Виртуелната изложба „Страв од височина” на Филип Ивановски – Пепе нѐ носи во еден постапокалиптичен амбиент каде што главен протагонист е времето. Филип го манифестира времето преку неколку симболи. Од една страна, тоа е претставено преку запчаниците, симбол за кој може да се каже дека веќе има архетипски карактер. Дополнително, го слушаме отчукувањето или звукот на човековото време, кое е дефинирано од изумот на часовник. Но, и покрај овие два наративни манифестации на времето, Филип нѐ сместува во амбиент кој ја симулира третата манифестација на времето, а тоа е временски неодредената локација. Опкружени сме со форми кои наликуваат на високи кули или пак на сталагмити и сталактити. Простор кој наликува на некаква соба или пештера во која некогаш се одвивал некаков живот, кој нас ни е непознат. Претпоставуваме дека се наоѓаме на временска локација во некоја многу далечна иднина, нашата земна иднина, од каде што го опсервираме минатото, кое пак од нашата сегашна временска точка сѐ уште не се случило. Овој научно-фантастичен контекст во кој нè сместува Филип, цели да ги испровоцира нашите чувства за несигурност и страв што произлегуваат од помислата на нашата минливост. Виртуелната изложба „Страв од височина” е изложба која зборува токму за стравот да сѐ погледнеме себеси во еден широк временски контекст, како поглед од многу високо каде што нашата појавност станува многу мала, минорна и кревка.
Изложбата на Филип можете да ја видите овде, со кликање на копчето „Поглед 360°“.
ТИМ Уметник: Филип Ивановски – Пепе | 3-Д дизајнер: Борко Хаџиевски | куратор: Илија Прокопиев | програмер: Милан Насевиќ | координаторка: Марија Христова
PrivatePrint – VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и наш долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на нашето студио. На даден предлог од уметник, тимот на PrivatePrint – VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор.
VR Studio 2022 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.
** Можете да ја погледнете и објавата PrivatePrint Meets: Филип Ивановски-Пепе LINK
** Наскоро на нивниот блог: Разговор со Филип Ивановски-Пепе