопје од песната и Скопје денес?
Песната е Скопје од 80-тите години кога беше пристојно, урбано место за живеење. Сега Скопје е хипер урбано и мошне непристојно место за живеење поради загадениот воздух, поради претрпаниот сообраќај и поради краткиот фитиљ на неговите жители. Веќе никој нема трпение за никого. Никој нема нерви за никого, особено во сообраќајот. Нема споредба. Гледајте го спотот, ќе видите колку се насмеани сестрите што работат во гинеколошко педијатриска акушерска клиника или готвачите во еден од скопските хотели. Тоа е делумно режија на Столе Попов, меѓутоа и покрај режијата ти не можеш да изрежираш развеселеност и радост. Сепак, луѓето беа за нијанса повесели и поспокојни. Ова се други времиња и не е само Скопје. На глобално ниво многу работи се нарушени и се изместени од својот колосек. Не е само Скопје туку целиот свет е малце во една чудна збунетост.
Како се случи Горан Стефановски да го пишува текстот за песнава?
Отидов кај него во Аеродром каде што имаше стан. Отидов и му реков: „Горан, мора да правиме текст“. Седнавме и текстот истече многу брзо. Ајде да посветиме песна на градот Скопје – и почнавме. Веројатно и јас додадов по некое зборче, ама Горан беше главниот креатор на тој текст. Има многу песни за Скопје, ама оваа мислам дека е една од подобрите. Таа прави пресек на градот од тој период, но неверојатен, многу точен пресек.
Како се случи спотот? Во тоа време многу се зборуваше за спотот меѓу нас 12-годишни деца во тоа време. Тогаш сè уште немаше продрено МТВ кај нас со нивни скапи продукции, но спотот сигурно беше најимпресивен во тогашната Југославија.
За тоа во голема мера е заслужен тогашниот уредник на ТВ Скопје Димитар Масевски, кој сега е починат. Масевски беше продуцент и човек багер. Имаше извонредна смисла за хумор, талентиран музичар и композитор. Извонреден човек. Многу нè сакаше нас. Со негова заслуга направивме неколку шоу-емисии, меѓу кои на Дарко Марковиќ „Музичка цртанка“, за вториот албум на „Леб и сол“. Потоа неколку години подоцна го направивме „Полн пансион“ со Унковски, а во меѓувреме го направивме и спотот за „Скопје“. Тоа сè се должеше на енергијата и на добрата волја на Димитар Масевски, кој го ангажираше Столе Попов, кој во тоа време веќе беше наградуван режисер со неколку Пулски арени. Тој е режисер од голем формат.
Столе се нафати на таа работа и тоа снимање траеше можеби една недела. Кај мене во бараката беше снимен ентериерот – ја задимија и зачадија. Дојдоа екипи од телевизија и беше лудило кај мене дома. Меѓутоа песната „Скопје“ е кратка. Масевски беше доволно искусен и паметен да го земе воведот од „Чекам кишу“ да го залепи на почетокот на „Скопје“ и да стави таму некои кадри низ Скопје. Песната „Скопје“ е две минути, но тој направи да биде три минути. Немавме контрола над сè, но некои работи кога ќе тргне на добро, тогаш сè иде на добро. Кога ќе направиш добар производ, тогаш и спотовите се добри вклучувајќи ги и односот на дискографите и односот на публиката.
Пико Станчиќ го има направено дизајнот на кориците. Зошто беше искористена слика на Гоген? Знам дека си љубител на уметност, а и пасија ти е фотографијата.
Пико се инспирираше од првата асоцијација, бојата на какаото. Тахиќанките од сликите на Гоген имаат боја на какао. Фотографијата ја направи Федор Џамоња, која он ја сликаше во некоја галерија. Тој е син на Душан Џамоња и имаше свое ателје во Врсар. Федор е фотограф и живееше во Загреб и заедно со Пико го направија омотот. Јас немав ништо против и тоа беше прва асоцијација, на прва топка. Пико беше дизајнер и свиреше тапани во групата „Филм“, но притоа се бавеше и со дизајн на албуми. Пико е сликар исто како и татко му. Татко му беше познат сликар од таа поствоена генерација, Миљенко Станчиќ, и има сериозна уметничка оставина.
Какви нови простори ви отвори успехот на албумот?
Ние го спасивме бендот со тој албум. Потоа направивме многу успешни турнеи. Имавме многу публика на концертите. Свиревме во Хала спортова во Белград, која беше полна. Кај спортското Кале ги скршија вратите. Сè беше распродадено. Насекаде беа полни салите. На еден бенд кога ќе му тргне, тогаш му оди. Но, треба да се преживеат тие тешки и сушни периоди. Тоа е тешко да се преживее, а да не се растури бендот. После тоа имавме кредит – имавме што да свириме и имавме што да промовираме.
Од твоја гледна точка, дали денешниве структури можат да изнедрат такви луѓе, такви вредности и такви искуства какви што беа изнедрени во изминатите декади и дадоа успешни проекти?
Проблемот со денешните генерации е што живеат под огромен притисок на медиумите вклучувајќи ги и социјалните мрежи. Сите млади луѓе и млади уметници, со чесни исклучоци, се под огромен притисок да станат популарни и важни. Но, популарен и важен не се станува затоа што сакаш да си популарен. Популарен и важен се станува доколку грицнеш од своето џигерче и доколку покажеш нешто од своето срце, јавно. Значи, да ги отвориш градите и да го покажеш срцето јавно и искрено. Да покажеш што ти значи и да покажеш нешто од своите размислувања и од своите чувства. За жал, голем број од прашањата што ги добивам од млади музичари се однесуваат на тоа како да станат популарни. Не ме прашуваат како да отсвират некој риф или како да компонираат песна или како да научат нешто. Добро, има и такви прашања. Неодамна бев да преслушам едно младо дете како свири гитара и е супер талентирано. Едно од прашањата е како да бидам успешен. На тоа прашање немам одговор. Брат ми Горан викаше: „Пишувањето е многу лесна работа. Ќе ставиш лист хартија или ќе застанеш пред компјутер и ќе стоиш пред него додека челото не ти прокрвари“. Токму тоа. Тоа е одговорот како се пишуваат драми или како се пишува книга. Нема лесен пат до успехот. Треба да си многу среќен за да добиеш 10 милиони долари на лото, ама тие се еден во милијарда.
Мислам дека работите се премногу лесно достапни. Телефоните го презедоа нашето внимание. Ние повеќе немаме време, желба и дисциплина да пуштиме плоча и да чекаме да заврши А-страната, па да ја превртиме и да чекаме да заврши Б-страната, а во меѓувреме да не погледнеме 10 пати во телефонот дали некој не барал на некоја од апликациите. Се работи за друга култура на живеење. За да се случи сериозна уметност или сериозна понуда или сериозна плоча, тие некои што ја планираат таа плоча треба навистина да влезат во длабоко орање.
Ненад Георгиевски