По вокација филмолог, по професија дипломиран продуцент. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1992 г., кратко време работи како продуцент во „Вардар филм“. Од 1995 г. до ден-денес работи во Кинотека на Македонија. Во 2017 г. е назначен за вршител на должноста директор на Кинотека на Македонија. Кон крајот на 2018 г. е именуван за директор на Кинотеката.
Кинотека работи со полна пареа, проекции, издавање книги, изложби, промоции. Како си, како ти успева?
И тоа е само она што се гледа.
Кинотеката покрај јавната дејност, ова што го спомна, има и активности во заштитата, архивирањето, меѓународните релации и многу други нешта што се помалку видливи или невидливи за јавноста, а се многу поголеми предизвици отколку гореспоменатите затоа што одговорноста е поголема.
Секогаш мислам дека сè може повеќе и подобро и една од моите главни улоги во Кинотеката е да мотивирам и да го вадам најдоброто од луѓето. Да се наметнам како познавач на работите и да раководам со знаење, а не со деспотство. Работата во Кинотеката се работи со љубов, особено онаа креативната, а не секој вработен има афинитети и знаење да ги врши сите овие многу различни активности. Се надевам дека сè уште имам капацитет да откривам во која работа кој вработен ќе се пронајде себеси, а потоа се трудам да ја надгледувам работата. Некогаш успеваме и резултатите се одлични и тоа се гледа, некогаш потфрламе или работата се влечка. За среќа, овие вториве случаи се поретки. Имаме и меѓународни проекти што исцрпуваат.
И да, работиме со полна пареа и се надевам дека ќе продолжиме така. Не е лесно, заморува, но исполнува.
Како може да функционира една институција без политички опструкции? Кинотека последниве години ми се чини е пример за независност, креативност, доследност, отвореност, професионалност…
Лично мислам дека повеќето институции во државава работат така. За да не мислиш дека ѝ се потпикувам на власта, ќе ти кажам дека во МСУ, Драмски, МНТ, Опера и балет, МДТ, Музеј на РСМ, Археолошки музеј и сл. директори се луѓе „од внатре“, т.е. луѓе со долг стаж во браншата. Јас никогаш не сум имал/добил политички инструкции, а се надевам дека истото е и со институциите што ги спомнав. Не сум се јавил никому за да ја обезбедам позицијата директор, напротив, мене ми се јавувале. Не одам во кампањи, не ме викале во кампањи, не ме интересираат кампањи. Не дека не ме интересира политика. Но, мојот интерес е на друго ниво.
Секако има и исклучоци, и лоши и добри. Ако со прашањево алудираш на МКЦ, тие, пак, отсекогаш биле на мета на политиката. Направи си анализа и ќе видиш кој и зошто го прави тоа.
Што е битно за да се функционира така? Обично сите се жалат на немање пари и тука завршува секој обид за организирање какви било случувања.
Кинотеката, сега-засега, има доволен буџет за да функционира коректно. Она што ни недостига се инвестиции во инфраструктурата. Инвестиции во објектот, малку да се нашминка и слично. Не сакам зградата на Кинотеката да се „пресоблече“ во некои бароци или ултрамодерни шеми, па после да им биде страв на луѓето да нè посетат, но сепак мислам дека малку треба да се спастриме. Да се среди тоалетниот јазол, да се подукрасиме и да „светнеме“. Ни фалат некои витрини во кои знам што треба да ставиме, треба да се спастри стручната библиотека, која е со дрвени рафтови купени во 1976-та… И полека ќе си дојде и тоа. Неодамна во дворот ставивме 4 банери со плакати од македонски играни филмови, до крај на месецов ќе печатиме уште два. (Конечно) Ги ставивме браќата Манаки во фоајето и портрет на Кирил Ценевски. Претходно направивме шанкче и имаме неколку коњопојчиња за да се чувствуваат луѓето пријатно и да подостанат (пред) и по проекцијата… Планираме и правиме мали и издржливи проекти што може да се реализираат.
А депото во Бардовци е друг проблем и сосема друга тема. Тоа е сосема поинакво ниво на инвестиција.
Со какво богатство располага Кинотека, има ли нешто што не ѝ е претставено на јавноста?
Постојано се обидувам да го разбијам митот дека во Кинотека има сè. Во јавноста порано се изнесуваа бајки дека ако филмската лента што ја чуваме се поврзе, проекцијата би траела 24 часа во 365 дена. Што не е лага, но не ја дава вистинската слика, т.е. кои би биле тие филмови што би се вртеле 365 дена? Тогаш не би виделе ниеден Хичкок, Бергман, Џон Форд, Копола, Макавеев, Павловиќ, Олдрич (додуша имаме еден филм со страшна декомпозиција на сликата), Полански, Вајда, Годар, Клер, Фриц Ланг, евентуално еден Вуди Ален… Не би прикажале ниеден запалив филм. Би имало купишта порнографија, американска Ш-продукција, добар дел индиски (Боливуд) и руски филмови… А богатството на кинотеките се мери не само со количината филмови и филмска лента (кванташки принцип) туку и со квалитет. А тука сме тенки. Кинотеката почнува да го гради својот фонд во 1976-та и филмовите што ги имаме се тие што ги откупувал Македонија филм по 1976 г. Подоцна се појавуваат и Градски кина и Манаки филм и некои независни дистрибутери. Имаме голема колекција руски филмови, добиени во 80-тите од Рускиот културен центар во Белград. Ама во таа колекција нема многу уметност. И имаме голема и убава колекција филмови на 16 мм добиена од Заводот за научно-наставен филм. Во оваа колекција има прекрасни филмови, и играни и документарни, но немаме проектор за 16 мм лента. И во 2007 добивме (откако ЈАС упатив писмо во кое барав филмови од членките на ФИАФ) 70-ина 16 мм филмови од историјата на светската кинематографија од Унгарскиот филмски архив.
Иако, секако, имаме некои интересни фондови, кои се надевам дека наскоро ќе ги обелодениме. Ама тие фондови се на ниво на документација, не на филмски дела.
Како го зголемувате филмскиот фонд?
Мојот шеф ме научи дека има активна и пасивна аквизиција. За жал, колегите повеќе се научени на оваа втората т.е. да чекаат филмовите (и другите материјали) да дојдат во Кинотеката по слово на закон. Активната вклучува истражување, барање извори итн. Неколку години откупуваме филмови што се снимени во Македонија од странски сниматели и продукции, се надевам дека и годинава ќе продолжиме. Три години ги купувавме прилозите за Македонија од „Филмске новости“. Годинава бараме некои филмски материјали од Холандија. Многу сум упорен во мотивирањето на колегите активно да прибираат филмови.
И, се снаоѓаме. Некогаш прибирањето филмови е во сива зона. Сите кинотеки се снаоѓаат на сличен начин.
До каде сте со дигитализацијата?
Имаме скенер за слика (8, 16 и 35 мм и звук – оптички и магнетен). Работиме. Нешто скенираме, нешто реставрираме. Годинава решивме повеќе да скенираме. Тоа, всушност, беа и советите од колегите од Данска и од Белгија што нè посетија пред неколку години. Реставрацијата сè повеќе ќе се автоматизира и сега е поважно да имаме скенирани материјали.
Неодамна во издание на Кинотека излезе автобиографската книга на Луис Буњуел –„Мојот последен здив“. Како го правите изборот на книгите што ги издавате?
Лани издадовме две книги преводна литература, а во речиси 50 години постоење Кинотеката сосе овие две имаме објавено четири, од кои едната се однесува конкретно на филмската архивистика – тоа е посебно стручна книга со тесен интерес. Според тоа, главно објавуваме домашни автори. „Музиката во МКД филм“ на Александар Трајковски, Стојан Синадинов „Хроника на еден филмски сон“ за Антонио Митрикески, книгите на Атанас Чупоски, монографијата МАНАКИ40… и традиционално списанието КИНОПИС што излегува еднаш годишно.
Изборот го правиме во Кинотеката, ги предлагаме книгите во Министерството и заедно одлучуваме во согласност со буџетот предвиден за издавачка дејност.
(Полу-авто)биографијата на Буњуел ја објавивме со помош на Шпанската амбасада на моја иницијатива. Се надевам дека ќе продолжиме да објавуваме различни книги посветени на филмот, па дури и белетристика. Сакам да ја објавиме ТРИФО-ХИЧКОК, автобиографијата на Бергман ЛАНТЕРНА МАГИКА… Некоја основна филмска литература.
До крајот на годинава ќе му помогнеме на Филозофското друштво (финансиски и стручно) да објави книга на Андреј Тарковски. Значи и такви „копродукции“ се можни.
Имам идеја за неколку македонски книги, колку ќе ги реализираме тие идеи, не знам. Тоа зависи и од колективот.
Во април на програмата на Кинотека е ретроспектива на еден од најголемите режисери на денешницата, Милош Форман. Каква публика доаѓа на проекциите? (Ме интересира колку младите се заинтересирани за постарите филмови. Имате ли некој чисто информативен увид. )
Вчера, на проекцијата на „ЉУБОВТА НА ЕДНА РУСОКОСА“ видов ќерка на еден мој другар. Публиката беше, слободна процена, 60:40 на страна на повозрасните (50+). На „КОСА“ имаше неколку панкери. Се пошегував дека избрале погрешен филм. Рекоа дека ќе излезат ако не е добар. На крај на филмот кога излегувавме, се насмеавме. Останаа до крај.
Не правиме анкети, но има млади што доаѓаат да гледаат „херитиџ“ филмови.
Лесно е со Форман и Тарковски и Вендерс. Тешко е да се собере публика на Довженко или Раул Волш (или слични на нив) или на Лилијана Кавани или Сатјаџит Реј, кои нашата публика, особено помладата, воопшто не ги познава, а и ние сме ги заборавиле.
Што е/беше клучно за да се врати публиката во киносалите. Јасно ми е дека има филмофили што ја претпочитаат магијата на киното, но како да се регрутираат нови млади, оние што ги користат многубројните платформи и гледаат филмови и серии на лаптоп?
Заклучокот на еден повозрасен киноприкажувач од Канада беше дека пред 30 г. просекот на посетителите кај него бил 50 г., а исто е и сега. Ние работиме на долги патеки. Не брзаме. Луѓето ќе си дојдат. Ќе им влеземе под кожа. Ние не нудиме само приказни, нудиме стил на живот.
Што ни подготвувате до крајот на годината, какви ревии на филмови ќе има?
Класичните циклуси италијански и шпански филм си остануваат, секој месец најмалку еден француски и германски филм си остануваат, се враќаме со шведски филмови – документарци и играни. Подготвуваме циклус бугарски документарни – направивме многу интересен избор со колегите од бугарската филмотека. Претставување на Кинотеката на Република Српска. Спремаме циклус ерменски филмови. На Фестивалот на нем и класичен филм ќе имаме црногорски филмови, и фантастичен избор хрватски филмови вклучувајќи го единствениот југословенски оскаровец. Ќе продолжиме со чешките филмови, се надевам и на обезбедување унгарски филмови. Веќе го спомнав Сатјаџит Реј. Ги имаме Филозофскиот фестивал, Синедејс и Скопскиот фестивал. Киненова, секако. И она што ни следува прво се гостувањата на еден многу интересен автор Дејвид Рикер, потоа на Желимир Жилник и Раду Романиу и Оана Тудор кои ќе дојдат на отворање на неделата на романски филм што отвора со нивниот филм „MAN OF DEEDS“. Го знаете влијанието на современиот романски филм во современиот светски филм.
Дали некогаш си размислувал дека Кинотека може да прерасне во еден мултимедијален културен центар?
Не. Кинотеката си е кинотека. Имаме еден МКЦ, немаме намера да правиме друг. Некогаш имаме изложба или концерт. Филмот ги обединува сите уметности, но ние пред сè сме Кинотека, а тоа е комбинација на филмски музеј (киносала во која се прикажуваат филмови) и архив.
Како ти се зарази со филмови?
Лесно е да се заразиш со филмови, тешко е да се заразиш со нуклеарна физика.
За крај кажи ми ја твојата листа на 5 најдобри филмови и 5 филма што ти се допаднале од поновата продукција.
Има многу добри филмови. Тешко е да се направи топ 5. Неодамна излезе анкетата на Сајт енд саунд и прв на листата беше филм на Шантал Акерман, која досега ја немаше никаде во анкетите на Сајт енд саунд што се објавуваат на десет години. Сега-засега овие, другпат можеби сосема други.
- „Богатството на Сиера Мадре“, Хјустон
- „Граѓанинот Кејн“, Велс
- „Фани Александер“, Бергман
- „Филантропика“, Каранфил
- „Татко на службен пат“, Кустурица
Обично подоцна ги гледам новите филмови. Откако ќе слегне фрката околу нив, ако има фрка. Во последно време има одлични филмови со многу потенцијал, но го немаат последниот допир, оној од Бога, за да бидат фантастични. Затоа ставив една серија. Да не заборавиме дека серии порано снимаа Бергман, Фасбиндер, Карановиќ-Грлиќ… Има добри серии. И многу ѓубре, секако.
- „Со среќа дупење или улаво порно“, Јуде
- „Снежана на крајот умира“, Ристевски
- „Збогум морони“, Дупонтел
- „Уште една тура“, Винтерберг
- „ЕУФОРИЈА“, ТВ-СЕРИЈА
Текст и фотографии: Илинка Делчева