PopUp Rating: 5/5
За среќа, оваа трошна категорија сè уште ја красат Сем Мендес и доајенот Роџер Дикинс, кои ни го овозможуваат оригиналното аудиовизуелно доживување – „1917“.
Двајца млади англиски војници во екот на Првата светска војна добиваат невозможна задача да пренесат важна порака за отповикување претстоен воен напад, кој води до заседа и сигурна смрт. Војниците Блејк и Скофилд се задолжени до изутрината преку копно и вода, во борба со времето да ја достават пораката и да ги спасат животите на 1600 нивни соборци, меѓу кои е и братот на писмоносецот Блејк…
Пеколната одисеја на протагонистите Блејк и Скофилд е инспирирана од вистински настани. Сценариото на Сем Мендес и Кристи Вилсон-Кернс е јадрото на раскажаните приказни од дедото на авторот, Алфред, кој бил учесник во Првата светска војна. Режисерот и сценарист неодамна обелодени во неколку интервјуа дека како дете, седејќи во скутот на својот дедо, дознал за невозможната мисија што останала врежана во неговата меморија. Мендес и Вилсон-Кернс користејќи ги овие спомени, создаваат тензична воена драма, која за водилка ја има братската љубов на Блејк и неговиот близок пријателски однос со Скофилд. Дијалозите помеѓу војниците се едноставни, скромни, но хемијата помеѓу актерите е заслуга на одличната актерска игра на Дин Чарлс-Чапман и Џорџ Мекеј. Тие се заемна поткрепа на патот кон градот Еку и веднаш, по само неколку минути, гледачот може да оформи слика за нивните карактери. Освен главните актери, внимателно им се доделени улоги на другите ликови, кои ги играат поискусни и реномирани глумци како Колин Фирт, Бенедикт Камбербач и Ричард Маден.
Главен извор на раскошниот спектар на чувства што ги приредува „1917“ е дефинитивно веќе докажаната соработка помеѓу режисерот Сем Мендес и директорот на фотографија Роџер Дикинс. Камерата ја прави публиката трет, рамноправен член, покрај протагонистите на нивната жестока мисија и во прво лице ја прикажува суштината на воениот хорор. Страотната атмосфера кулминира со музиката на Томас Њуман, кој го има одговорот за масовните сцени, но и за притаените знаци на неволја. Амбициозната идеја и цел на Мендес и Дикинс да наметнат впечаток дека филмот е снимен во еден кадар, ја надополнува совршената монтажа на Ли Смит. Кинематограферот брои неколку долги сцени во еден кадар, а монтажерот мудро, кога фокусот ги губи од видик актерите, користи шанса да создаде целина. На прв поглед, за окото на општата публика, воопшто не се забележува слеаното поврзување на сцените и тоа говори за генијалноста на монтажата. Исто така, препознатливо, Дикинс користи природна светлина и беспрекорно слика низ одблесокот, сенките, силуетите на актерите во однос на водата, деноноќието, пламенот, прашината и калта. Тој е дел од малкутемина директори на фотографија, кои се верни на доктрината и настојуваат да снимаат исклучиво со помош на природна светлина.
На прв поглед, конкуренцијата на овогодишното издание на „Оскарите“ ветуваше многу, но полека се издвои вистинскиот квалитет и само неколку филмски остварувања ги исполнија очекувањата во пресрет на доделувањето на престижните награди. Дефинитивно, „1917“ е дел од оваа мала група и искусниот екипаж на чело со Мендес и Дикинс целосно го заслужува епитетот уникатно и комплетно филмско остварување.
Можеби неблагодарно е да се изостават другите елементи од седмата уметност, но маркантната кинематографија на безвременскиот Роџер Дикинс отскокнува и се истакнува како ремек-дело. Режисерот Мендес во доверба му ја доделува фокусната лупа на директорот на фотографија и тој создава вознемирувачка атмосфера и ја кани публиката на двочасовна авантура. Иако целта е аудиовизуелниот пристап, не изостанува ниту емотивната нишка со сценариото и солидната актерска игра.
„1917“ вреди да се окарактеризира како вистински подвиг и заслужено зазема место рамо до рамо со воениот класик „Спасувајќи го војникот Рајан“ на Стивен Спилберг. Исто така, „1917“ делува како сè што сакаше да постигне Кристофер Нолан со „Данкирк“, но му недостасуваше издржано сценарио и камерата на Роџер Дикинс. Десетте номинации за „Оскар“ се заслужена фаворитска најава за потенцијалниот победник во неколку категории, со посебен акцент за најдобар игран филм, режија, камера, музика, додека неразбирлив е изостанокот во категоријата монтажа.
Филип Мишов