Активен си во повеќе креативни дисциплини. Каков е твојот процес на навлегување во нова дисциплина? Дали си личност што се задлабочува во тоа што го изучува, или брзо преминуваш на следниот креативен интерес?
Мојата примарна дејност е индустриски дизајнер, тоа и дипломирав на Машинскиот факултет во Скопје. Шест години работев како дизајнер на развој на outdoor ранци специјализирани за фотографска и видео опрема, а во 2015 година започнавме со ROOT Upcycled Skateboards.
Покрај тоа, во текот на мојата работна кариера (околу 15 години) сум работел на многу проекти како графички дизајнер, а во последниве 6 месеци работам како UX/UI дизајнер.
Во слободно време експериментирам со мојот фотоапарат и најчесто фотографирам скејтбординг, сноубординг и пејзажи од природата, бидејќи голем дел од времето го поминувам во планините.
Процесот на навлегување во нови дисциплини е секогаш различен. Главно сум креативна личност. Понекогаш кога работам на одреден проект, самиот проект од мене бара да научам некоја нова дисциплина, а понекогаш се инспирирам од одредени личности или проекти и сакам да ја надополнам мојата палета на вештини со нешто ново.
Генерално сум самоук и многу љубопитен. Ако одредена дисциплина доволно ме заинтригира, се посветувам и се обидувам да уживам во процесот на изучување. Мислам дека во оваа доба на интернет и огромната достапност на информации, многу е лесно да се научи некоја нова дисциплина доколку се има желба и мотив. Кога бев студент, имав многу повеќе време и енергија за изучување и експериментирање на повеќе полиња, сега само ги негувам знаењата и се обидувам да бидам колку можам повеќе активен во секое од нив.
Како почна да се занимаваш со фотографија?
Со фотографија почнав да се занимавам многу спонтано. Како што напоменав погоре, понекогаш одреден проект од мене бара да научам некоја нова дисциплина, па така беше и со фотографијата.
Во 2016 година кога почнав да работам за F-stop Gear како дизајнер на outdoor ранци специјализирани за фотографска опрема, буквално немав никакво познавање од областа на фотографијата и ми беше многу тешко да ја разберам потребата на корисниците на овие ранци. Истовремено, ROOT Upcycled Skateboards веќе постоеше и имавме направено доста прототипи и финални дизајни за кои ни требаа претставителни фотографии. Од тука дојде потребата да почнам да истражувам малку повеќе за фотографијата. Купив DSLR-камера за почетници и буквално целото слободно време ѝ го посветив на фотографијата. Поради тоа што како дизајнер на ранците требаше да ги тестирам во природа, спонтано почнав да одам на планинарски тури и од тука се појави љубовта кон планините и кон фотографијата. На почетокот фотографирав буквално сѐ и сешто и трагав кон мојот “niche” за што искрено ми требаше многу кратко време. Почнав да ги фотографирам другарите додека возат скејт и турите низ планините во Македонија и по одреден период, камерата стана предмет без кој не би можел да живеам.
Честитки за твојата скорешна објава во Pleasure Snowboard Magazine! Како се случи оваа соработка?
Ти благодарам за честитките! Во ноемвриското издание на Pleasure Snowboard Magazine излегоа моите фотографии од посетата на К2 Snowboards во Косово.
Ова се случи сосема случајно и неочекувано. Огромна заслуга за оваа колаборација оди кај Марко Дарков, според мене еден од најдобрите сноубордери во МК, кој веќе имаше остварено контакт со дечките од Prime Snowboard Magazine и ме препорача мене за локален сноуборд фотограф за нивното патување. Ова беше едно од најнезаборавните искуства во мојот живот, а мои фотографии да излезат во сноуборд магазин ми беше животна желба.
Мал spoiler alert, хаха, во декември очекуваме да излезат мои фотографии и во Prime snowboard magazine, а исто така и во Whiteout Magazine. Мислам дека најдобрите фотографии ќе бидат во Prime бидејќи првично бев најмен од нив и се надевам дека кај нив се “banger” фотките.
Раскажи ни повеќе за твојот проект Root Upcycled Skateboards.
ROOT Upcycled Skateboards е проект што го започнавме во 2015 година заедно со Игор Каревски и Стефан Петровски. Сè започна многу спонтано и со најосновен рачен алат. Во практика, концептот на ROOT е од стари скејт даски да се изработуваат најразлични видови накит, аксесоари, лампи, столови, маси итн. Во просек една даска трае околу 1 месец, и кога ќе се скрши, обично се фрла. Мислам дека е ирационално да се фрли цврсто и колоритно парче дрво само затоа што ја изгубило примарната дејност.
Во тоа време продуктите ги продававме на Etsy, и со парите што ги заработувавме плаќавме кирија за работилницата и инвестиравме во алати. Јас во тоа време немав никакво познавање од алати, ги имав само лудите идеи за дизајни во глава. За среќа, Игор е еден од највештите луѓе кога станува збор за алати и машини, па тој беше главен за планирање и изработка на продуктите. Како проаѓавме сѐ повеќе и повеќе време работејќи, научив да ги користам машините, но, за жал, по 2 години сите некако се изгубивме во секојдневните обврски, јас отидов во Азија и на работилницата ѝ дојде крајот. Откако се вратив од Азија за време на пандемијата, решив да го ревитализирам овој проект, овој пат како хоби и начин на лична експресија инспириран од моите две најголеми пасии – дизајнот и скејтбордингот. Преку овој проект се трудам да пренесам порака дека единствениот начин да се заштити оваа планета е преку самоодржливост, а јас како дизајнер имам должност моите дизајни да се што е можно повеќе “sustainable” односно да се замени линеарната економија со циркуларната и дека не секој предмет што веќе не ја служи примарната дејност, значи дека е бескорисен и треба да заврши на некоја депонија.
Кое ти е омилено место што си го посетил?
Уфффф, ова е многу тешко прашање, хаха. Не знам дали би можел да издвојам едно место, меѓутоа како држава дефинитивно на прво место би ја ставил Јапонија. Имав среќа да поминам еден месец со кампер низ Јапонија, будејќи се секој ден на различна локација, и можам да кажам дека тоа е најнеобичната земја во која сум бил, од кој било аспект. И од аспект на култура, архитектура, природа… Буквално по 10 пати во денот имав културни шокови 🙂
Од Европа, би го издвоил Инсбрук, студентски град во срцето на Австриските Алпи, а воедно и Мека на сноубордингот во Европа.
Во што си задлабочен периодов? Што ти го окупира времето и вниманието?
Периодов сум посветен на физички активности, како јога и планинарење (и фотографирање на планините), со што физички се спремам за претстојната сноуборд сезона, која ќе ја стартувам на 8 декември, а целта е сезоната да помине со што е можно помалку повреди. 🙂
Покрај тоа, работам како UX/UI дизајнер и повремено изработувам по некој нов дизајн за ROOT Upcycled Skateboards во мојата работилница.
Како може публиката на PopUp да те поддржи?
Бидејќи во февруари се селам во Германија (сениор дизајнер и девелопер на ранци за Deuter) и, за жал, Root Upcycled Skateboards ќе оди во „стечај“ 😀 по вторпат, продуктите веќе ги нема на пазарот, не би можел да изнајдам начин како публиката би можела да ме поддржи, но би сакал да напоменам дека има многу македонски брендови што исто така изработуваат ракотворби или се “sustainable” и вреди да се поддржат со купување некои од нивните продукти и да ги почитуваат нивните цени, имајќи предвид дека не можат да ги споредуваат со fast-fashion брендовите или, пак, со кинеското мегапроизводство.
Платформ 0.10 е ново катче во градот, што воедно е бар, концепт продавница и скејт-шоп и може да се најдат домашни брендови какви што се Error of Harmony 0.10, Cava Concrete итн.
Клелија Живковиќ