Тамара и Дарко се заедно уште од времето кога тој играше за Работнички и кога само му ја предвидуваа блескавата кариера, а која тој во моментов ја достигнува на наше огромно задоволство.
Дарко и Тамара, нетипична „фудбалска“ двојка
„Ма каква селебрити двојка 😊, ние сме сосема нормални како и сите останати млади луѓе. Искрено јас и Дарко, (особено Дарко) сме такви карактери, што публицитетот, јавноста, славата не ни е во преден план напротив. Пробуваме да бидеме сосема нормално семејство, кое еве набргу ќе има трет член“ – ни вели Тамара пиејќи го утринското кафе во домот во Риека.
„Дарко има многу малку слободно време, но таков е професионалниот фудбал. Навикнати сме затоа што Дарко од многу мала возраст зачекори во професионалните фудбалски води, па мораше што се вели се да биде тргнато настрана“.
Ја сакам Ријека, но ја обожавам Опатија и „Hemingway bar“
„Кога сме веќе кај кафето, првото она утринското го пиеме со Дарко дома, но кога имаме можност да го сториме тоа надвор одиме во Опатија. Кој бил знае, а кој не топло му препорачувам да го посети ова место. Прекрасно мирно, покрај море. На Дарко му е потребен мир, одмор понекогаш, и заедно го пронаоѓаме таму“ – вели Тамара, на што се надоврзува Дарко откако ги заврши дневните тренинг обврски.
„Риека е топ, Опатија е супер, животот тука е одличен, уште да се договориме со Тамара која песна да си ја пуштиме во кола на пат за на кафе и се ќе биде екстра 😊. Имаме тотално различен вкус за музика, никако да се договориме што да „иде у кола“. Eminem Mockingbird, мој избор, или BIG Juicy, а со изборот на Тамара воопшто не сакам да се замарам :). – вели Дарко.
Момчето кое што ни оддалеку не ја дава типичната слика за македонски фудбалер, репрезентативец кој беше, е и остана свој и покрај огромниот успех, славата и парите кои доаѓаат сами по себе.
„Даре е истиот каков што беше на 15-16 години. Нема апсолутно никаква разлика. Музика, филм, серија и секако плеј – стејшн. Ќе мора малку таа рутина сега од февруари натаму да му се ‘разбие’, поради новиот член 😊 “
„Уф“ како би им се дерела на оние што го критикуваат
Тамара: „Нормално, редовно одам на натпреварите на Риека. А, фудбалот и натпреварите се посебна приказна. Овде навивачите се гласни, страствени, ‘јужњачки’ менталитет, што се вели. Неретко некој што седи до мене, го критикува Дарко. Е тука ‘вријам’; едвај издржувам да не влезам во ‘дискусија’ дали Дарко е виновен или не… 😊 Знам дека тоа не е дозволено и едвај се воздржувам. Често одам на мечевите со женско друштво. Риека, Хрватска, се дружељубиви, тука луѓето се многу фини. На почетокот кога дојдовме, секако бевме сами, но сега имаме голем број пријатели, дури и помеѓу навивачите, кои го ценат, го сакаат Дарко, го сметаат за свој“, вели Тамара.
Трампов брег, пршута и бикови образи
Дарко: Искрено животот во Риека многу ни се допаѓа, и на мене и на моето семејство. Типично за мене, мирно, без гужви, без врева. Јас сакам мир, сакам да сум со моето семејство. Моето е да кажам што имам на терен, а изјавите и интервјуата ако би можел, би ѝ ги препуштил сите на Тамара :).
Тамара: Туристите се воодушевени од рестораните, од храната, од атмосферата, од миризбата на риба, на пршута, на сѐ она што ги прави Далмација, Ријека, Сплит, Задар… целиот тој дел на Хрватска препознатлив.
Дарко: Далмација секако дека е позната по гастрономијата и кулинарството. Заштитен знак на Хрватска е најдобрата пршута. Искрено, рибата не ни е прв избор во нашиот омилен ресторан. Тоа е Трампов брег, а прекрасен е специјалитетот „Бикови образи“, мој омилен.
Дарко, дали е точно дека пред мечот со Шпанија, цела Фудбалска федерација на Македонија три часа се обидувала да те пронајде за да тргнете за Шпанија, додека ти и Тамара сте гледале филм со телефонот ставен на silent ? 😊
Дарко: „😊, да, да, точна приказна. Но за Македонија сум тука секогаш, кога и да треба. Тоа го покажувам секогаш кога сум на терен. Одиме сега против Италија напролет, во баражот да избориме мундијал, Светско првенство, да ја израдуваме нацијата уште еднаш, затоа што Македонија заслужува да се радува, да доживее среќни моменти. Секако дека месец Јануари секогаш покрај фудбал мене ми е исполнет и со уште една работа, а тоа е ракометот. Ги одгледав мечевите на нашата репрезентација, навивав за момците и за мојот брат Мартин, очекував секако и победа на некој од мечевите. Не сум разочаран, напротив горд сум на ракометарите кои како и ние фудбалерите секогаш максимално се обидуваме Македонија да ја претставиме во најдобро светло. “
Омилен клуб, играч?
Дарко: Дефинитивно Милан, а омилен играч уште од детството ми е Андриј Шевченко.
За крај, што би им посакале на фановите во новата година?
Сигурно дека единствена желба за новата година ни е да сме сите здрави и среќни… ако веќе нешто би избрале тоа што во овој момент на сите ни е најважно е да го сочуваме здравјето и да се обидеме да бидеме позитивни до крај…за сѐ друго има време и простор.
автор на текстот: Огнен Дојчиновски
фото: @chuprinaatamara