Но, која е оваа девојка, чиј настап во Скопје предизвикува олкава возбуда?
Диана де Брито е 26-годишната ќерка на познат анголски музичар, која на рана возраст се преселила од Лисабон во Манчестер. Во интервју за списанието GQ таа објаснува како живеењето во тој град ја оформило како личност. „Има толку многу разноликост во Манчестер. Сите сме многу топли и неоптоварени. Мислам дека луѓето во Лондон се малку понапнати и фокусирани на изгледот на нештата. Живеењето во Манчестер ми помогна да се прифатам себеси и да не сум загрижена за тоа што другите проектираат врз мене“, вели таа.
Годината кога таа вистински стана препознатлива по нејзиниот талент и уникатен музички израз е 2015-та, кога нејзиниот сингл „Leaned Out“ стана популарен во Англија, а истата година таа беше на турнеја низ Африка каде што вели дека научила дисциплина, организација и колку труд е, всушност, потребен за да се поврзеш со публиката. „По тоа искуство си реков: Ди, ако можеш да го направиш ова во Африка, замисли што можеш да направиш во Англија. Загреј го столчето и фати се за работа.“
Нејзината вредна работа во годините што следувале, ја навела на пат да настапува на турнеја со ѕвезди како Лорин Хил (!!!) и да основа сопствен бизнис преку кој таа независно ја издава својата музика, заштитена од потчинетоста и компромисите што големите издавачки куќи ги очекуваат од уметниците. „Ако целта ти е да заработиш многу пари, тогаш издавачката куќа е вистински избор за тебе. Но, доколку вистински се познаваш себеси и сакаш да растеш, мораш да се занимаваш со условите и со правилата на соработка со таквите компании“, објаснува таа.
IAMDDB ѝ припаѓа на генерација музичарки какви што се H.E.R., Sampa The Great, Little Simz, кои некои критичари ги нарекуваат „хип-хоп ренесанса“ поради воведувањето храбри нови вкусови во хип-хоп музиката. Многу од нив се црнкињи и музиката што ја создаваат, како и целокупната продукција што се одвива околу тој процес, претставува прославување на нивните идентитети, пружање отпор на современиот колонијализам преку пренесување на нивната нескротлива убавина и нефилтриран израз во парчиња современа култура. Мене лично нивната музика ме потсеќа на најмрачните денови од карантинскиот период во 2020/21 година. Слушајќи ја IAMDDB и нејзините современички во тој период, успевав да се поврзам со копнеж за повеќе – слобода, задоволство, автентичност и да го замислувам она што следува по тие денови на изолација.
Иако не сум музички критичар или, впрочем, на што било, освен можеби „armchair критичарка“, би се осмелила да ја сместам IAMDDB во афрофутуризам, т.е. правец во уметноста и културата кој, според Муначи Осегбу, подразбира одново обмислување на црнечкиот идентитет: повторно будење на минатото, реконтекстуализација на сегашноста и ново конципирање на иднината. Според мене, таа и другите музичарки што творат на сроден начин го прават токму тоа – одново откриваат и ни покажуваат на сите како би можел да изгледа светот кога изразот и застапеноста на оваа раса во забавната индустрија и светот воопшто, би биле комплетно автентични и самите припадници на оваа раса би уживале во нив и во придобивките од неа.
Навистина сум среќна што ќе имам можност да ја гледам IAMDDB во живо во Скопје. Излегувањето од најтешките денови на пандемијата беше делумно катарзично, но ни откри сегашност и иднина што се уште покомплицирани и неправедни од она што очекувавме дека ќе го следи тој период. Оваа година вистински му се радувам на Таксират и се надевам дека пораката за храброст, слобода и автентичност, која јас ја препознавам во музиката на IAMDDB, ќе одекне низ нашиов град.
Клелија Живковиќ