На 17 февруари во Народниот театар во Битола се одржа концерт на „Пијан Славеј“, самостојниот проект на Бранислав Николов, кој ни е добро познат како фронтменот на „Фолтин“. Во неговиот проект се вклучени и музичарите Андреа Мирческа, Славчо Јовев и Пеце Трајковски. Идејата на овој проект е да се креира една нова македонска шансона, осовременувајќи го стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
На овој настан имавме можност да го чуеме нивниот прв албум, но концертот беше многу повеќе од промоција на нов албум. Тоа не беше класична промоција, која е многу официјална, трае долго и има многу зборување и заблагодарување, наместо тоа ни приредија топла и удобна атмосфера во која ги слушнавме нивните музички дела. На сцената владееше радост и возбуда, кои публиката целосно и безрезервно ги прифаќаше и им се препушташе.

Бранислав е извонреден музичар, текстописец и поет, а во овој проект своите стихови успева да ги претвори во песни што допираат до секој од нас, па во публиката владееше видна возбуда, радост и жар за повеќе вакви музички дела. Бранко ни е познат по тоа што секој музички настап успева да го претвори во перформанс, а ова беше перформанс што никој не би сакал да го пропушти. Од настапите на „Фолтин“ сме навикнати таа поддршка на бендот и вистинското учествување на настапот да го даваме преку танцување, кое секогаш ги радува музичарите. Ова ми беше првпат седејќи да слушам дел од тој музички состав, кој со себе ги носи тие разиграни мотиви. Импресивно е тоа што воопшто не им беше тешко да ја размрдаат и да ја вклучат публиката во својот настап, иако сите седевме.

Низ уживање и занесеност во стиховите, пребрзо ми помина настапот што беше обележан со гласен и долг аплауз, на кој музичарите не останаа рамнодушни, па ни отсвирија уште една песна. Бидејќи песните од албумот не се многу на број, ни кажаа дека ќе мораат да отсвират песна што веќе била отсвирена, но тоа не беше проблем за никој од публиката, напротив речиси цела публика потпевнуваше, како придружба на пејачот, а неговата способност да комуницира со публиката додаваше на убавината и на пријатната енергија. Бидејќи и музичарите беа занесени во музиката и уживаа како и ние, не сакаа да ја напуштат сцената, па одлучија да отсвират уште една песна по избор на публиката, и додека се слушаа разни желби и предлози, почнаа да ја свират таа најгласната или прворечената, која можеби и ним најмногу им се допаѓа. Импровизирањето во нивниот настап не дозволува една иста песна да ни здосади, бидејќи секојпат таа песна знаат да ја отсвират на друг, нов начин, во кој можеме да го следиме нивното уживање во создавањето.

Концертот беше поддржан од Општина Битола, Народен театар и Центар за култура.
Оваа група е формирана кон крајот на 2021 година и ова не е нивниот прв настап. Претходно настапиле на „OFFest“ и „Скопски џез-фестивал“ како и на други фестивали како „DFest“, „Egnatia Escape Festival“, „Pin Music Conference“, но овој состав освен во нашата земја, имал можност да настапи и во Љубљана, Словенија, на фестивалот „Druga Godba“, кој е светски музички фестивал што се организира секоја година и еден од најважните музички фестивали во Централна Европа.

Бранислав Николовски за НТБ кажа: „Го воведов Пијан Славеј мислејќи на себе. Но, направив песна за птиците со тој наслов, потоа Пијан Славеј си го избори местото да стане и наслов на албум. По извесно време се обидов тоа име да си го вратам за себе. Значи тргнав од себе, името го дадов на групата и сега повторно со пишувањето поезија и нејзино преточување во музика, си го вратив Пијан Славеј.“
Викторија Мачковска