Музиката е уметност што им овозможува на луѓето да искажат емоции и да изградат емпатија. Таа им помага на луѓето да ја осознаат хуманоста кај другите, да ги срушат бариерите и препреките, и да најдат заеднички јазик. Албумот „It’s Not Too Late“, кој е петта по ред соработка помеѓу реномираниот полски филмски композитор Збигњев Прајснер и вокалистката на „Dead Can Dance“ Лиса Жерар, е длабоко интуитивна и интимна креација, која во себе носи порака за овие мрачни времиња. Импресионирани од посетата на една синагога во Полска, тие се одлучуваат за еден необичен потфат – да создадат музика што главно ќе биде импровизирана на лице место. Тоа што го создале во тој простор е нивна реакција на случувањата во светот и немирот што светот го чувствува по пандемијата и војната во Украина, која се заканува да прерасне во поголем конфликт. „Не е доцна“ е нивната порака дека не е доцна да се запрат деструктивните начини.
Прајснер е познат како еден од најголемите композитори на филмска музика. На почетокот на 2022 година, Македонската филхармонија одржа импресивен концерт со изведба на неговото дело „Requiem for a Friend“ што долго ќе се памети. Меѓутоа, тој е познат и по соработките со луѓе од светот на популарната и на авангардната музика, меѓу кои се и Лиса Жерар и Дејвид Гилмор, гитарист и пејач на групата „Pink Floyd“, со кого тој соработуваше на неговите солистички изданија и имаа заеднички настапи.
„It’s not Too Late“ е Вашето ново издание во соработка со Лиса Жерар. Таа неодамна гостуваше и на музиката за филмот „Man of God“. Ова се веќе неколку изданија каде што таа редовно гостува или е заеднички проект. Која е причината поради која соработувате често со неа?
– Да бидам попрецизен, ова е нашиот петти заеднички албум покрај филмската музика. Нашата соработка ја започнавме со „Diaries of Hope“, а потоа направивме серија концерти и резултат на тоа беше албумот „Dokąd?“ (Where to now?), па се случи „Melodies of my Youth“ и сега го објавуваме „It’s Not Too Late“. Да се соработува со Лиса е вистинско задоволство и мислам дека меѓусебно се разбираме и чувствуваме многу добро. Таа има неверојатен талент, нејзиниот глас е исто така неверојатен, но Лиса е и одличен композитор. Секојпат кога ќе се сретнеме, нешто ново се создава.
Какво е значењето на насловот на албумот?
– Насловите од песните ќе ви кажат за што свириме и пееме. За да се разбере тоа што Лиса го пее со нејзиниот метафизички јазик, едноставно прочитајте ги насловите од нумерите. Секој може да додаде свои стихови и да проживее низ таа музика во својата имагинација.
Каков беше креативниот процес зад ова издание и кои беа емоциите што го придвижија?
– Сè започна со посетата на синагогата која има одлична акустика. Се договоривме со Лиса дека јас ќе ги напишам темите што таа ќе ги чуе за време на снимањето. Од мене единствено ќе добиеше сигнал дека почнуваме. Сите нејзини вокални делови беа снимени за 45 минути. Тие беа импровизирани и никогаш не беа повторени. Може да се каже дека ова беше снимено во живо како концерт. Подоцна во студиото ги дотерав снимките за да одговараат со нејзиниот глас и додадов и инструментални нумери. Тој албум беше создаден на тој начин.
Живееме во мрачни, несреќни и тешки времиња, прво со пандемијата, а потоа и со војната во Украина, чии последици се чувствуваат далеку. Какво е Вашето мислење за вредноста на музиката и на уметностите во вакви проблематични времиња?
– Се надевам дека уметноста ќе ни даде малку надеж. За нас, уметниците, таа е нашето оружје. Верувам дека со овој албум ќе дадеме малку светлина во овие мрачни времиња.
Колку е важно за Вас да соработувате со уметници што работат во различни жанрови, кои припаѓаат на различни генерации и кои работат во различни области?
– Се обидувам да соработувам со уметници што ја разбираат мојата музика и разбираат што свират. Сè уште соработувам со музичари што работеле со мене со години. Се разбираме едни со други совршено и знам дека изведбата ќе им биде повеќе од тоа што е напишано.
Пред неколку години излеговте од светот на филмската и на класичната музика и соработувавте со Дејвид Гилмор од „Pink Floyd“. Како гледате на тој период кога соработувавте со него на неговите соло-изданија „On an Island“ и „Rattle That Lock“?
– Беше привилегија и задоволство да се работи со Дејвид Гилмор. „Pink Floyd“ се мојот омилен бенд. Соработката беше многу креативна, Дејвид ми даде слобода со инструментариумот. Исто така, многу научив од него. Ја видов неговата продукција на сцената и многу елементи што ги видов за време на неговите концерти, ги адаптирав за моите настапи. Тоа најмногу се однесува на звукот што ми е секогаш најважен за време на концертите.
Последниот концерт од турнејата во 2006 година беше во Гдањск, Полска, и беше снимен и објавен како голем боксет „Live in Gdansk“. Кои се Вашите сеќавања од настапите со Гилмор и со Рик Рајт? Ова беше последниот настап на Рик Рајт пред да почине.
– Поради одредени причини тој концерт беше неверојатен. Местото на настапот беше познатото бродоградилиште во Гдањск и таму 70 до 80 илјади луѓе имаа можност да го слушнат новиот албум и најголемите хитови на „Pink Floyd“ на еден неверојатен начин. Најважната работа беше музиката. Диригирањето со оркестарот беше огромно емотивно искуство за мене. Засекогаш ќе се сеќавам на соработката што ја имавме на „On an Island“ и „Rattle that lock“ како и на концертите во Гдањск во 2006-та и во Вроцлав, во 2016 година.
Што е следно за Вас?
– Во времињата во кои живееме, тешко е да се прават планови бидејќи не знаеме што носи утрешнината, а камоли следните месеци. Ако преживееме, имаме планови за концерти и за нови изданија, но ќе видиме што ќе ни донесе времето.
Автор: Ненад Георгиевски
Фотографии: Anna Włoch.