Приказната за бендот започна сосема невино во втората половина на 90-тите. Како и сите тинејџери во тоа време, ние бевме генерација на транзицијата, период што беше тежок за сите. Сакавме да направиме многу, а можностите беа малку. Лесно беше да си револтиран од ситуацијата, тешко беше каде да го канализираш целиот тој бес од секојдневието. Самата идеја да направиш бенд во тоа време беше луда и невозможна мисија. Не сакам да звучам како луѓето што раскажуваат приказни како оделе пеш до школо низ планини, снег и 20 километри секој ден. Едноставно луѓето немаа музички инструменти, а немаа ни од каде да ги купат. Имаше една продавница што носеше еден бренд и тоа беше тоа, а со економската ситуација во тоа време не беше баш одам кај моите, кажувам сакам инструмент да правам бенд.
Таа економска ситуација мислам дека беше семето да се создадат многу „андерграунд“ бендови во тоа време. Бесни револтирани млади дечки, кои не беа дел од „црвената буржоазија“! Некои од тие бендови и рап артисти и ден денес творат и се активни!
Често слушам како кон тоа време се романтизира и никогаш „нема да е како на времето“! Да бидам искрен, освен дружбата и звукот на музиката од тоа време, сега сè друго е подобро. Од аспект на опрема, места и можности, сè друго е подобро. Да ве потсетам, во МКЦ тогаш концерт можеа да направат само привилегирани, за разлика од денес кога вратите им се отворени на сите и има настани нон-стоп.
Хардкорот е нашиот дом зашто каде и да одиш, секогаш се враќаш дома…
Звукот на бендот се оформуваше низ годините како и нашите свирачки способности. На првиот албум учевме да свириме и да компонираме, зашто немавме можности и да снимаме. Инспирација секогаш ни биле различни музички правци. Бендот беше нашиот монструм и место за експерименти, а ние бевме др. Франкештајн. Така што, тие 90-ти родија доста музички правци, кои ние ги пиевме секојдневно. Хардкорот беше нашиот дом, но секогаш под влијание на сè што беше околу нас дали од домашна музика или странска. Дали тоа беше дет метал, панк, хип-хоп, сè може да се почувствува во создавањето на звукот на бендот. Хардкорот е нашиот дом поради етички и идеолошки причини, но звукот на бендот секогаш ги преминувал тие граници, нашата публика тоа добро го знае.
25 години SMUT е на Д Фест. Приказната на крајот е сè што ќе ни остане покрај музиката…
Ќе oткријам една тривија на која добро се сеќаваме. За првиот официјален настап на бендот мојот пријател Васко Атанасоски нè повика да свириме на еден концерт на кејот на реката Вардар. Таму нè чекаше организаторот што на една патика имаше напишано „лева“, а на другата „десна“. Тоа беше Логин! Токму затоа и 25 години СМАТ е на Д Фест и логично е таа прослава да е поврзана и да се одржи токму со овие луѓе, кои некако се поврзани со бендот сите овие години низ различни ситуации. Нивните почетоци беа и наши почетоци. Тешкиот пат го одевме заедно, добро го познаваат бендот и се запознаени со нашето минато, како и со чекорите што ги планираме во иднина. На крајот на денот да не се лажеме, фестивалот има една многу позитивна, пријатна атмосфера, кој бил знае за што зборувам! На секој наш чекор прво го добиваме „зошто“? Е токму поради овие причини. Тие луѓе се дел од приказната, а приказната е сè што ќе ни остане на крајот.
Светот страда од глупи луѓе со самодоверба!
Претходниот албум нè научи две работи, а воедно и ми потврди некои работи што ми беа познати! Иако беше најприфатен наш албум и песните добро остареа, лично ме болеше. Целиот процес и цела таа енергија на мрак што беше собрана во мене излезе низ текстовите. Се одлучивме за директен пристап. Почнувајќи од самиот омот за кој не користевме „замислени непријатели“, туку ги ставивме непријателите на народот со лице и име. Кога излезе, имаше солени коментари и бевме лесна мета на гласачките тела што и да правевме. Не размисливме на моментот дека има луѓе што на кои целиот живот и енергија им е насочен токму кон овие ликови и би ги бранеле до смрт своите и нивните интереси. Имаат платена онлајн армија. Додека мислев дека сите исто нè боли ситуацијата, видов дека не е така, а најмногу ме болеше што мислеа дека ние селективно ќе напаѓаме политички страни. Меѓутоа ние секогаш сме биле против сите, а очекував веќе сите тоа да го знаат.
Најсмешно е што на политичките партии, артистите како нас им се „коњак“ за на протест и сè додека не се на власт. Кога ќе дојдат на власт, тогаш сме непријателот. Неколкупати сме прекинале пуштање на наши песни на нивните заткулисни настани! Едноставно нема компромис, тоа е нашиот став од почетокот до сега. Нема ништо пострашно на овој свет од глупи луѓе со самодоверба.
На времето беше подобро?
Нов материјал, нов пристап, нови теми, многу емоции. Имаме собрано и снимено материјал за два албума, но што ќе биде издадено е уште во процес на чистење. Како старееме сме попребирливи. Јас, на пример, сум фан на многу попримитивен начин на експресија додека другите членови сакаат малку и технички да ги обојат и тука е борбата. Луѓето што нè следат низ годините знаат дека моето мислење е, „ако пак им го дадеме истото што сме го дале минатиот пат, не е интересно ни за нас ни за нив“. Ако сакаш исто, пушти го претходниот албум. Баш поради ова секогаш сме биле во таа ситуација. На пример, излегува вториот албум, сите викаат дека им е срање зашто не бил како првиот. Бил премногу метал за хардкорците, премногу панк за металците! По десет години почнаа тетоважи да се појавуваат од тој албум и приказни „на времето“ и легендарниот негов статус и како мора да го свириме. Ние живееме сега, не гаиме носталгија. Ако си со нас сега и низ целото патување, добредојден си. Немој да ми зборуваш за на времето јас бев таму, не беше убаво, ти каде беше? Можеби затоа сме уште тука којзнае…
Во секој случај додека го пишувам ова, ги слушам новите песни снимени на релација Скопје – Лисабон и ќе ги чуете поскоро отколку што мислите.
До следното читање, пријатели…
Во светот кога мислиме дека сè е слободно и имаме многу виртуелни пријатели, си ги лајкаме животите додека ни проаѓаат пред очи. Почнуваме сите исто да мислиме и сме дел од таа cancel култура на слободата. Во слободното време што малку го имате, проверете како ви се блиските и пријателите! Кажете им дека ги сакате, некои од нив ги слушате и гледате за последен пат.
Ѓорѓи Иловски
* Во текстот се вклучени фотографии од Стефан Рајхл, Кочо Сотировски, Даниела Змајевиќ, и фотографии од архивата на бендот