Тридневната програма на Д-Фестивал 2022 од 1 до 3 јули во Дојран ќе донесе повеќе од 50 музички групи и артисти на шест сцени. Со текот на времето фестивалот стана најзначајниот летен музички полигон на кој може да се видат и слушнат актуелни светски музички ѕвезди, да се презентираат групи од регионот, но и да се промовираат нови македонски проекти и млади музички надежи.
Проектот „Пијан Славеј“ на вокалистот и поет Бранислав Николов („Фолтин“) ги сублимира и зрелоста и искуството и младоста и талентот. Нивниот настап на Д-Фест е повод за разговор со Бранислав Николов, односно Пијан Славеј.
Д-Фестивал одамна ја објави својата богата и разновидна тридневна музичка програма. Меѓу артистите и бендовите на фестивалот со големи букви стои и Пијан Славеј, со настап на 3 јули во Дојран. На која сцена ќе настапите и во кој состав на бендот?
– Ми претставува исклучително задоволство и чест поканата за настап на Д-фестивалот. Со „Фолтин“ таму свириме доста често, на главната сцена, овој пат сосема соодветно, на Москито-сцената. На гитара и синт е Пеце Трајковски – Брада, Андреа Мирческа – бас, Славчо Јовев – тапани, и јас – вокал и мини електрично пијано.
Како проект, „Пијан Славеј“ беше претставен на Оф-фест 2021, потоа излезе првото ЕП на проектот, а првата концертна промоција ќе биде на Д-Фестивал 2022. Зошто го избравте овој фестивал за промоција во живо?
– Првата концертна промоција на Пијан Славеј ја имавме на 27 мај, во Љубљана, во рамките на фестивалот „Друга годба“, а ова ќе биде прва македонска. Сепак, оној, баш првиот настап, иако со скратена програма, беше на минатогодишниот Оф-фест. Свиревме полчасовен мини-концерт и бевме во малку подруг состав. Таму на тапани беше Мартина Баракоска, а на клавијатури Мартин Џорлев. Оттаму произлезе и ЕП-то во издание на Скопскиот џез-фестивал. Оттаму беше и поканата за концертот во Љубљана. И затоа Оливер Белопета ќе има секогаш посебно место во срцето на „Пијан Славеј“.
А во врска со нашата историја со Д-Фестивалот, можам да кажам само најубави зборови. Со самата таа долгогодишна традиција на наше учество со „Фолтин“ се подразбира и заемното вреднување и почитување. Изборот да се свири таму е логичен след и во оваа приказна. Еве, како заклучок, пак ќе кажам дека бевме навистина среќни и почестени кога баш луѓето од Д-фест нѐ поканија први за концертната промоција.
Првото концертно претставување на проектот „Пијан Славеј“ се случи на Оф-фест во 2021 година / Фотографија: Маја Аргакијева
На Д-фест имаш настапувано и со „постариот брат“ на Пијан Славеј – групата „Фолтин“. Какви сеќавања имаш за тие настапи и какви чувства имаш кон Д-Фест?
– Пред сѐ, добро е што тој фестивал не е во Скопје. Многу е важно да се „рашири играта“. Летните музички фестивали бараат посебен амбиент. Како што и воопшто, во тој период од годината луѓето од градовите имаат потреба да излезат од бетонската џунгла, така и урбаната култура, и таа бара нешто што е контрастно подруго од нејзината природна средина. Шума, вода, доживување под ѕвездите, многу повидливи на такво ноќно небо. А воедно, добро е да се даде социо-културна, па и финансиска инјекција, да се внесе малку радост во местата што инаку немаат многу можност да живнат. Д-фест е можеби и најдобриот open-air фестивал од тој вид кај нас. Според мене, со тоа што не сум бил на сите, сигурно е. Со „Фолтин“ сме свиреле неколкупати. Тридневна Мека и за публиката и за музичарите. Сеќавањата се празнични!
Колку време ти треба да се трансформираш од Бранко – Фолтин во Пијан Славеј?
– О, па категоријата време и не е баш соодветен фактор во „шалтањето“. Дотолку повеќе што јас истовремено ги проткајувам и ги слевам едно во друго и двата ентитети и идентитети. Кога свириме со „Фолтин“, има во мене нешто „славејско“, но и во другиот случај, кога сум Пијан Славеј, и тогаш носам многу „фолтинско“. Станува збор за фокусирање на два различни сензибилитети на една личност. Зборувам само за мојот мотив во двата бенда. Ако со „Фолтин“ сум дел од еден музички циркус, каде што акцентот на искуството споделено со публиката е ставен на забавата, френетичната динамика во промената на стилови и жанрови, па и еротичноста, со Пијан Славеј сум повеќе сосредоточен на поезијата и лирскиот фонограм на срцето. Тоа се моите два спротивставени енергетски принципа, кои не одат тотално одвоено, туку рака под рака, со блага доминација на едниот врз другиот.
Првото ЕП на Пијан Славеј е објавено за „СЏФ рекордс“ во 2022 година (Дизајн на обвивката: Александар Поповски)
На кое ниво во срцето се случува драмата помеѓу поетот и вокалистот во себе, и во однос на „Фолтин“ и во однос на Пијан Славеј? Или попрецизно, кога во тебе крикнува песна, а кога во себе создаваш стих?
– Нема драма меѓу нив. Сѐ е тоа едно. Моите стихови најчесто се раѓаат и се формираат во потребата од јазичната ритмика и јазичната музикалност. Значи, и кога се само во текстуален формат, сепак, апстрактно во нив се насетува, се чувствува музика. Така што, „стихоклепецот“ (стихотворецот, н.з.) и пејачот во мене живеат сложно, и со секој обид да се напише песна, постои и порив таа да биде пеана. Но, како напредува зборовната плетка, така станува јасно и извесно дали песната ќе крикне или ќе си остане нема. И можеби тука е драмата. Од секое гранче не бидува свирче. Ќе пропеат само стиховите што имаат к’смет. Музиката му дава посебна моќ на зборот. Го наоружува со пробивност во срцето. Па така, благословени се тие што убаво пишуваат, но уште поблагословени се тие што уште поубаво ќе запеат. И јас сум најблагодарен на ретките и посебни моменти кога тоа силно сум го почувствувал.
Концерт на „Пијан Славеј“ на фестивалот „Друга годба“ во Љубљана на 27 мај 2022 година / Фотографија: Жига Коритник
На првото ЕП на Пијан Славеј има пет теми. Со колкав репертоар практично располага бендот за настапите во живо?
– ЕП-то е само фрагментна збирка од репертоарот на Пијан Славеј. Идејата за него беше да се фати таа заедничка свиречка енергија и чувството меѓу луѓето во тогашниот состав. Зрелост и младост, машки и женски принципи, целата таа отворена и спонтана дружба се случи во речиси еден налет. Го отсвиривме Оф-фест и веднаш потоа го снимивме тоа што го имавме. Кратко и јасно. А што се однесува до репертоарот, имаше тогаш и други мои свежо снимени песни, кои некако не бараа да се преснимат за ЕП-то.
Е сега, мина време, се направија промените во составот, а со тоа и во изразот. Па на прашањето „колкав“, би го додал и „каков“ репертоар. Тоа сега звучи сосема поинаку. Едно е да работиш музика за снимање, друго е да ја спремаш за настап во живо. Суштински различен пристап и мотив. Тоа се две тотално различни искуства и за нас и за публиката. Ние не сакаме да ја смрзнеме музиката од снимката. Напротив. Музиката треба да е жива и постојано да се менува. Како и тој што ја свири… Сега имаме репертоар со фестивалски габарит, едночасовна програма. Но, тоа се развива и расте, па мислам дека до крајот на летото ќе имаме можност да почнеме и со самостојни концерти.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Сашо Димоски (насловна фотографија), Маја Аргакијева, Жига Коритник