Таа се состои од разговори со реномирани музичари, фотографи, режисери, новинари, автори. Поделена во неколку поглавја во книгата се наоѓаат интервјуа со класични музичари како Филип Глас, Макс Рихтер, Олафур Арналдс, Мориконе, Симон Трпчевски, потоа Dead Can Dance, Анушка Шанкар, џез музичари како Гоце Стевковски, Џек Деџонет, Рон Картер, фотографи како Жига Коритник, Бил Вајман (Ролинг Стоунси) или новинари/автори како Алан Лајт, Бред Толински и Тошо Филиповски. Книгата е широк калеидоскоп на приказни и луѓе кои заедно прават преглед на современата музичка сцена – во светот, регионот и во Македонија.
„Уште музика, уште муабети е уште една колекција од интервјуа кои ги имам правено со годините за различни медиуми во различни држави. Од поглавјата како се уредени може да се види калеидоскопот на луѓе кои се обединети во ова дело. Значи не само што жанровски е богато со луѓе од светот на класичната, етно, електронска, рок, сцена туку тука се и новинари, писатели, режисери, фотографи. Сите овие луѓе споделуваат искуства од прва рака, што е најважно и ја покажуваат ширината на светот на музиката и визуелните уметнности повторно од прва рака“ – вели авторот.
Во предговорот на книгата, професорот Милан Дамјаноски ќе истакне:
„ Колку и да звучи контраинтиутивно, во историјата најчесто првиод допир со новата музика љубителите го имаат преку пишаниот збор, без разлика дали е тоа како дел од дневниот печат, интернет порталите или топ листите кои се објавуваат. Музичките новинари се тие мајстори копаничари кои ја длабат рамката, го обликуваат релјефот во кое таа се раѓа и зрачи, конечно го сместуваат делото и авторот во контекстот каде што најдобро ќе се види неговата вредност и значење. Воедно, тие оставаат и документ за своето време и за својата културна средина, текстуален споменик за вредностите на едно време, хроника на културниот живот на еден град и држава, како и мапа на комуникацијата на таа средина со светските културни вредности и трендови. „Уште музика,уште мубаети“ е трета книга во оваа серија, со што симболично ја заокружува рамката во која го изложува својот поглед на македонскиот и светски музички и културен пејсаж.“
Книгата е достапна преку книжарницата Полица или онлајн како и во другите книжарници во Скопје.