Со Анита Огњановска се познаваме одамна, живеевме во иста зграда во младоста. Потоа животот нѐ отсели на различни страни, но нѐ спојуваше преку заеднички пријатели, иако средбите со текот на времето стануваа сѐ поретки. Знаев дека Анита во слободно време слика. Последниве години ја следам на Инстаграм и нејзиниот раст како сликар, бројот на дела што секојдневно ги објавува и изложбите што стануваат сѐ почести, ме заинтригираа да ја побарам и да ја прашам како ѝ успева.
Kога и како се роди љубовта кон сликањето? Кажи ни нешто за себе и за нурнувањето во светот на боите. Кога одлучи да ѝ се претставиш на јавноста?
– Oд дете цртам. Се сеќавам дека сите тетратки ми беа исцртани со измислени ликови, ликови од цртани филмови и албуми со сликички што во тоа време ги собиравме. Сакав да се запишам во средно уметничко, но, сепак, се запишав во средно економско. Дипломирана економистка сум, а потоа се запишав на постдипломски студии од областа на управување со човечки ресурси и сум сертифицирана обучувачка од областа на менаџментот и системот на компетенции. Долги години бев државна службеничка во републичкото Собрание, каде што работев односи со јавноста, кабинетска работа и раководителка на Одделението за управување со човечки ресурси.
Додека студирав, речиси една година имав ангажман во „Вардар филм“, на анимираниот филм „Фасада“ на Дарко Марковиќ (ДарМар).
Со сликање активно се занимавам веќе 12 години.
Првото јавно претставување со изложба ми беше во Кавадарци, благодарение на тогашниот директор на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, сликарот Владимир Темков. Тогаш ги претставив своите дела по повод 8 Март. Тоа беше во 2015 година, мој значаен чекор во светот на уметноста.
По долги години „сигурна“ работа, минатата година одлучи да се посветиш само на сликањето. Што беше одлучувачкиот момент да ја напуштиш собраниската работа и да се занимаваш само со твоето дотогашно хоби?
– Мислам дека пандемијата и таа затвореност ми покажаа колку многу ми недостасувало време за сликање. Одеднаш имав можност многу повеќе да сликам, се радував дека не морам да крадам ситни часови од ноќта или од слободното време. Почнав активно да објавувам на Инстаграм. Наидов на одличен прием од публиката, огромна поддршка, многу споделувања од уметнички платформи, бројот на луѓето што ме следат и на кои им се допаѓаат моите дела растеше секојдневно и со голема брзина, за да можам денес да се пофалам со повеќе од 50.000 следачи. Сѐ одеше толку спонтано, како целиот мој живот да го чекал овој, всушност природен, уметнички тек. Го препознав тој момент на вистинско самопронаоѓање и сфатив дека секоја работа е сериозна онолку колку што ја третираш како таква. Затоа, одлучив хобито да го претворам во моја професија и целосно да се посветам на сликањето, на она што вистински е моја лична среќа.
Дали уметноста добива или губи со новиот начин на живот, сѐ се случува повеќе онлајн, кога со еден клик имаме пристап до дела на знајни и на незнајни автори.
– Едното не го исклучува другото, напротив, сметам дека се надополнуваат. Нема ништо подобро од тоа да се видат и да се доживеат сликите во живо, изложени во светски галерии, музеи, меѓутоа многумина од нас немаат таква можност. Денес, со помош на интернетот и онлајн комуникацијата, имам пријатели уметници низ целиот свет, со кои контактирам на дневна основа.
Се чини дека си воркохолик, секојдневно сликаш и објавуваш нови слики на Инстаграм. Дали работиш паралелно на неколку платна или, пак, додека не завршиш една слика, не почнуваш друга?
– Поривот и желбата да сликам, не запираат. Секогаш работам повеќе слики паралелно, најчесто различен стил, дури и техника, масло на платно, акрил на платно, комбинирана техника, ладен восок, колаж… Избегнувам да влезам во некоја рутина и да ме води добро научената лекција. Не сакам да се повторувам, не ѝ оставам простор на монотоноста, стојам исправено пред предизвиците, истражувам нови начини на изразување и тогаш имам чувство дека давам максимум од себе.
Од твоите слики блика радост, ведрина, па дури и црната има некаква веселост. Што за тебе значи самиот чин на сликање?
– Сликите ми зрачат со ведрина затоа што вистински сум среќна кога сликам. Без разлика каков ми е денот, сите непријатности ги оставам пред прагот на моето ателје, каде што ја отворам вратата на мојот свет, а внатре само чисти платна и колорит, зачинет со музички ноти. Се предавам целосно на самиот чин на сликање. Навистина, не претерувам ако кажам дека сликањето ме лекува.
Од кого учиш, кои се твои омилени сликари? Од твојата прва изложба во Кавадарци 2015-та насловена „Живот“ до денес, се гледа желба за експериментирање во апстрактното.
– Главно, учам сама, низ работа и со многу работа. Секако дека има многу сликари што ме инспирираат, меѓутоа гледам да останам своја и на мој препознатлив начин да ги пренесам емоциите, секојдневните случувања, убавите моменти, некои впечатливи цитати од прочитани книги и филмови, нешто што ми се врежува некаде длабоко, што го доживувам силно и сакам да го пренесам на белите платна.
Годинава имаше неколку изложби. Дали добиваш покани за изложби и во странство, со оглед на тоа што на Инстаграм те следат многу галеристи, уметници?
– Во јануари во КИЦ обединив 61 дело во „Без ограничувања“. Во март се претставив со изложбата „Внатрешен оган“ во Кавадарци, која потоа беше претставена пред публиката и во Домот на културата во Валандово. Во јуни изложував во МКЦ, што беше моја шеста самостојна изложба, насловена „Долина на радоста“. И навистина бев без ограничувања, со внатрешен оган, во долината на радоста. Исто така, учествував и на повеќе групни изложби.
Што се однесува на изложби во странство, ми претставува огромно задоволство што имам многубројни покани. Веќе учествував на групни изложби во Марбеља, Мадрид и во Милано, а отворени се уште многу врати.
Каква е возбудата да се соочиш со публиката очи в очи? Која е разликата меѓу контактот во живо и коментарите на Инстаграм?
– Возбудата секако е значајно поголема кога сум соочена со публиката во живо, кога можам да ја осетам секоја туѓа емоција над моите дела, секој поглед вперен во моите слики, но морам да признаам дека еднакво ми значи и онлајн публиката и секој пишан збор на Инстаграм. Од искуство, можам да кажам дека луѓето во светот се многу поотворени да споделат мислење, да ти дадат признание за тоа што им се допаѓа, па и да побараат совет и мислење како тоа си го направил.
Веќе добиваш покани за учество на сликарски колонии. Какво ти е искуството од нив?
– Покани за учество на колонии добивам уште по мојата прва изложба, но поради секојдневните работни обврски беше тешко остварливо да бидам дел од нив. Но, затоа, последните две години откако работам како слободен ликовен уметник, бев на неколку од нив. Тие претставуваат убава можност за запознавање нови луѓе, уметници од разни краишта, дружба во поинаков амбиент, поопуштено. Колониите се места на меѓусебни поврзувања, каде што се споделуваат искуства и се учи еден од друг, но и места каде што се стекнуваат и доживотни пријателства.
Каде сѐ отпатувале твоите дела и красат нечии домови?
– Навистина се радувам што моите дела станаа дел од многу домови ширум светот, најмногу во Америка: Флорида, Лас Вегас, Мајами, Атланта, но и Канада, Хонг Конг, а на Стариот Континент стигнаа во Англија, Шкотска, Шпанија, Германија, Норвешка, Данска, Белгија, Швајцарија, Србија…
Интересно и несекојдневно е што по твоја слика е изработен и килим. Како дојде до таа соработка?
– Да, изработен е килим по моја слика, во Лос Анџелес. Едноставно, луѓето ми пишуваат на Инстаграм и ми ги кажуваат своите идеи и желби. Така, ме контактираа и за изработка на уникатен килим по моја слика, што со задоволство прифатив. Исто така, мое дело е и на корица на една збирка поезија. Тоа е големината на онлајн светот, достапноста насекаде и неограничената можност за комуникација.
Еднаш (додека сѐ уште работеше) ми кажа дека сликањето ти е бегство, релаксација од секојдневието. Дали денес си своја на своето, колку го живееш својот сон?
– Сѐ уште сликањето ми е и релаксација и бегство од секојдневието, но воедно и моја страст, порив, нешто што целосно ме исполнува и кое го правам затоа што сакам да го правам. Да, може да се каже дека го живеам својот сон и тој од ден на ден станува сѐ поубав.
Се скротува ли внатрешниот оган во долината на радоста без ограничувања?
– Се надевам дека внатрешниот оган ќе гори секогаш и ќе биде нескротлив, затоа што тоа ме води напред и ми носи радост без ограничувања.
Автор: Илинка Делчева