Во последните 20 години, постојано создава емотивна музика, која му е својствена само нему и која имагинативно спојува минималистичка естетика со амбиентална музика. Како резултат таа е емотивна, трогателна, спокојна и уште многу работи помеѓу. Всушност, тој е дел од една интересна генерација современи композитори како Олафур Арналдс, Јохан Јохансон, Хилдур Гуднадотир, Нилс Фром, кои класичната музика ја осовременуваат на иновативни начини со тоа што ги бришат границите помеѓу електронската и класичната.
Пред да се истакне како автор, тој беше познат како соработник на бендови и луѓе од електронската сцена како Future Sound of London, со кои соработувал на албумот „Dead Cities“, и Рони Сајз со „In The Mood“. Подоцна тие концепти од електронската музика ќе ги примени и кај своите проекти, а највпечатлив е ремиксот на Четирите годишни времиња на Вивалди, односно „Recomposed by Max Richter: Vivaldi – The Four Seasons“.
Кај Рихтер, општествената и политичка улога на музиката во секојдневниот живот воопшто не е отфрлена или занемарена и тој во своите дела наоѓа инспирација во пошироки концепти и теми поврзани со литературата, политиката, активизмот и протестот. Со албумот „Voices“ ја обработува темата со човековите права, и тоа на голем, глобален начин. Инспириран од нечовечкиот третман врз заробениците во затворот во заливот Гвантанамо од страна на американската војска, албумот „Voices“ се базира врз Универзалната декларација за човекови права. За потребите на албумот и за пораките што ова издание ги испраќа тој направил повик преку социјалните мрежи за снимки од луѓе како на своите јазици читаат извадоци од оваа Декларација. Ова дело е негова реакција за сè поголемото нарушување на човековите права низ светот.
Во еден свет каде што се сè поевидентни зголемувањето на автократски и хибридни режими, негрижата и нарушувањето на човековата гордост и права, лошиот третман со мигрантите, климатските промени, сè поголемата сиромаштија и сегашната пандемија, албумот „Voices“ ја отсликува загриженоста на Рихтер за свет што скршнал по погрешната патека. Ова дело ја користи моќта на музиката за да ги обедини луѓето од различни култури, религиозни сфаќања и политички убедувања и нуди простор за размислување за време на овие времиња без преседан. Меѓу овие извадоци се наоѓа и читање на македонски јазик од страна на новинарката Биљана Николовска од Македонското радио (темата „Journey Piece“).
Исто така, неговото епско дело „Sleep“, кое е 8-часовен концептуален албум што се базира на невронауката за сонот, е повторно во жижата на интересот. Самото издание е сега направено во вид на апликација што нуди избор како ќе се користи – за спиење или за медитација. Бидејќи своевремено ова издание предизвика реакции на воодушевување, веднаш потоа Рихтер имаше целовечерни настапи со ова дело во градови како Берлин, Сиднеј, Париз, Лос Анџелес. Идејата зад оваа музика и овие целовечерни настапи се тема на документарниот филм „Sleep“, кој е и портрет на овој композитор. Филмот е дел од репертоарот на 11. издание на „МакеДокс“.
Покрај овие изданија и проекти, неговата музика е присутна во повеќе од 50 филмови и ТВ-серии, меѓу кои би ги спомнал „Waltz with Bashir“, „My Brilliant Friend“, „Arrival“, „Mary Queen of Scots“ и „Ad Astra“ или сериите како „Black Mirror“ и „Taboo“.
Интервјуто се случи преку апликацијата „Зум“ и започна со разговор на тема за последиците од епидемијата со корона-вирусот врз него и неговата музика. Тој седеше во своето домашно студио пред полица со многу книги и внимателно и отворено зборуваше за најразлични теми.
Во моментов, светот минува низ глобална здравствена криза предизвикана од корона-вирусот. На кој начин кризата со КОВИД-19 влијаеше врз вас и на уметнички и на личен план?
Лично, претпоставувам исто како и кај секого. Со семејството и децата сме изолирани во нашата куќа. Веќе имаме чувство дека многу време има поминато. Ми недостига да се видам со пријателите исто како и на сите и да излегувам. Такви работи. Но, што се однесува на креативната работа, навистина не се променија многу работите бидејќи тоа што го правам е да седам во соба и да пишувам ноти на хартија. На одреден начин имав среќа. На сите мои пријатели и колеги што се музичари или работат во оркестри или бендови целиот живот им е ставен на пауза. Иако откажавме многу концерти, свирењето концерти не го зазема најголемиот дел од мојот живот. Мојот живот главно се состои од компонирање. Имав голема среќа. Јасно е дека ова е еден вид доба на анксиозност во која живееме.
Каква одговорност чувствувате како музичар сега во врска со состојбата во светот?
Не можам да зборувам во име на другите музичари, но, за мене лично, мислам дека креативноста, музиката, уметноста, филмовите, книгите – сите овие работи можат да понудат голема помош, т.е. да послужат како голема помош и да понудат утеха или диверзија, па дури и воздигнување, еден вид инспирација за луѓето. И тоа е една од причините поради која сакам да бидам крај музика, тој воздигнувачки ефект што таа може да го има. И мислам дека креативноста и културата се дел од начинот на кој едно општество зборува со себе, како се обидуваме да сфатиме што се случува и како да се најде смислата во светот. Мислам дека е тоа многу важно, особено во тешки времиња како овие.
Како дојдовте до идејата за албумот „Voices“? Каков беше креативниот процес зад него и кои беа емоциите што го придвижија?
Сѐ започна во 2010 година, со настаните во Гвантанамо. Како и сите, бев шокиран од вестите што се раширија од базата за начинот на кој заробениците беа третирани и сите приказни што кружеа. И напишав едно мало дело „Mercy“, како реакција на сето тоа и како начин самиот лично да го сфатам тоа што се случуваше. А потоа, со годините, јас и Јулија Мар, мојата креативна партнерка, започнавме да размислуваме за тоа да создадеме поголемо дело, а јас постојано пишував нов материјал околу таа тема, околу приказната. Сето тоа со намера да направам поголемо дело што би било реакција не само кон тоа туку и за сè што се случуваше во последните 10 години. Ова чувство дека овој тип на либерален консензус што го придвижува светот по Втората светска војна почнува да еродира. Популистичката политика, автократската политика, финансиските притисоци, еколошките притисоци, технолошките притисоци – сите овие работи почнуваа да го подриваaт овој либерален проект, што за мене чувствувам дека е штета и загуба. И ова е навистина заднината на „Voices“.
На кој начин овие различни, глобални гласови што можат да се слушнат ѝ служат на приказната на овој албум?
На албумот се присутни три типа гласови. Првиот е гласот на Елеонор Рузвелт, кој бил снимен во 1949 година. Очигледно таа била важна за Универзалната декларација да биде напишана. Таа го придвижила и го надгледувала целиот процес. Затоа сакав таа да биде присутна на почетокот од албумот. Вториот глас што го слушаме е тој на Кики Лејн. Ми се допадна нејзината нарација во филмот „If Beale Street Could Talk“ и сакав млад глас да биде главниот наратор бидејќи суштината на содржината од Декларацијата е навистина за потенцијалот. Се работи за човечкиот потенцијал, за иднината и за можноста – можноста за подобар свет всушност. Нејзиниот глас ја има таа младешка енергија во себе и е многу нежен глас. Навистина ми се допадна тоа. А потоа, третиот тип на гласови што ги слушаме се снимки што ги добивме од многу луѓе. Ставивме повик на социјалните мрежи и стотици луѓе испратија свои снимки со читања на извадоци од Декларацијата на нивниот мајчин јазик. И ги искористивме нив како еден вид пејзаж за музиката да го пополни. Навистина сакав сите овие различни гласови на различни јазици да ја стават во преден план универзалноста на содржината од Декларацијата. Оваа содржина е за секого. Тука лежи нејзината магија.
„Voices“ дава акцент на човековите права, кои важат подеднакво за сите, и го критикува нивното системско злоупотребување. Албумот беше објавен среде пандемијата со корона-вирусот, кога кризата ја прикажа неефикасноста на системите во кои живееме – политичките, финансиските, здравствените – буквално на секое ниво. Ја прикажа нееднаквоста меѓу класите, а и со полициските часови основните права на луѓето беа привремено суспендирани. Со тоа се зголемија овие нееднаквости меѓу луѓето и искористувања и узурпирања на моќ од владејачките класи. Но каде ја гледате вредноста на музиката да ги поврзе луѓето во овој момент?
Мислам дека кризата со КОВИД-19, како што кажувате, ги разоткри сите слабости и кревкоста на нашиот претходен систем, нееднаквоста, нерамномерната распределба на богатство, моќ и привилегии и сите оние работи што испливаа на површината за време на пандемијава. Таа ги погоди луѓето што се најмалку способни да се грижат за себе. Нив најсилно ги погоди. Ќе мораме да размислиме повторно за тоа во каков свет би сакале да испливаме. На некаков начин, се случува една пауза во која живееме и таа е исто така и можност за да направиме рестарт. Мислам дека дел од процесот на размислување е поврзан со креативноста. Луѓето им се навратија на музиката, книгите и филмовите, на еден вид чувство за заедништво, кое најмногу треба во моменти кога сме под притисок како што сме всушност сега. Мислам дека креативноста може да биде неверојатно важен дел од моментот како овој и „Voices“ е мал придонес кон тој разговор што сите го водиме во моментов.
Ајде да зборуваме за проектот „Sleep“. Со новиот истоимен документарен филм се даде увид во содржината на овој проект, како и на целовечерните концерти што се случија на локации во Париз, Лос Анџелес, Берлин, Сиднеј. Која беше првичната идеја зад „Sleep“?
Албумот „Sleep“ беше напишан како еден вид креативно истражување за начинот на кој музиката и спиењето би можеле да коегзистираат. Се работи за истражување на разликите меѓу слушање и слушнување и се работи за испитување каде се случува музичкото искуство. Дали се случува во свесниот ум и дали влијае на нас на поинакви начини? Исто така, тоа е и еден вид протестна музика против животите што се базираат на зјапање во екрани и за ултрабрзиот начин на живеење, 24/7. И всушност беше напишан како реакција за мојот впечаток дека сме хронично ненаспани. Дури и стануваме такви сè повеќе и повеќе бидејќи сме многу приклучени и ни е потребно место за одмор. И едно парче музика може да биде место за одмор. Затоа го направив ова големо дело и тоа е еден вид експеримент, навистина. Беше наменето да биде слушано во текот на ноќта или да се искуси додека се спие. Но, всушност, луѓето открија секакви начини да ја исползуваат оваа музика во своите животи додека се будни. И тоа е забавниот дел од создавањето на едно дело. Потоа луѓето наоѓаат простор за него во своите животи каков што не сте очекувале. Затоа може да се каже дека е навистина убаво да се види како се одвива патешествието на „Sleep“.
https://www.youtube.com/watch?v=0BHamuVrtdk
Како идејата зад ова издание еволуира во 8-часовен музички циклус? Со ова се пробиени стандардите на обичното слушање.
За едно дело да може да биде искусено додека се спие, мора повеќе или помалку да биде со вистинското времетраење за да може да се преспие. Затоа 8 и пол часови се чинеа тамам. Мислам дека тоа е повеќе или помалку препорачаното време за спиење. Беше вистинско патешествие да се напише и да се создаде ова дело. Се разбира, да се изведува во живо е секогаш многу посебно и секогаш има разурнувачко дејство за нас како изведувачи бидејќи има многу музика за изведба. Имаме стотици партитури за свирење.
Какво беше чувството да се свират овие целовечерни концерти во сета должина?
Тоа беше неверојатно искуство бидејќи, кога првпат настапивме, навистина не знаев што да очекувам. Но многу бргу стана јасно дека имаше огромно чувство за заедништво за време на тој настап бидејќи луѓето беа во своите кревети. Тоа е многу ранлива состојба и тие се во кревет со стотици туѓинци околу нив. Затоа, тука има многу доверба да се биде дел од таа публика. Потоа динамиката меѓу изведувачот и публиката целосно беше превртена од страна на делото бидејќи, наместо да ја проектираме музиката, тоа што го правевме всушност беше да го придружуваме тоа што се случуваше. Затоа, кај изведбата на „Sleep“, главната работа што се случува е дека луѓето спијат, а ние даваме акустичен пејзаж за да го посетат. И тоа е навистина интересно. Всушност, искуството да се изведува е прекрасно иако е неверојатно исцрпувачко.
Што е тоа што апликацијата „Sleep“ го прави во споредба со претходно набројаното (албум, концерти, документарен филм)?
Апликацијата го продолжува личното искуство што некој може да го има со овој материјал. „Sleep“ е на одреден начин наменска музика, но таа димензија на намената може да се засили со апликацијата бидејќи можете да ја програмирате да направи некое дело да трае колку што сакате. А потоа алгоритамот зад апликацијата ќе направи музички кохерентна структура со тоа времетраење. И тоа е многу паметно нешто и сум навистина среќен со ова. За апликацијата чувствувам како да е нов влез во ова дело. Многу се заинтересирав за оваа идеја едно дело да има повеќе точки на влез. Оваа апликација е нов начин да се мине низ тој влез.
Вашата музика е повеќеслојна и носи повеќе аспекти во себе – носи чувство на откритие, успокојува, има неверојатна емотивна длабочина и нежност. Таа знае и да е сложена на емотивно ниво. Што се надевате дека комуницирате со вашата уметност?
Тоа е и причината зошто почнав да работам со музиката. Тука е мојата љубов кон музиката уште кога бев мало дете и причината зошто ја сакам е поради тоа што почувствував дека во музиката најдов место за размислување и исто така речиси и простор што нуди сигурност, може да се каже, во светот. Светот е честопати комплициран, непредвидлив, тежок – погледнете ја ситуацијата во која сме сега. Но музиката е нешто поинакво. Ни нуди некаков вид утеха. Ни нуди еден вид простор за спокој и исто така има потенцијал да нè воздигне. Да нè воздигне за да бидеме најдобри што можеме. Мислам дека тука лежи тоа што е прекрасно за музиката и сигурно тоа е тоа што го добивам од слушањето на музиката што ја сакам. Се надевам дека пренесувам нешто од тоа во музиката што ја создавам.
Ненад Георгиевски