Здраво читателу, тука Марија!
Денес би сакала да ти раскажам малку повеќе за моето патување во Палермо, работите што ги искусив таму и зошто сметам дека секој треба барем еднаш да го посети овој главен град на автономниот регион и остров, Сицилија.
Да почнеме од почеток и со првите импресии.
За Сицилија велат дека е душата на Италија – и многу брзо сфативме зошто. Летот Наполи – Сицилија доцнеше и имавме мискомуникација со местото каде што требаше да бидеме сместени. Немаше како да влеземе ниту да провериме што се случува бидејќи интернет немаше на повидок дури ни кај локалците. Околу нас сите зборуваа многу гласно и целата атмосфера нè натера да се запрашаме: „Добро, каде дојдовме?“
Сѐ додека не побаравме помош. Во тој момент посведочивме таква сплотеност што 10 луѓе од улицата се ангажираа да ни помогнат, иако во Палермо, а и општо низ Сицилија, шансите да се разберете со локалците на англиски се минимални.
Со мал стрес за почеток, на прв поглед Палермо е хаотичен, но далеку од тоа. Тука времето како да е застанато и луѓето уживаат во најмалите секојдневни работи. Дали има мани? Апсолутно – како и секој голем град пробува да се справи со своите турканици, загаденост и сиромаштија. Но, сето тоа е споредно откако ќе поминете еден цел ден таму.
Накратко за Палермо, градот е стар повеќе од 2.700 години и богатата историја, култура, архитектура и гастрономија се дел од работите што најдобро го опишуваат. Палермо се смета за еден од најосвојуваните градови во светот низ вековите, а знаејќи го овој факт, бевме свесни дека неговото откривање ќе нема крај.
Сицилија сама по себе е посебна и духот што го носи е далеку од сѐ што сте посетиле низ Италија бидејќи, повторно, таа е мешавина од култури и освојувања низ вековите. Дури и сицилијанскиот јазик што го користат е изведен од различните земји и народи што низ историјата биле стационирани овде. Секое најобично седење на кафе, кое го пиеш во мир со себе, е доволно да пробаш да ги забележиш сите мали моменти наоколу. Многу често сицилијанците знаат први да почнат муабет и да продолжат да ви зборуваат на сицилијански како да ги разбирате. Едноставно сакаат да зборуваат. Многу.
Градот е целосно рамен и совршен за да изренташ тротинет или да го шеташ пеш. Доколку си сместен во стариот историски дел – тогаш ќе го имаш вистинското автентично искуство, а бонус е доколку си сместен околу некои од локалните пазари. Четири до пет дена се доволни за да се види убаво сѐ.
Еве неколку точки низ историскиот дел од градот што се блиску една до друга и не е потребен план за нив затоа што шетајќи го градот, поминуваш низ сите:
- Norman Palace & Palatine Chapel
- Palermo Cathedral
- Quattro Canti
- Fontana Pretoria
- Piazza Bellini Churches
- Teatro Massimo
Улични пазари низ Палермо
Кога станува збор за пазарите низ Палермо, возбудлив е зборот што го бараме. Како најпосетени ќе ги сретнеш Ballaro Market и Mercato del Capo каде што жителите стануваат многу рано и ја приготвуваат „уличната храна“ што во текот на денот, но не подоцна од 3 часот попладне, е достапна на овие пазари. Жителите на Палермо го внесуваат својот дух во приготвувањето и презентацијата на храната и може да се најдат автентични сицилијански јадења од аранчини до гранита, разни морски специјалитети, многу свежо овошје и цедени сокови како и готвени јадења со модар патлиџан, кој го користат во многу од своите сицилијански специјалитети. За разлика од други земји со пазари, тука продавачите воопшто не се нападни. Напротив, окото на туристите шета низ сите тезги и секој сака да проба по нешто.
La Vucciria e фаворит на повеќемина бидејќи функционира како целодневен пазар. Приквечер, работите што биле достапни во текот на денот на тезгите ги нема, а од мали гаражи се отвораат нови мини ресторанчиња каде што може да се пробаат разни сендвичи и пржена храна што е застапена во поголемиот дел од сицилијанската кујна. Ќе го доживееш како збирно место за излегување со музика од сите страни каде што луѓето буквално стојат со своите пијалаци на улица и уживаат во атмосферата. Тука ги пробавме некои од највкусните јадења на целото патување и го посетивме уште двапати.
Катедралата во Палермо
Другото име што често се спомнува за Палермо е „градот на црквите“. Има приближно 150 цркви, секоја уникатна сама по себе со своја историја, фрески и мозаици. Не посетив сѐ што сакав (на пример, Cattedrale di Monreale), но во град со толку многу содржина и не е можно да се види сѐ.
Катедралата во Палермо е еден од најважните архитектонски споменици на Сицилија. Изградена е од Норманите (или Нордијците) во 1184 година на место каде што постоела муслиманска џамија што била изградена врз христијанска базилика. Стиловите се движат од готски до средновековни, арапски и неокласика. Кога ќе ја посетиш наутро или навечер е како да гледаш две комплетно различни зданија.
I Segreti del Chiostro
Магично искуство што ќе го паметам засекогаш. Ова е од оние места што ќе ги најдеш преку препорака на пријател или некој што веќе ги посетил (фала, Иви!). Уште во античките времиња, во женските манастири во Палермо можеле да се купат деликатеси направени од рацете на монахињите. Рецептите биле строго доверлива тајна што се пренесувала само меѓу нив од генерација на генерација. Денес, во внатрешноста на Santa Caterina ќе откриеш една мала прекрасна градина, која води до проектот наречен I Segreti del Chiostro, мини музеј-продавница за слатки, каде што можеш да пробаш дел од традиционалните рецепти директно направени од монахињите и ден-денес. Мојот избор беа добро познатите каноли, кои ги има буквално на секој чекор, но најдобрите ги јадевме овде и во официјалното Cannoli.
Orto Botanico di Palermo
Не проаѓа посета на кое било место додека не стапнам во ботаничка градина (доколку градот ја има). Велат дека град што ги негува своите ботанички градини е прекрасен град, па таков е и случајот со Палермо. Ботаничката градина претставува и истражувачка и образовна институција при одделот за ботаника на Универзитетот во Палермо. Градините во моментов се дом на најмалку 12.000 различни видови растенија. Ја шетав со часови и ми беше едно од омилените места што ги посетив. Таа најчесто не е на листата што ќе ја најдеш за 2 или 3 дена посета на Палермо, но доколку си љубител на зеленило и растенија, не треба да ја одминеш.
Магијата на Палермо е одново и одново да се губиш низ старата архитектура, да погледнеш каде било и да видиш уникатни и автентични балкони со растенија и со спружени алишта, мирис на храна што е тазе направена и чури од секое ќоше, да пиеш локално пиво пред трафика и едноставно да пробаш да го разбереш сицилијанскиот начин на живот, кој е посебен.
Марија Јанеска
Марија е маркетинг менаџер – сака да раскажува уникатни приказни, да им помага на животни, многу да патува и да готви за семејството и за пријателите.