Освен што означува почеток на експлозијата од сепија-тонови во опкружувањето, дождови без прекин и топло-ладни денови, есента секогаш потсетува на удобно повлекување во нашите лични пространства и шанса да запловиме во фиктивните светови на филмовите и сериите. Како и секоја година, така и оваа, телевизиските платформи очајно се борат за нашето внимание, нудејќи ни наслада со врвни серии кои буквално ќе нè залепат пред екраните. Направивме само мал избор од пет серии од огромната понуда, па ве советуваме внимателно да ги распоредите за binge-watching и да оставите време и за она што се случува низ градот, во реалниот свет J Од хорор, преку научна фантастика, до средновековна фантазија, драма и комедија, оваа есен 2022 ги има сите нишани да биде запамтена како есен на добри серии.
Cabinet of Curiosities
Ако сте љубители на хорор антологии, тогаш оваа есен не треба да ја пропуштите Cabinet of Curiosities на прославениот режисер Гиљермо дел Торо. Пред Ноќта на вештерките, почнувајќи на 25 октомври, Нетфликс етапно ќе ја објавува колекцијата од осум хорор приказни, за кои се вели дека ќе ја изменат претставата за класичниот хорор жанр. Режисерот лично ќе ги курира осумте „софистицирани и кошмарни“ епизоди од најавената антологија. Што треба да очекуваме? Од длабоко вознемирувачки до магични, од готички до гротескни или класично морничави, осумте приказни од кои две се оригинални дела на дел Торо, ќе бидат донесени пред гледачите од страна на тим на сценаристи и режисери кои се избрани лично од оскаровецот. Меѓу другото, за оваа антологија тој вели: „Се обидуваме да ги прикажеме реалностите што постојат надвор од нашиот нормален свет – аномалиите и куриозитетите. Избравме и куриравме група приказни и раскажувачи за да ги пренесеме овие приказни, без разлика дали тие доаѓаат од вселената, натприродното, или едноставно од нашите умови. Токму на време за Ноќта на вештерките, секоја од овие осум приказни е фантастично ѕиркање во орманот на задоволства што постојат под реалноста во која живееме“. Кога на сето тоа ќе го додадете и одличниот кастинг во секоја од епизодите, кој е мошне долг и импресивен, ќе излезе дека Дел Торо оваа година приредил одличен trick-or-treat за сите фанови на хоророт.
Andor
Дејството на серијата Андор на Тони Гилрој се случува пред настаните во спиноф филмот на „Војна на ѕвездите “ – „Rogue One“. Серијата ги следи авантурите на шпионот-бунтовник Касијан Андор во почетните години на бунтот, и притоа Диего Луна ја репризира улогата на Андор. „Враќањето во универзумот на Star Wars е многу посебно за мене“, изјавил Луна. „Имам толку многу убави спомени од одличната работа што ја завршивме заедно и пријателствата што ги создадов во текот на патувањето. Ни претстои фантастична авантура, а овој нов возбудлив формат ќе ни даде шанса да го истражиме овој лик подлабоко“. Во серијата глумат и Стелан Скарсгард, Адриа Арјона, Фиона Шо, Дениз Гоф, Кајл Солер и Женевјев О’Рајли како Мон Мотма, поранешен сенатор и ко-основач на Бунтовничката алијанса. Како што бунтот почнува да го добива својот облик, Касијан Андор се наоѓа на почетокот на своето патување. Од невнимателен шверцер до револуционер кој ризикува сè, серијата Андор ја раскажува приказната за раѓањето на отпорот. Премиерното емитување на првата сезона на Андор е сè уште во тек, па сите вљубеници на квалитетна научна фантастика можат да се вклучат во најновите галактички авантури.
House of The Dragon
Уште една серија базирана на успешна франшиза. Станува збор за серијата Куќата на змејот која има независно дејство со настани што им претходат на оние во Игра на тронови. Имено, дејството е сместено 200 години пред настаните во Игра на тронови, или поточно 172 години пред раѓањето на Даенерис Таргариен. Целата серија е приказ на почетокот на крајот на кралската куќа Таргариен во фиктивната историја на Седумте кралства на авторот Џорџ Р.Р. Мартин. Оценките за првата сезона се генерално позитивни. Критичарите се произнесоа дека серијата нуди квалитетно сценарио, режија и актерски изведби (особено улогите на актерите Педи Консидајн, Мет Смит и Мили Алкок). Многумина ја сметаат за достоен наследник на глобалниот успех со кој се закити Игра на тронови. Секако, тука се и негативните критики кои се однесуваат на претераното прикажување насилство, брзината на развој на дејството и кинематографијата. Сепак тоа не ја спречи серијата да постигне рекордна гледаност на платформата на HBO и да ги придобие огромниот број фанови на култната Игра на тронови.
The Crown (петта сезона)
Смртта на британската кралица Елизабета II фрла посебна светлина врз петтата сезона на популарната серија Круната, чија премиера е закажана за следниот месец. Следува уште една турбулентна ера од седумдецениското владеење на жената што ќе ја обележи не само британската, туку и светската историја. Петтата сезона нè носи во 90-тите години од минатиот век и ќе ни ги прикаже најзначајните моменти за британската монархија од тој период, вклучувајќи ги годините кога британската влада ја предводеше Џон Мејџор, како и мачниот развод на тогашниот Принц Чарлс и Принцезата Дијана. На местото на Оливија Колман, во улогата на кралицата ќе ја видиме актерката Имелда Стонтон, а во актерската екипа ќе ги видиме и Џонатан Прајс, Лесли Менвил, Доминик Вест и други.
Abbot Elementary (втора сезона)
За да ја разбие листата „сериозни“ серии, тука го вклучуваме одличниот ситком Abbot Elementary чија втора сезона започна со емитување при крајот на септември. Доколку сте ја пропуштиле првата, оваа серија ве носи во хаотично училиште во кое наставниците не можат да издржат на работа повеќе од две години. Епизодите се кратки, траат во просек по 20-ина минути и се одличен материјал за брзо и квалитетно опуштање. Улогите во серијата ги толкуваат Тајлер Џејмс Вилијамс, Џанел Џејмс, Лиза Ен Волтер и други. Ако ова не ви изгледа доволно привлечно, тогаш треба да знаете дека првата сезона заработи шест номинации за Еми, а освои три статуетки.
Автор. Јосип Коцев