Како започна Room 313? Кои се идеите што ве обединуваат?
Room 313 започна во 2014 година, случајно во соба со идентични бројки како и поштенската ознака на Детроит, родното место на техно-музиката. Оваа коинциденција ја уловивме подоцна, но беше навистина длабока и добра за да се прашаме дали сме токму ние избрани природно, да го работиме ова. Се споивме тројца истомисленици, хипнотизирани од репетитивниот електронски звук. Првичната идеја беше да се забавуваме и да споделуваме музика меѓу себе, но како што се одвиваа и се оформуваа следните настани и настапи, некако природно ни се налепија професиите промотори и диџеи. Да промовираме модерна електронска музика и да организираме заеднички настани со пријатели, диџеи и уметници, кои имаат изострен слух и дефиниран вкус за електронска музика. Да се дружиме. Ова е основната идеја што нè спои со многу луѓе и ни донесе многу нови пријатели. Ние го промовиравме брендот Room 313, а тој нè промовираше нас. Заедно се оформувавме. Веројатно публиката осети некој оригинален пристап и искрена енергија на нашите настани, чија повратна енергија ја чувствуваме и ден-денес и ни дозволува да работиме со иста љубов, пасија и ентузијазам. Овие 3 работи нè обединуваат, ни ги креираат идеите и ни даваат енергија да продолжиме да го правиме тоа што нè прави исполнети и среќни.
Кажете ни повеќе за вашиот поткаст серијал Roomania. Како ги конципирате сезоните, како ги избирате музичарите?
Како и секоја друга индустрија, и музичката претрпува свои промени на кои треба да се адаптираме. Чудниот период што го имаме зад нас, кога светот беше на пауза, нè принуди поинаку да размислуваме и да креираме. Во тој период се роди идејата за roomania.mk. Тоа е платформа за електронска музика. Електронски музички магазин, серијал на аудиопоткасти и серијал на настани. Roomania e фамилија на креативци. Среќни луѓе што се поддржуваат меѓусебно. Како електронски музички магазин, информираме за нашите активности и за активностите на нашите пријатели што се залагаат за електронската култура кај нас. Правиме интервјуа со водечките артисти на светската електронска сцена и интервјуа со нашите македонски артисти, со што сакаме да дадеме до знаење дека и нашите артисти делат слична приказна со големите имиња од светот и имаат исто толку голем потенцијал и квалитет во своите диџеј сетови и продукции.
Серијалот на аудиопоткасти е идеја преку која соодветно ги избираме артистите да снимаат тематски микс за дадената сезона. На пат е четврта сезона, а во претходните 3 сезони објавивме 13 диџеј миксови. (Ете ја пак 313-ката, често ни се појавува и на многу други неочекувани места 😊). Првата сезона го презентира романскиот минимал хаус, во втората сезона може да се слушнат искршени ритми (брејкс), а во третата побаравме од гостите да се насочат кон длабоки, возачки и атмосферски звуци и ритми. Секоја сезона си има своја приказна и замисла според која ги избираме артистите што негуваат стил соодветен на неа, или им даваме задача на гостите малку да истражуваат и да извадат специјален запис. Преслушајте ги миксовите преку нашиот сајт, или директно на нашиот Soundcloud профил, така полесно ќе разберете за што зборувам.
Во сабота, 15.10.2022 година, во Епицентар го славите осмиот роденден на Room 313. Каква програма подготвивте?
Првиот и оригинален состав на Room 313 е Mitrik, LTX и Samardjiski. Последните години сме активни како Mitrik и Samardjiski и проектот Roomania, со новите резидент диџеи. На ова роденденско издание на наша огромна радост го имаме и LTX назад во диџеј-кабината со нас. Беше прашање на време кога ќе се случи ова. Обединување по неколку години. Ќе вртиме актуелни музики од моменталните плејлисти, но и ќе прошараме низ стари папки и музики што ги одбележаа годините кога почнувавме да ja градиме Room 313 како промотерска асоцијација.
Она што дополнително се надоврзува на оваа прослава е и новата сезона на клубот Епицентар, кој се отвора овој викенд. Од клубот најавуваат нова атмосфера и поинаков визуелен приказ на настаните што следуваат, но и гостувања на возбудливи имиња, кои на некаков начин се водачи и ја диктираат модерната електронска сцена.
Кои моменти од изминативе осум години ви се издвојуваат и ве прават особено горди?
Особено сме горди што 8 години непрекинато го работиме тоа што навистина го сакаме и имаме пријатели и соработници што вистински нè ценат за нашата работа. Привилегија е да се работи во оваа индустрија и континуирано да се биде дел од програмата на дискотеките и на фестивалите што го промовираат модерниот електронски звук. Убаво е кога ќе се потсетиме какви настани и моменти сме креирале зад нас, со нашите пријатели и нашата публика, но повеќе сакаме да гледаме напред и да се гордееме во моментот за тоа што го правиме. Се надевам такви моменти ќе има уште многу.
Кога се навраќате на овие осум години, што научивте? Како би сакале Room 313 да се развие во следните осум години? Кои се вашите најлуди соништа за Room 313?
Иако на моменти почувствувавме дека музиката, наместо да спојува, создава ривалство меѓу промоторите и артистите, останавме на нашата почетна мисија, а тоа е безрезервна поддршка кон сите колеги и вклучени во оваа индустрија. Научивме доста битни лекции, кои како пример ги земаме и надвор, во приватниот живот. Научивме дека е тенка границата меѓу желбата и успехот, ако вистински сакаш и напорно работиш. Научивме дека постепено граден успех е многу потешко да се сруши. Оваа работа бара многу упорност и вистинска љубов, зашто во спротивно може брзо да те разочара и да те принуди да се откажеш. Затоа не брзаме. Некако успеавме да ги подредиме другите животни обврски и да си обезбедиме простор паралелно и професионално да го правиме ова. Длабоко го осмислуваме секој нареден настан, во рамките на нашите можности. Во иднина сакаме да презентираме повеќе интернационални артисти и да стекнеме соработки со други промотерски асоцијации од регионот, со кои би се разменувале со артисти. Научивме дека само со заедничка промоција можеме да растеме. Ривалството и егоизмот на крај носат лоши резултати.
Луди соништа… хм, навистина не знам… некако сме научени сами по себе, природно да се одвиваат работите. А можеби треба лудо да се сонува 😊 Ајде да речеме Room 313 и Roomania да станат продукциски куќи и да добиjат летна резиденција на забавен и егзотичен остров😉
Како може публиката на PopUp да ве поддржи?
Нека ги следат профилите на нашите социјални мрежи и нека одговорат со присуство на објавите за настаните што ги организираме. Колку повеќе ги има, ќе ни даде ветер во грб уште повеќе да работиме и да реализираме настани со различни гости. Нека ни пишуваат и нека комуницираат со нас. Нека ни препорачаат музика што не сме ја слушнале. Тоа би било супер. Нека побараат музика од нас, несебично ќе споделиме сè што имаме во нашите фолдери. Тие што не слушале наши миксови, ги поканувам да ги преслушаат и нека се закачат на нашите канали за да ги слушаат следните изданија. Тоа би било сосема доволна поддршка.
Ви благодариме на одвоеното време и благодарност за вашата поддршка Pop Up. Поздрав до сите ваши читатели и ве очекуваме на роденден во клуб Епицентар, заедно да прославиме 8 години.
Автор: Клелија Живковиќ
Автор на насловна фотографија: Елена Зафировска