Од снаодлив тинејџер до огнен и мрачен љубовник, од исчезнат свршеник до познат моден дизајнер… Гаспар Улиел зад себе остава богата филмографија со триесетина еклектични и исто толку моќни играни филмови. Во оваа статија фрламе поглед наназад на клучните филмови во неговата кариера крунисана со два Цезари – највисока актерска награда во францускиот филмски свет.
„Пактот на волците“ (2001)
Дејството на филмот се одвива во 1766 година кога мистериозен ѕвер се појавува во планините на Геваудан и напаѓа многу жртви без никој да може да го идентификува или убие. Во овој вознемирувачки игран филм на Кристофер Ганс, Гаспар Улиел го гледаме заедно со Моника Белучи. Тој овде игра помала улога, но брзо е понесен од успехот на филмот што доживува голема популарност во САД.
„Изгубените“ (2003)
Токму во овој филм, Гаспар Улиел ја добива својата прва главна улога, заедно со Емануел Беарт. Во „Изгубените“, Гаспар Улиел ја игра улогата на Иван, чуден и неписмен 17-годишен тинејџер, кој во јуни 1940 година среќава вдовица учителка што се обидува да им побегне на Германците од Париз, со своите две деца. Со незапирлива снаодливост, Иван ги оддалечува од опасноста на митралезите и сите заедно ќе се населат во напуштена куќа. За овој филм ќе биде номиниран за Цезар за најперспективен млад актер.
„Долга свршеничка недела“ (2004)
Гаспар Улиел ќе го добие првиот Цезар за најнадежен актер токму за овој филм. Филмот „Долга свршеничка недела“ на Жан-Пјер Жоне му дава можност на актерот да ја лансира својата кариера во улогата на Манех, свршеникот на Матилда, улога што ја толкува Одри Тоту. Ликот на Улиел исчезнува во војната во 1917 година, а неговата свршеница одбива да поверува дека е мртов. Овој драматичен филм го прикажува Гаспар Улиел во интересна и магнетски привлечна улога, лик растргнат помеѓу лудилото и детството. Актерот глуми војник осуден на смрт откако се самоповредува за да избега од својата должност. Но, дали навистина е мртов? Матилда не верува во тоа.
„Jacquou Le Croquant“ (2007)
Филмот „Jacquou Le Croquant“ на Лоран Бутонат е адаптација на романот на писателот Ежен Ле Рој. А кој подобро од Гаспар Улиел да го отелотвори ликот на Жаку? Оваа улога ќе му донесе голема слава на младиот актер и ќе го направи миленик на целата филмска индустрија.
За оваа улога актерот морал да помине ригорозни тренинзи, бидејќи ликот на Жаку бара голема енергија. Жаку е бестрашен млад, правдољубив човек, кој имал тешко детство по загубата на родителите. Откако ќе стане полнолетен, тој станува водач и со сите сили се бори против угнетувањето што го трпат селаните од селото Фанлац.
„Сен Лоран“ (2014)
Токму со филмот „Ив Сен Лоран“ на Бертранд Бонело, Гаспар Улиел ја остварува улогата на комплексен и моќен маж во онаа временска точка од кариерата на познатиот моден дизајнер кога тој избира да го напушти Диор за да создаде сопствен бренд на луксузна облека. Во оваа улога, Улиел, исто така, отелотворува мрачен и кревок лик, а со оваа улога ја зацврстува својата меѓународна кариера и го лансира своето актерско име на меѓународно ниво.
„Тоа е само крајот на светот“ (2016)
Во овој филм на канадскиот режисер Ксавиер Долан, Улиел го игра Луис, успешен хомосексуален автор што го наоѓа своето семејство по 12 години отсуство за да им соопшти дека наскоро ќе умре. За оваа улога актерот ќе добие втор Цезар. Филмот е адаптација на драмата на Жан-Лук Лагарс, а се снимал 10 дена со навистина впечатлива актерска екипа од 5 интернационални ѕвезди на францускиот филм – Марион Котијар, Винсент Касел, Натали Баје и Леа Сејду, се разбира заедно со Гаспар Улиел.
„Сибил“ (2019)
„Сибил“ е филм во режија на Жастин Триет. Овој психолошки трилер е брилијантен и суптилен филм, во кој Гаспар Улиел го гледаме во улогата на Игор, љубовник на Марго (Адел Ексархопулос), која е во улогата на актерка на терапија кај психоаналитичарката со страст за пишување (Вирџини Ефира). И оваа улога плени со комплексните слоеви на ликот на Игор во односот со Марго, што е перфектно доловен од генијалниот актерски сенс на Гаспар Улиел.
Драган А.